Соединетите Американски Држави бараат објаснување од Србија за тоа што е всушност документот потпишан од Србија и Русија за време на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјави американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил.
-Во овој момент никој не треба ништо да потпишува со Русија, многу малку и потпишуваат нешто со неа. Освен оние кутри регрути кои ги мобилизираат да одат во војна, изјави американскиот амбасадор Хил по регионалниот форум „Добро владеење и антикорупциските политики во време на геополитичка неизвесност“ во Белград, што го отвори заедно со шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре.
Хил рече дека во текот на минатата недела во Њујорк имало одлични разговори меѓу делегациите на САД и Србија и дека на крајот на неделата и по сите тие разговори дознале за потпишувањето на протоколот. Американскиот амбасадор додава дека не го виделе потпишаниот протокол, бидејќи не е јавен документ.
-Тешко ни е да разбереме. Сакаме да слушнеме што сака Србија во иднина да направи и да видиме какви односи ќе развива со земја која брутално го нападна својот сосед, па дури и користи закани за употреба на нуклеарна сила. Сакаме да разбереме на што се засноваат односите за соработка меѓу Србија и Русија, рече Хил.
Шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија, Емануеле Жиофре рече дека „не е време за зајакнување на врските со Русија“ и оцени дека договорот што Србија го потпиша во Њујорк со Русија испрати сосема спротивна порака на онаа на која ЕУ смета.
На овој документ регираше и ЕУ преку портпаролот на Унијата Петер Стано, кој рече дека ЕУ е „сериозно загрижена“ поради приближувањето на однсоите меѓу Србија и Русија.
-Живееме во време на незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресија на Русија врз суверената држава Украина. Договорот за редовни консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и агресорот Русија, во овој момент, дава особено силен сигнал за нивната намера да ја зајакнат соработката со Русија и тоа поставува сериозни прашања, изјави Стано денеска на прес-конференција.
Министрите за надворешни работи на Србија и Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк потпишаа План за консултации на министерствата за надворешни работи на двете земји за следните две години.
Селаковиќ вчера рече дека станува збор за техничка работа, која се спроведува од 1996 година и дека договорот го напаѓаат „оние кои не го ни виделе“. Тој план, како што рече, содржи идни потези во однос на консултациите на ОН за Косово, билатералните односи и мултилатералните активности, а во него нема безбедносна политика.