Што може Македонија да научи од Израел за идентитетот?

by Фокус

Текстот е објавен на 10 јули 2009-та во неделникот „Фокус“ број 732

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Обидот да се одгатне идентитетската приказна на една нација, што на власта во Македонија ѝ е толку политички значајно деновиве, се чини како да почнува и завршува на Блискиот Исток, во Светата земја Израел. Тука, каде што се уште се свежи трагите од светите стапалки на Исус и Петар во куќата во Капернаум на брегот на Галилејското езеро, во Ерусалим каде што ечи и ѕуни од древниот Ѕид на плачот, а пророкот Мухамед чиниш се подава од небото над џамијата Ал Акса крај ерусалимските ѕидини, нашата македонска приказна за идентитетот изгледа навистина патетично.

Евреите се можеби најстарата жива цивилизација на планетата. Според пишаните траги, преданијата, верувањата, Стариот завет на Библијата тие се прародители и на христијаните (Исус бил Евреин) и на муслиманите – синови на Исак и Абрахам (Иса и Ибрахим). Од нивното тело, значи, се издвоиле главните светски религии. Тие се, за жал, први меѓу најпроколнатите, најмасакрираните, најраселуваните и најистребуваните народи на земјината топка. Антисемитизмот со векови е жива филозофија, а и денес опстојува во арапскиот свет.

Иран и други милитантни исламисти сонуваат да ја збришат еврејската држава од светските мапи. За своето парче земја, значи и денес Евреите стравуваат и одвреме навреме војуваат, па сепак, никогаш не се доведува во прашање нивниот идентитет. Зашто, идентитетот не е ниту закопан во земјата, за да мора да се откопува, ниту пак треба да се бара во светите книги, во Тората, Коранот, Библијата, во стотиците камени гробови на царевите и благородниците погребани во подножјето на Маслиновата гора.

Евреите се школски пример на нација, која има идентитет затоа што сѐ уште е жива, дише, мисли, расте и се развива економски, интегрирана е во светската заедница, здружена и пожртвувана, а не затоа што постојано трага и талка по минатото. Ако се обѕрнат во историјата Евреите можат да видат само плач и погром, холокауст – логори на смртта, но денес низ светата земја блика живот! Евреите немаат никаков проблем со тоа што нивната држава се вика Израел, народот жидовски (јудаизам), јазикот хебрејски, а етно-религиската филозофија на нивното опстојување – ционизам!

Еврејскиот идентитет е толку витален, што државата Израел не само што не се грижи за тоа што стотиците илјади нови еврејски доселеници од Русија не знаат ниту да бекнат на хебрејски, туку згора на тоа, на националните телевизиски канали им емитува програма и филмови со титл на руски јазик! Многу повеќе еврејската држава е загрижена што со нив во Израел пристигнала и руската мафија, отколку што тие можат да го променат идентитетот на нацијата.

ПРАШАЊЕ НА ЖИВОТОТ И ИДНИНАТА

Македонија не е многу далеку од тука. Два часа воздушна линија по Медитеранот ги разделува двата Ерусалима, оној во Израел и нашиот Охрид. Македонија, токму така, како Македонија, а не да речеме Мацедониа или поинаку, трепери низ усните на Израелците кои го изговараат нашето име, во мигот кога влегувате во синагога и кога некој ортодоксен еврејски верник или рабин ќе ве запраша – од каде сте?!

Но ние како ништо да не разбираме и како да сакаме да му пркосиме на животот. Се крстиме во светите води на Јордан (по еврејски Јарденит), јадеме од лебот и рибата (на Исус) во околните арапски ресторани со вкусна храна, ја слушаме благовеста на Богородица Марија за христовото раѓање што лебди над Назарет, кинеме гранче од маслиново дрво од илјадагодишните маслини во Гетсемановата градина, каде што Исус е предаден од Јуда, ги редиме сите подароци и реликвии, ерусалимски крвчиња и бројаници на Исусовиот гроб на Голгота, за да чепнеме и ние од светоста…

Евреите сфатиле дека прашањето на идентитетот е прашање на животот и на иднината, а не на смртта и копањето по минатото. Таа лекција мораме да ја научиме.

