Груби оди во куќен притвор

by valentina 21:01
21:01

Поранешниот вицепремиер Артан Груби вечерва оди во куќен притвор, откако помина само 3-4 часа во истражниот затвор ,,Скопје”.

Поблагата мерка му ја одреди судија на претходна постапка, а по барање на скопското обвинителство. Оттаму се предомислија и се откажаа од веќе одредениот притвор од 30 дена, со образложение дека Груби денеска се предал и е спремен да соработува. Од друга страна, Кривичниот суд не можеше да одреди построга мерка.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничениот А.Г., кој вечерва беше спроведен во судот, донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и на одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство против осомничениот.

Имено, откако утрово КПУ затвор „Скопје“- Скопје, го извести судот дека осомничениот А.Г. од 09:20 часот е спроведен во установата каде што започнал со издржување на мерката притвор, определена со решение од 17.12.2024 година, а стапува на сила од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, судот за истото го извести Основното јавно обвинителство и по нивно барање издаде наредба за спровод на осомничениот пред Јавен обвинител за негово сослушување.

Воедно во текот на денот, одбраната на осомничениот, до судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот.
Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, обвинителството до судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и Јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената.

Врз основа на сето тоа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, велат од Кривичниот суд.

Поранешниот прв вицепремиер од владата на СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба“ во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.
Груби како раководител на владината седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.

В.В.

Слични вести