Шумарите „културњаци“ избираат поглавици!

by Фокус

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Модерниот сириски писател Халид Халифа го лоцира моментот на избувнувањето на тамошната револуција во тоа дека, по многу поминати децении под режимот на Асадовци, татко и син, одеднаш Сиријците увиделе дека, сепак, многу време поминало во тој потсистем, кој граѓаните го изградиле за да можат да живеат покрај и наспроти тој ужасен режим, кој секогаш сакал длабоко да им влезе во нивните животи. Тој го опишува тој потсистем со смеса на култура, граѓанство и навики, кои овозможиле Сиријците да не го земат при срце режимот, кој никогаш не им лежел на срце.

Три години потоа, сега таму има многу крв, гадости и ужаси, па не може да се прави споредба со која било друга земја, но од опстојувањето на таквото општество, толку години покрај таков злосторнички режим, многу земји и народи можат да научат како се опстојува во такви тешки времиња. Нешто за што повеќе говори опусот на тој сириски писател.

НЕ СМЕ СИРИЈА, НО ЗА НАС И БОСНА Е РОСНА

Но, зошто падна збор за Сирија, кога тамошните ужаси ја прават неспоредлива со Македонија, освен за да се докаже дека, како што не личиме на Сирија, така не личиме ниту на Босна и Херцеговина. Така, иако во Босна поделбата беше подлабока, таа е подефинирана како систем од ентитети и федерација. И таму имаше институционална блокада на разните нивоа на власта, што придонесе да дојде до моментот на граѓанскиот бунт деновиве. Тука, и нема институции кои би можеле да се заглават, а згора на тоа, и поделеноста е повеќеслојна.

Дека и кај нас нема институции говори фактот колкав е обемот на нивната еднонасочност; институциите се тука спроти граѓанинот. Земаат, а не даваат ништо. Дури и не кажуваат. А Зоран Ставрески ниту долговите не сака да ни ги соопшти?! Освен ако не размислува сам да си ги исплати. Никогаш не се знае, отплатувале луѓето по паѓањето од власта сè и сешто.

Така, од еднонасочните институции би можело да почнеме од најидиотската, која така личи и според зградата во која се наоѓа − МРТВ. Таа блокира сметки на илјадници граѓани, но со денови на тој јавен сервис не може да се дознае што стана во Гостивар со труењето на учениците или во Тетово со експлозијата. Да не зборуваме за тоа дека, освен што со години во МРТВ само меѓу себе си прикажуваат, сега почнаа и само меѓу себе да се наградуваат?!

Ваквите еднонасочни, божем, институции ја прават и поделбата меѓу граѓаните повеќеслојна до атомизација. Помина „златното“ време на Македонци и Албанци, партизани и балисти, бугарофили и србомани. Сега дури и партиите имаат свои народи.

Така, едните, ДУИ, со едвај половина освоени гласови од само третина гласачи од вкупниот број Албанци, зборуваат во име на сите Албанци, а другите, ДПМНЕ, мешаат национален интерес со некој неразбирлив партиски интерес дури и за избор на претседател. Небаре поглавица ќе избираат, а не претседател на држава. Сега и вицовите за шумарите од она време веќе не важат, оти, ете, шумарите, ангажирани преку лотарија, се вработуваат и во театри и во други културни институции.

ПОГЛАВИЦА ИЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ПРАШАЊЕТО Е СЕГА

Иако претседателските избори паѓаат во сенката на непрогласените предвремени избори, тие, сепак, можат да бидат важен момент во историјата за тоа дали земјава ќе избере претседател или поглавица. Ако ДПМНЕ, како што веќе најави можност, реши нејзините делегати да изберат консензуален кандидат за претседател, прифатлив и за ДУИ и, пред сè, ако бидат понудени  независните кандидатури како избор, тогаш имаме шанса и овој пат да избереме претседател.

Ако, сепак, трендот отиде кон исклучување на цели интересни групи, како што почна со опозициските албански партии кои веќе најавија нивна незаинтересираност за овие претседателски избори, тогаш останува да се направи обид да се избере поглавица.

Доброто во таа можност е што и со растот на незаинтересираноста одѕивот ќе може некако да се постигне и ќе се избере поглавица со активирање на сите расположливи партиски механизми.

А лошото во тоа е дека поглавицата, поради формалноста, ќе мора да се избере по претседателски терк. Со тоа може да се случи поглавица да биде некој како претходниот претседател, Ѓорге Иванов, кој, поради ДУИ, ете, веќе е минато свршено време. Што е лошо, зашто, сепак, поглавица треба да е некој попрв!

Поврзани новости