Јавноста е во целосен информативен мрак за нашата европска интеграција!

by Фокус 14:39
14:39

Текстот е објавен на втори април 2010 во неделникот „Фокус“ број 770

Пишувал
Ивица БОЦЕВСКИ

Пред неполни три седмици, токму од овие страници предупредив дека Македонија е пред реална опасност, Брисел да оцени дека земјава нема функционална демократија. Во моментов морам да потсетам, дека ваквиот развој на настаните ќе биде невиден преседан во досегашната историја на европската интеграција. Имено, во досегашното постоење на Европската Унија никогаш не се случило една држава да добие позитивен извештај и препорака од Европската комисија за почеток на преговори, а веќе следната година да „спечали“ негативна оценка за состојбата со демократијата, пазарното стопанство и напредокот во усвојувањето на европското законодавство!

- Advertising -

Имајќи предвид дека изминува веќе половина од шпанското претседателство, како и дека веќе сме влезени во втората половина на известителниот период за Македонија, нужно е повторно да ја повикаме Владата јасно да обелодени која е македонската стратегија во сферата на европската интеграција во 2010 година. Во моментов се чини дека европската агенда воопшто не е предмет на владината агенда, а одамна не била и во фокусот на политичката дебата и расправите во цивилниот сектор!

СПОРОТ ЗА ИМЕТО КАКО СМОКВИН ЛИСТ

Завршувањето на процесот на визната либерализација не дава никому право да се откажува од натамошниот тек на европската интеграција на Македонија. И покрај тоа што клучен предизвик останува решавањето на спорот со Грција, ова прашање не смее да биде „смоквин лист“ зад кој што треба да се сокрие целосното отсуство на европската интеграција од дневниот политички ритам, уназадувањето на демократските процеси и несериозниот однос кон иднината на земјата и граѓаните.

Но, како резултат на целосниот недостаток на македонска иницијатива за продолжување на европскиот реформски процес, кон крајот на минатата година, делегацијата на Европската комисија доставила до Владата нови краткорочни показатели за следење на македонскиот пат кон Европската Унија во форма на „Ревизија на пристапното партнерство“ (Accession Partnership Review). Во документот јасно се изнесени клучните приоритети (key priorities), краткорочните приоритети (short term priorities) и показателите (indicators), кои ќе бидат клучни за оценувањето на напредокот на Владата во реформскиот процес во 2010 година.

Во документот, во поглавјето политички критериуми се разгледуваат политичкиот дијалог, изборите, Охридскиот рамковен договор, реформата на полицијата, реформата на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација и човековите права.

Во поглавјето, пак, за економските критериуми, се анализираат вработувањето и социјалната политика, отчетноста на јавните служби и супервизијата на финансиските услуги, додека, пак, во делот на усвојувањето на европското законодавство, како приоритетни се издвоени Договорот за стабилизација и асоцијација, информатичкото општество и медиумите, животната средина, земјоделието, безбедноста на храна, ветеринарните и фитосанитарните применети политики и слободното движење на стоки.

Секоја од овие точки е темелно разработена со клучни приоритети (key priorities), краткорочни приоритети (short term priorities) и јасни показатели (indicators) за следење на реформите на Владата во текот на 2010.

Целиот овој процес ја следи логиката на осумте одредници (benchmarks) и мошне јасно е дека Европската комисија сака да се увери дека се консолидирани реформите поврзани со одредниците (клучните политички и економски критериуми кои произлегуваат од Копенхагеншките критериуми) и дека нема да има уназадување на демократскиот и реформскиот процес. Изненадува фактот што осумте одредници се „проширени и надградени“ па прашањето за европската интеграција на Македонија воопшто не влегло во повисок стадиум на интеграцијата, каде што предизвиците би биле далеку пософистицирани од ова рудиментарно ниво на оценување на функционалноста на македонската демократија и македонското пазарно стопанство.

Мора да предупредам дека ќе биде трагично, доколку Владата си дозволи овие показатели да се преобразат во тврди одредници, пред да започне каква било работа на реализација на овие мерила кои ќе ја дадат оценката за македонската европска интеграција во 2010 година.

За жал, до денешниот ден, овие показатели не се презентирани пред македонската јавност, ниту, пак, имало јавна расправа за овие краткорочни показатели пред Собранието, Националниот совет за европска интеграција, Комисијата за европска интеграција, или, воопшто, пред кој било македонски форум или медиум!?

КЛУЧАРИ НА МЕДИУМСКИОТ ПРОСТОР

Интересно е јавноста да биде запознаена со некои од поинтересните краткорочни показатели. Така, на пример, во делот за политичкиот дијалог се зборува за „усвојувањето и имплементацијата на амандманите на Деловникот за работа на Собранието“ – барање кое што е во центарот на парламентарната активност на ЛДП, како и индикаторот за мазното функционирање на Националниот совет за европска интеграција и Комитетот за меѓуетнички односи. Би сакал веднаш да најавам дека ЛДП во наредниот период ќе го следи учеството на членовите на Владата во работењето на Собранието и неговите тела и темелно ќе ја информира јавноста за односот на владините функционери кон Собранието.