Нашите домаќини од израелската компанија Елбит, прават сѐ да ни ги доближат своите симпатии и емоции кон Македонија. Овој светски етаблиран концерн кој обединува повеќе десетици компании во Израел, но и во САД, Европа и Азија и се занимава со производство на софистицирана воена технологија за најсовремено оружје, кое го користат најмоќните армии на светот, е првата израелска компанија со стратешки ангажман во Македонија.

За нив, барем таков впечаток оставаат, не е во прашање само бизнис кога станува збор за Македонија. Дваесет и кусур милиони долари колку што Македонија ја чинеше да речеме надградбата на армиските хеликоптери на АРМ од страна на Елбит, според стандардите на НАТО, за нив се капка во морето од над 5 милијарди долари обрт на компанијата само во текот на минатата година. Но, Македонија има, како што ни велат, многу слична судбина на еврејската, со која тие сочувствуваат, па затоа сакаат да ја продолжат соработката со нови аранжмани, кои треба да ги потпишат со Владата на Груевски.

Шломо Грацијани, почесен конзул на Македонија во Израел, околу емоциите и симпатиите кон Македонија, вели:

– Во Израел ние многу ги цениме работите според историјата. Македонија отсекогаш била гледана со позитивна перцепција од Израел. Прво, не заборавајте, вие ја имате Битола, голем еврејски центар во минатото. А ние учиме за тоа. Имаме многу симпатии за вас, зашто судиме за нештата според нашата историја, на пример за она што се случуваше во Втората светска војна. Ние знаеме дека 7000 Евреи од Македонија во март 1941 г. беа однесени во концлогорите во Европа, но вие бевте присилени тоа да го направите. Бугарите ги третираа Евреите многу добро кај нив, но на окупираните територии тие постапија спротивно, така што не се гледа на тоа како на македонски проблем, туку како на проблем на Бугарија, вели Грацијани, кој и самиот има потекло од Бугарија.

Тој ни објаснува како на една комеморација заедно со нашиот амбасадор му пристапиле на поранешниот претседател на Израел, г. Навон, кој е од сефардско потекло.

– Кога му рековме дека доаѓаме од Македонија, неговите очи засјаија, можевте да го видите поранешниот претседател на Израел, многу образован, поет, кој почна нам да ни кажува работи за Македонија што ние не ги знаевме, одушевено зборува Грацијани.

Но односот кон историјата на Евреите, не е за дневно-политичка употреба како што ни изгледа нашиот. Историјата треба да се научи и да се запамети, за да се цени сегашноста и да се гради иднината. Во Израел е правило, штом синот или ќерката завршат средно училиште, семејството да ги испрати на повеќедневна екскурзија низ Европа. Но не за да ги видат Рим и Париз, да денгубат и да се сончаат на плажите и да лумпуваат по дискотеките на Мајорка и Азурниот брег, туку да го почувствуваат кошмарот на своите претци и да посведочат на лице место за холокаустот, посетувајќи ги музеите на конц-логорите од Втората светска војна во Дахау, Треблинка, Аушвиц… За да можат да го ценат животот, слободата и благодатта во еврејската држава за која се избориле нивните претци.

Сепак, оваа идеја не треба да му се кажува на Никола Груевски. Тој би можел криво да ја разбере, па да почне матурантите да ги испраќа на екскурзија по врвиците на војската на Александар Велики! А таму нема што да се научи, освен да се потхранува националниот мит.

ИЗРАЕЛ ЈА ОТКРИВА МАКЕДОНИЈА

Македонија почна да ги исправа грешките од минатото, во однос на Израел, ако воопшто ги имало. Тоа што борци на ПЛО порано се криеја во Југославија и во СР Македонија, беше политика на режимот на Јосип Броз, а денешна Македонија нема ништо со тоа. Во Скопје се гради музеј, центар на холокаустот, има разбирање да се врати и еврејскиот имот кој останал без наследници, или да се плати обештетување.

Денес со Израел имаме беспрекорни пријателски односи. Имаме договор за воено-техничка соработка, кој според своите одредби далеку ги надминува сите наши потпишани договори со други земји, па и оној со САД, потпишан како утеха по фијаското на самитот на НАТО во Букурешт. Нашиот амбасадор во Женева, пред три недели ја напушти салата при говорот на иранскиот претседател Ахмадинеџад на расправата организирана од ОН, и тоа Израел умее да го цени.

