ВАЦ во шемата на бизнисмените на Коштуница и на Милошевиќ

by Фокус

Фељтонот за прв пат беше објавен во август 2010 година.  Ова е третиод дел од кривичната пријава на Станко Суботиќ против сите негови душмани, а на овој линк го имате третиот дел од фељтонот.

 Ништо помалку илустративна е и неговата изјава до белградското обвинителство за организираниот криминал од понов датум, кој се однесува на приватизацијата на најтиражниот српски дневен весник „Вечерње Новости“, чиј неуспешен епилог резултираше со најавата на германски ВАЦ за напуштање на српскиот пазар на печатени медиум.

Пред повеќе од два месеци, во моето јавно обраќање преку медиумите, ги обвинив Милан Беко и Мирослав Мишковиќ, дека поради тоа што правеа разни кривични дела, ми нанесоа штета од повеќе милиони евра и дека со помош на измама, моите пари ги искористија за приватизација на дневниот весник „Вечерње Новости“ и на компанијата „Лука Белград“. По тој повод, вашето обвинителство најави истрага.

Со оглед на тоа што до ден денешен, никој од вашето обвинителство, ниту од полицијата, не контактираше со мене (адресата и контакт името го имате, бидејќи на таа адреса ми ги доставувате материјалите од судскиот процес што се води против мене), ниту со моите адвокати, решив јас да Ви доставам писмена изјава, поткрепена со документи и докази, со чија помош моите наводи се потврдуваат!

Втората причина, поради која Ви ја доставувам својата изјава и пропратните докази, се однесува на зачестените тврдења на Милан Беко и на Мирослав Мишковиќ, дека имаат ,се покриено и договорено, дека истрагата (која ја нема) ќе биде направена во нивна полза и дека за неколку месеци обвинителот ќе се огласи со информација дека истрагата е отфрлена заради недостаток на докази и дека нема неправилности во приватизацијата на „Вечерње Новости“ и на „Лука Белград“!

Токму поради тоа, за да не се случи такво нешто, Ви ја приложувам мојата изјава, делумно поддржана со документација во врска со приватизацијата на „Вечерње Новости“, а во наредните месец дена ќе Ви доставам и предмет за „Лука Белград“, односно, за приватизацијата на компанијата „Путник“, но, и за други незаконски приватизации, како што е Индистрија за градежни материјали „Трудбеник“ од Вршац.
Ве известувам дека во врска со споменатите случаи, ја поседувам целокупна документација која е составена од оргинални документи!

Истакнувам дека во оваа прилика со мојата изјава Ви доставувам само дел од фотокопираните документи, од кои јасно се потврдуваат моите наоди и описи на сите направени кривични дела кои се гонат по службена должност. Во посеба изјава Ви ги доставив и моите сознанија кои се подржани со документација за кривични дела, кои во период од 2002 година до денес ги сторил Манојло Вукотиќ, директорот на „Вечерње Новости“. Освен злоупотреба на службената положба и примањето на мито, тука се воочуваат уште низа кривични дела, кои, исто така, се гонат по службена должност!

 

НАМЕСТО ПРИЗНАНИЕ, МЕДИУМСКИ ЛИНЧ

Во Србија се вратив во 2001 година, после промените од 5-ти октомври, со бизнис намера да и помогнам на владата да ги реши бројните проблеми кои постоеја со години и економски да ја обнови во целост уништената држава. Во донесувањето на ваквата одлука, влијание имаше мојата желба да работам во земјата во која сум роден, и, секако, бизнис интересите кои ги имав.
Во Србија донесов голем цапитал, кој го стекнав во странство, сите мои бизнис врски и контакти, а имав влијание и во влегувањето на големите интернационални компании со кои работев.

Влегувањето на мултинационалната компанија „Бритиш Американ Тобако“ (БАТ), како најголем производител на цигари во светот, со намера да инвестира милиони во своја фабрика во Србија, со што директно ќе се прекинеше огромниот шверц со цигари, почна да претставува пречка на долгогодишните шверцерски врски, создавани меѓу политичарите и криминалците.
Наместо очекуваното добредојде и позитивното признание во јавноста, БАТ и Владата на Србија мораа да поминат низ медиумски линч!