Во 2010 година станува веќе дегутантно да се расправа дека токму личниот однос на владините функционери кон работењето на Собранието е мерило за квалитетот на парламентарната демократија во едно општество. За жал, имаме ситуација на „неподнослива леснотија на владеењето“ и крајно арогантен однос кон Собранието на Република Македонија!

Меѓутоа, индикаторот кој посебно загрижува е потребата од „усвојување и имплементација на план за заштита на граѓаните од закани и уцени за време на изборниот процес, земајќи ги предвид забелешките на ОБСЕ/ ОДИХР“. Волку силен речник во оценката на предизборната атмосфера во Македонија не е употребен уште од историската 1994 година, кога алчноста на тогашната власт оневозможи слободни, фер и демократски избори, и внесе невидена ароганција и „зла крв“ во кревката македонска демократија.

Да се разбереме, овој индикатор ја дава кристално јасната оценка на меѓународната заедница за независноста на судството, автономијата на универзитетот, професионалноста на државната и јавната администрација, како и уште појасната оценка на способноста на сите досегашни македонски власти за комплетна инструментализација на извршната власт и на јавниот сектор при сите досегашни изборни циклуси. Овој индикатор е „дамоклов меч“ кој виси над легитимноста на следниот циклус на изборниот процес во Македонија.

Во истиот овој контекст се и мерилата за „информатичкото општество и медиумите“ посебно во делот на Совет на Радиодифузија и МРТВ. Европската Унија е загрижена за ефективната моќ на Советот за казнување на електронските медиуми кои не се придржуваат кон медиумските правила. Воедно, тука ЕУ го исцртува и следното поле на демократизација во Македонија.

Имено, без јасно регулиран медиумски простор, граѓаните на Македонија лесно може да подлегнат на манипулацијата од кој било политички или бизнис центар во Македонија, кој има соодветна медиумска поддршка. Посебно ќе биде интересно, дали овие индикатори ќе се развијат во мошне јасно прецизирани регулативи за правично претставување на политичките опции во предизборната кампања? Пристапот на политичките сили кон „демократската агора“ или „демократскиот форум“ на модерното време  – електронските медиуми – не смее да биде оневозможен од „клучари“ кои поаѓаат од својот личен бизнис интерес!

Во делот на реформата на полицијата, судството и државната/јавната администрација, клучни точки се темелната професионализација и департизација на овие сегменти. Имено, и покрај тоа што усвоените законски решенија треба да служат како алатка за реализација на овие цели, доминантниот дух на „правниот нихилизам“ во Македонија, всушност, произведува натамошна репродукција на сегашниот систем, каде што овие сегменти се предмет на безмилосна „партиска колонизација“!

ВЛАДАТА МОРА КОНЕЧНО ДА СЕ РАЗБУДИ

Значи, во недостаток на македонска иницијатива за продолжување на реформскиот процес, за натамошна демократизација на Република Македонија и стабилизирање на функционалното пазарно стопанство, или, кусо речено, целосен недостаток на европската агенда и посветеност кон европската интеграција на Република Македонија, Европската комисија се потрудила Македонија да има јасни и мерливи (квалитативни и квантитативни) показатели за нејзиниот напредок во 2010 година. Тука мора да се потсети, дека ова не требало да биде иницијатива на Европската комисија, туку автентична иницијатива на Владата, со цел да покаже целосна посветеност кон европската агенда.

Во досегашниот период, процесот на европската интеграција беше најтранспарентен процес во Македонија, а јавноста беше информирана за сите аспекти на македонскиот пат кон ЕУ. Затоа, ЛДП поведува иницијатива СЕП да го достави документот „Ревизија на пристапното партнерство“ на разгледување во Собранието и во Националниот совет за европска интеграција, а Владата темелно да го информира Собранието за македонскиот план за исполнување на сите клучни приоритети, краткорочни приоритети и показатели во текот на оваа 2010 година.

Шест месеци пред новиот Извештај на ЕУ за напредокот, македонската јавност се наоѓа во целосен информативен мрак за најбитниот процес – европската интеграција, па, на половина од шпанското претседателство, Македонија знае како Скопје ќе изгледа во 2014 година, а македонскиот граѓанин сѐ уште не знае како македонската економија, македонската демократија и македонскиот пат кон ЕУ ќе изгледаат до крајот на оваа 2010 година!?

Затоа, ја повикувам Владата да се разбуди и сериозно да си ја разбере улогата и одговорноста што и е доверена од граѓаните. Македонија е исправена пред премногу сериозни предизвици. Од тие причини, потребно е зрело раководство, „ладна глава“ и целосна посветеност, со цел Македонија да излезе како победник, како пред своите граѓани, така и пред меѓународната јавност.

 

Поврзани новости