– Знаеме дека вашиот амбасадор ја напушти конференцијата во Женева, кога зборуваше Ахмадинеџад и ние тој потег многу го почитуваме. Тоа е знак за добро пријателство меѓу двете земји. Прво, што е многу важно, ние го почитуваме пристапот на Владата на Македонија кон еврејската заеедница и фактот дека има гест – преседан од Владата на Македонија да им се врати имотот, или да се обештетат македонските Евреи, кои се без наследници. Вашата земја ќе биде дел од меѓународната организација за борба против антисемитизмот.

Ова го вели Амира Арнон, израелската амбасадорка за Македонија, кој се надоврзува на приказната за симпатиите на Евреите кон нашата земја. Таа вели дека жали, на пример, што годинава престанува да биде амбасадор на Балканот. Од тука, од Министерството за надворешни работи во Ерусалим, таа покриваше три балкански земји, меѓу кои и Македонија, а сега ќе замине на друга дипломатска позиција во Азија, Сингапур. За неа, проблемите што ги има Македонија не се ни од далеку како оние на Израел, не барем од безбедносен карактер.

– Да се биде амбасадор на Балканот беше еден од најдобрите моменти во мојот живот. Уживав многу во овој регион кој е навистина многу единствен и специфичен, да не зборувам за убавината на земјите. Имам многу голема верба дека балканските земји, во блиска иднина ќе станат дел од ЕУ. Некои од прашањата и конфликтите, некои чувствителности се уште се присутни, но јас гледам дека регионот навистина напредува. Бидејќи сум амбасадор во три земји, јас можам да ги мерам разликите. Гледам дека Македонија има направено вистински напредок, што се однесува до стабилноста и не гледам дека ви се заканува некаква загроза на безбедноста. Пред сѐ го гледам Балканот како еден од најубавите, најшармантни места, со топли чувства на луѓето. Тоа е нешто на што треба да бидете горди, вели таа.

Еврејското и израелското влијание во Македонија, и покрај повеќедеценискиот застој изминативе години беше особено забележително. Во воената 2001 г. Израел ни подаде рака за обука на нашите антитерористички сили и специјалци, како и софистицирана опрема за нашата пресметка против герилците на ОНА. Но Македонија тогаш одлучи да не ја прифати понудата, а нашите власти матеа нешто со обучувачи од специјалците на Милорад Улемек Легија. Оружјето – авионите, СУХОИ, пред сѐ, ги набавија од Украина.

Израелскиот аналитичар Сем Вакнин, кој долги години е советник на повеќе влади во регионот на Балканот и во Источна Европа, е главниот „виновник“ за вртоглавата политичка кариера на актуелниот премиер Никола Груевски! Со Вакнин и со неговите совети, Груевски стана економски експерт и „најдобар министер“ во Владата на Георгиевски. Без него, Груевски ќе останеше анонимен. А Груевски денес ја крои судбината на Македонија.

Уште еден Израелец, Гидеон Сандел, најверојатно разузнавач и газда на фирмата Сантрејд, која продаваше еркондишни, на почетокот од 90-тите беше човекот кој со години се обидуваше да воспостави економски и политички врски меѓу Македонија и Израел. Во светата земја носеше министри од повеќе влади. Поведе на аџилак и социјалдемократи и вмровци. И ексминистерот за земјоделие покојниот Никола Паракеов и актуелниот премиер Груевски беа гости во Израел по негови препораки. Во водите на Јордан се крштеваа и прекрстуваа (од друга вера) бројни наши политичари и политиканти, среброљупци и славољупци. Но Сандел доживеа да биде осуден во Македонија за банален случај на божемна измама со кредитни картички за која не постоеја докази. Денес, за негова среќа, слободно живее во Израел.

Израелско-македонската агенда има и посветли примери, како оној на кардиологот др Исак Таџер, со потекло од Македонија, кој стана во меѓувреме почесен академик на МАНУ. Проектот за кардиолошки центар со помош на израелски експерти се договара повеќе години, но сѐ уште не се гледа финалето.

