По 14 месеци во бегство, поранешниот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, кој се бараше како осомничен во рамки на случајот со злоупотреби и проневери во „Државна лотарија“ и секторот за игри на среќа, денес се врати во земјава, по што беше приведен веднаш при влезот од Косово на граничниот премин Блаце.
Додека тој беше втор човек во поранешната владата на СДСМ и ДУИ, неговото име се поврзуваше со многу, условно кажано, скандали, а еден од нив е добро познатиот настан од 2023 година, кога беше опожареното возило марка „ауди А6“ што го користел и управувал токму Груби.
Всушност, овој настан го доведе Груби во директна корелација со млад бизнисмен, кој впрочем беше формален сопственик на „аудито“ што го возел Груби, кој, пак, велеше дека возилото го позајмил од близок пријател и успешен деловен човек.
Станува збор за Беким Лимани, сопственик на „Еуро Ком Лигхтинг“, која, како што претходно пишуваше „Фокус“, го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, и тоа непосредно пред „Гранит“ да добие нов милионски тендер од ЈП за државни патишта на чело со сопартиецот на Груби од ДУИ – Ејуп Рустеми.
Поточно, веднаш откако „Гранит“ му го продала хотелот на „Еуро Ком Лигхтинг“, која во тоа време работеше со загуби и имаше само еден вработен, склучи нов договор во милионска вредност со ЈПДП за докомплетирање на автопатската траса кон Блаце од 2 километри.
Имено, ЈПДП и „Гранит“ прво на почетокот на 2020 година склучуваат договор за изградба на оваа автопатската делница кон Блаце во вредност од 17 милиони евра. Но, овој договор не се реализираше во предвидениот рок, па двете страни на почетокот на 2023 година склучија нов договор за завршување на трасата во вредност од 11 и пол милиони евра.
Притоа, огласот за вториот тендер беше објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година во Катастарот на недвижности е запишана промена на сопственоста на хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка.
Така, врз основа на договор склучен на 15.8.2022 година, солемизиран на нотар на 14.10.2022 година, овој имот за 55 илјади евра го купила компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“ со тогаш главна дејност електрорасвета, а денес – неспецијализирана трговија на големо.
Првично, како што објавивме, ова друштво било основано од тогашниот претседателот на ФК Шкупи кој своевремено беше ангажиран и во Царинската управа Суат Аљија, кој можеше да се види како во друштво на функционери на власта следи фудбалски натпревари, вклучително и со Груби.
Меѓутоа, Аљија е дел од компанијата од основањето во 2009 година до 2011 година, кога во нејзината сопственичка структура влегува споменатиот Лимани, додека таму веќе една година е и турскиот државјанин Хусамеддин Озтурк. Неколку години подоцна, т.е. во 2023 година, Озтурк се повлекува од друштвото и единствен сопственик оттогаш до денес е Лимани.
Финансиските извештаи на компанијата покажуваат дека своевремено работела со загуба, која во 2019 година изнесува 411.923, а во 2020 година изнесува 884.340 денари. Овој тренд продолжува и во 2021 година, кога приходите на друштвото изнесувале 106.254.289 денари, а расходите биле 106.712.851 денари, што значи загубата била 358.562 денари.
Арно ама, ситуацијата се променила во 2022 година, кога приходите на „Еуро Ком Лигхтинг“ пораснале на 259.407.618 денари, што претставува раст за цели 243 отсто. Воедно, оваа година друштвото остварило добивка од 3.088.980 денари.
Што се однесува до следните години, приходите на компанијата во 2023 година изнесувале 213.617.700 денари, а добивката – 1.037.588 денари. Во 2024 година, пак, приходите паднале на 141.520.110 денари, но расходите биле повисоки, така што на крајот на годината друштвото паднало во минус од дури 24.572.087 денари.
Последните проверките што ги извршивме покажуваат дека компанијата има блокирана сметка повеќе од една година, додека во истиот период во неколку наврати била поведувана претстечајна постапка за друштвото, но потоа предлогот за отворање на стечај бил повлекуван.
Инаку, никогаш не беше откриено кој и зошто го запали возилото што го управуваше Груби, а постапките што се водеа во повеќе институции за неговата имотна состојба останаа без епилог. Во меѓувреме, тој се најде на „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и обиди за политички влијанија со цел дискредитација на судството.
Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Влатко СТОЈАНОВСКИ