Амбасадорот на РМ во Тел Авив, Пајо Авировиќ, кој доби потпис за својата дипломатска функција од новиот претседател Ѓорѓе Иванов, за односите меѓу РМ и Израел вели:

– Односите меѓу Македонија и Израел ги карактеризира традиционално пријателство, со висок степен на меѓусебно разбирање и почитување и со заемна подготвеност за интензивирање на соработката во повеќе сегменти од заедничкиот интерес. Врз основа на тие претпоставки и оценки Владата на РМ донесе одлука во јануари минатата година да отвори амбасада во Израел, со седиште во Тел Авив. Таа одлука беше ефектуирана на почетокот на мај минатата година, симболично неколку дена пред одбележувањето на 60-годишнината од формирањето на државата Израел. Она што би го одбележал како карактеристика на изминатава година дена од резидентното македонско присуство во државата Израел се два елемента кои на директен начин позитивно влијаат и ги тангираат обичните граѓани на двете земји. Првиот елемент е укинувањето на визите за македонските граѓани, така што од јули минатата година македонските државјани без виза може да патуваат во Израел.

Вториот аспект, според Авировиќ, е откривањето на РМ како нова туристичка дестинација од страна на израелските туристи. Благодарение на туристичката агенција Ешетурс, од крајот на мај минатата година започна за првпат организирано доаѓање на израелски туристи во Македонија со чартер лет до Охрид. Минатата година се остварени околу 5000 ноќевања. Оваа година и покрај глобалната економска криза која се одразува насекаде, па и во Израел и во доменот на туризмот, се очекува зголемување на бројот на израелски туристи во Македонија.

– Израел сѐ повеќе ја открива Македонија. Покрај присутното пријателство постои сѐ повеќе интерес да се открие Македонија од аспект на нејзините туристички можности, од аспект на културната понуда. Имаме сѐ повеќе интерес за културната понуда на РМ посебно за Галичка свадба и за Охридско лето, и секако да се открие како бизнис дестинација во контекст на инвестиции, увоз – извоз. Очекуваме во наредниот период она што секојдневно го работиме и што е стратешка ориентација на земјата, во контекст на нашите односи со Израел се повеќе доаѓа до израз, и да бидеме сведоци на конкретни резултати на тој план.

ЕВРЕИТЕ НИШТО НЕ ДОБИЛЕ НА ПОДАРОК

Почесниот конзул Грацијани, помалку зборува, повеќе работи. Тој веќе 6-7 години прави бизнис на Балканот и во Македонија. Негови се овошните сокови Пригат, кои се продаваат и во Македонија, а сега го увезува и пивото туборг.

– Во Македонија доаѓам многу често, најмалку 3 пати годишно, вели тој. Македонија по малку ме потсетува на она што се случуваше во Израел, 10 или 15 г. по основањето на државата. Јас би сугерирал три правци околу визиите каде Македонија сака да биде во смисла на бизнисот и економијата.

Првиот е туризмот. И во тоа веќе успеваме. Израелски туристи доаѓаат во Македонија.

Вториот пат е земјоделието. Вие сте во центарот на Балканот, каде што земјата е многу плодна. Пред околу 18 месеци ние организиравме посета на израелска земјоделска делегација во Македонија и тие беа многу импресионирани од можностите што ги нуди Македонија. Вие можете да бидете органска почва за Европа, растојанието е блиско, но мора да имате добри продукти за да ги продавате на пробирливите западноевропски потрошувачи.

Третата можност што ја имате се човечките ресурси. Вие имате млада генерација, образовани луѓе, а прашањето е како да се фокусирате на образование. И како што веројатно знаете, јас ви препорачувам да го копирате она што го прави Израел. Како да се работи, да се инвестира во младата генерација, преку образование во компјутерските науки, како да се донесат технолошките паркови во Македонија, да се образува младата генерација, да ѝ се даде шанса да остане во земјата, а не да си замине надвор. Границите ќе бидат се поотворени, и за така мала земја, многу важно е младите да се задржат во земјата, а можете да ги задржите така што ќе им дадете соодветно добро образование, вели Грацијани.

Теоретски тоа звучи прекрасно, но симпатиите, емоциите, делењето слична судбина со Израел, како и ангажирањето на поединци не се доволни.

Израелската фирма Газит Глоуб, на пример, што ја купи скопска Алумина и за која плати 20-тина милиони долари, а на местото на скопската фабрика има намера да гради голем деловно-станбен комплекс, подолго време тапка во место со инвестицијата. Проблем е тоа што Владата ѝ продала имот, кој не е во целост во државна сопственост. На плацот има и приватни сопственици, и сега работите се во ќорсокак. Тоа е нашата негрижа и непрофесионализам, наспроти декларациите на оваа влада за привлекување странски инвестиции.

Но, Израелците се трпеливи. Сепак, не можат да разберат зошто Министерството за финансии одбива, на пример, заем од 60 милиони долари со 2,5 отсто камата од Израелски приватен фонд, во време кога потпишува договори за кредити и заеми од други приватни фондови од САД со камата од 7-8 отсто! Дали е во прашање корупција, политички преференции или израелските пари не вредат!?

– Кога зборувам за Македонија, а јас одам таму многу често, гледам дека таму има многу фрустрации и јас можам да го разберам тоа, вели Грацијани. Економијата не е во ред, има голема невработеност. Доаѓате во Израел и гледате многу развиена земја. Но знаете, тоа не го добивме како подарок. Мислам дека луѓето се оценувааат себе си негативно, но вие сте во многу убав дел од светот имате многу светла иднина, иако можеби сите вие не го гледате денес тоа, а малку оптимизам е секогаш важен.

Додека чекориме по улиците на Хаифа и Тел Авив, на пример, во густо населената држава, чија територија (без палестинските) е за 1000 км квадратни помала од Македонија, а згора на тоа половината е пустина, првиот впечаток е дека се наоѓате во САД.

Америка на Блискиот Исток царува во деловно-индустриските комплекси, хај-тек парковите, каде што младите еврејски јапиевци зборуваат англиски со американски акцент. Америка царува во двојазичните написи и сообраќајни табли и правила, во хотелите, трговските центри. Тоа сигурно Евреите не го добиле на подарок.

А во ноќните кафулиња, во арапските ресторани, има балканска опуштеност, во муслиманските квартови и населби, пак, ѓубре и видлива сиромаштија како во древното Акко (Акре), на пример, тврдина што ја освојувале сите поголеми светски војсководци – Цезар, Александар Велики и Наполеон! Руски јазик насекаде. Дури и трговците Арапи го совладале беспрекерно.

Евреите велат дека немаат национална храна, уживаат во арапската и во медитеранската, а кошер исхраната им е само начин на внесување на храната по религиски стандарди. Со Арапите делат и земја (крваво, додуша) и древна религија, и јазични корени и нѐ уверуваат дека арапскиот и еврејскиот јазик е само малку повеќе далечен од дистанцата на полскиот и македонскиот, на пример!?

На почетокот од минатиот век, Евреите од Јафа, старото утврдување на морето, поради честите конфликти со Арапите со кои живееле, решиле да излезат од стариот град и крај брегот почнале да го градат Тел Авив. Денес Тел Авив е административен центар на Израел. Таму се наоѓаат сите странски амбасади, но сепак тоа не е главниот град на светата држава.

Светот не го признава Ерусалим за престолнина на Израел, иако таму е Кнесетот, израелскиот парламент, Владата и клучните министерства. Најмоќните земји светиот град го сметаат за спорен, зашто Арапите имаат претензии кон Источен Ерусалим, каде што се мнозинство. Но Евреите немаат проблем со таквиот однос на Запад. Се плашат само дека доколку загубат дел од териториите каде што сега се Палестинците, да речеме Западниот брег, кој е под нивна окупација, може да им биде загрозена државата. За идентитетот не се плашат.

Премиерот Груевски на есен треба да оди во официјална посета на Израел. Дотогаш бизнис портофолиото на израелско-македонските односи, сигурно нема да цути. Груевски го чека бурно лето на домашен политички план и веројатно огнено крштевање на меѓународен. Посетата на Израел може да му дојде како тајм-аут. Ако веќе не ја научи лекцијата за идентитетот, може да ја преповтори во светата земја.

Земјоделие
ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ФАРМЕРИ СО ИЗРАЕЛСКИ ЕКСПЕРТИ

Прашањето е како ова земјоделие што го имате, да го донесете на ниво да произведува продукти, кои ќе бидат добро прифатени од европските потрошувачи. Според моето искуство, а јас сум работел во минатото во земјоделието, тоа се прави преку образованието на фармерите и се разбира со инфраструктурата, што значи да се донесе вода.

Најголемиот дел од вашето земјоделие не е под систем на наводнување, а вие имате вода. Да ја има Израел вашата вода, ќе биде рај. Вие сте во рајот, имате вода, само прашањето е како да се донесе водата од езерата и од другите водни ресурси и реките до фармерите.

Што се однесува до земјоделието, јас сум сигурен дека доколку се обратите на израелската влада, или до израелските земјоделски центри, тие би биле спремни да соработуваат. Во Македонија треба да се формира земјоделски образовен центар, каде што ќе доаѓаат фармерите и ќе се едуцираат, како што направивме во Израел. Ние не измислуваме ништо.

Ако сакате да едуцирате фармер, треба да го извадите од неговата нива. Нема сомнение дека ние како Израел ќе донесеме добри едукатори, а тоа ќе придонесе фармерите да бидат подобро образовани што ќе доведе до подобар квалитет на продуктите и европските потрошувачи ќе сакаат да ги платат. Не заборавете дека ваша конкуренција се земјите што веќе го направиле тоа. Знаете, во Европа денес, го гледаме Мароко како произведува и продава зеленчук и овошје. Зошто Мароко може да го направи тоа, а вие не? Зошто Шпанија може да го направи тоа, а не Македонија, прашува Шломо Грацијани, почесен конзул на Македонија во Израел.

За името
НЕ СЕ МЕШАМЕ ВО ТУЃИ НЕРЕШЕНИ ПРОБЛЕМИ

Израел ја признава Македонија под името БЈРМ, но во билатералата го употребува името Македонија. За ова, амбасадорката Арнон, вели:

– Што се однесува до прашањето за името, ние не сакаме да се мешаме во работите на други земји и нивните конфликти и нерешени прашања. Доаѓаме од Блискиот Исток, ние имаме искуство со конфликтите, за жал, ние се уште не сме ги решиле нашите горливи прашања и поради тоа не сакаме да интервенираме во прашањата на други држави. Јас знам дека вие и Грција ќе работите на компромис и се надевам дека компромис ќе биде најден. Што се однесува до билатералните прашања, обично меѓу двете земји ние го користиме уставното име, но кога станува збор за официјални меѓународни средби и комуникација, за жал сѐ уште не, но до тоа ќе дојде.

Соработка
СЕ ПЛАНИРА И ИЗРАЕЛСКОМАКЕДОНСКА БИЗНИС КОМОРА

– Постои сличност на менталитетот меѓу Евреите и Македонците, вели амбасадорот Авировиќ. Ние сепак живееме во еден заеднички културен круг кој е карактеризиран со медитеранското влијание. Не треба да заборавиме дека Македонија и Израел и од некоја историска гледна точка имаат многу заеднички елементи во своето созревање во своето меѓународно афирмирање.

Во РМ имаше големо влијание на еврејската култура, ние имавме многу жива активна и просперитетна еврејска заедница, за жал холокаустот и трагичните настани од март 1943 г. доведоа до фактичко исчезнување на 98 отсто од еврејската заедница, меѓутоа духот на присуство на еврејството во Македонија е жив. Материјалните споменици се живи, постои сѐ уште еврејска општина, имаме и голем рабин од минатата година во Македонија, така што постојат навистина многу елементи што нѐ спојуваат.

Инаку, израелски деловни луѓе се присутни преку одредени инвестиции во РМ, дел од нив се сѐ уште во фаза на реализација, дел се во фаза на најава. Тука е присутен претставникот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, кој мошне активно работи во постојан контакт со деловните кругови, ние исто така, тоа е дел од пошироката лепеза активности на амбасадата, сме вклучени активно во процесот на економска дипломатија.

Оваа година беше тука во посета министерот Самак, оствари за пет дена петнаесет средби со топ израелски бизнисмени, наредниот период се планираат некои активности кои ќе водат кон натамошно интензивирање на контактите. Очекуваме размена на посети на високо ниво кои ќе бидат на овој или на оној начин поврзани и со промоција на инвестициските можности на РМ, се планира и на некој начин инститиуционализирање на интересот за деловна соработка преку формирање можеби на некоја билатерална комора Македонија – Израел.

Поврзани новости