Како последица на овие бескрупулозни напади во медиумите, јас во јавноста бев претставен како најнегативна личност која во Србија некогаш постоела. Главните причини за мојата дифамација, лежеа во фактите дека сум близок со тогашниот претседател на Црна Гора и со председателот на владата на Србија.
Впрочем, тие двајца беа главна пречка за реакционерните кругови на сменетата влада на Милошевиќ, која беше инспирација и на гореспоменатата медиумска кампања.

Кампањата за рушење на легално избраното раководство на Србија и Црна Гора, беше водена на основа на нарачан текст, полн со лаги и измислици, кој беше објавен во хрватскиот неделник „Национал“.
Уредникот на овој весник работеше директно по налог на шверцерската олигархија на чело со Анте Влаховиќ, сопственикот на Творница духана „Ровињ“, кој имаше најмногу причини за страв од влегувањето на БАТ во Србија.

Акцијата беше синхронизирана од кабинетот на Воислав Коштуница, тогашниот председател на Југославија (Југославија беше заедница на Србија и Црна Гора), кој ги собра сите кадри на Слободан Милошевиќ и водеше директна кампања за рушење на тогашниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, и на тогашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Поради тие причини, се откажав од намерата да инвестирам пари во бизнисот со трговија и производство на тутун, со кој се занимавав со години и се насочив кон други бизниси кои беа подостапни. Учествував на тендер за приватизација на дистрибутивната мрежа Дуван и јавно ги искажав моите намери дека сакам да ги купам и дистрибутивните ланци на „Борба“, „Политика“, „Штампа“…

Во таа смисла, започнав разговори си најголемиот дистрибутивен ланец во Франција, со намера заедно со нив да дојдеме во Србија и тука да ја примениме најсовремената европска технологија од областа на дистрибуцијата.

Во тој период воспоставив контакт и со германскиот медиумски концерн ВАЦ, кој веќе беше присутен во Србија. Со нив започнав бизнис соработка, со оглед на тоа дека нашите интереси беа исти, имавме намера да вложуваме во областа на производство и дистрибуција на печат.

Во текот на 2002 година, државата објави дека е подготвена да ја продаде и новинарската куќа „Борба“, па, со претставниците на ВАЦ склучив договор за тој проект, на кој ќе учествуваме заедно, односно, за нивна сметка да го купам дневниот весник „Вечерње Новости“, бидејќи мене, пред се, ме интересираше дистрибутивната мрежа.

Тоа беше причината, поради која ги започнав контактите со многубројните лица, како од самата власт, така од новинарската куќа „Борба“. Истакнувам дека во тој период беше нејасно, каква е сопственичката структура и кој облик ќе биде прифатен за приватизација!

beko5

МРЕЖАТА НА МИЛАН БЕКО

Во почетокот на 2003 година, меѓу останатите, со мене воспостави контакт и Милан Беко, некогашниот министер на Слободан Милошевиќ и близок пријател на неговата фамилија, пред се на сопругата Мирјана Марковиќ. Знаејќи дека за времето на Милошевиќ, Беко беше министер за приватизација, го прифатив понудениот состанок.

Во текот на првата средба, Беко ми соопшти дека слушнал како се распрашувам за приватизацијата на стоковната куќа „Белград“ и директно ми соопшти дека единствениот начин да ја купам, ќе биде да ги прифатам неговите услови, кои подразбираа дека морам да му исплатам хонорар од милион евра!

Во таа прилика, Беко ми соопшти дека за него работат скоро сите од Агенцијата за приватизација, а посебно го апострофираше извесниот Вук Делибашиќ. Беко тврдеше дека министерот Влаховиќ е негов бизнис партнер и дека на место на стечаен управник на РК „Белград“, тој лично ја поставил Оливера Савовиќ, службеничка во неговата фирма „Дибек“. Не бев посебно заинтересиран за таа приватизација, бидејќи ме одби неговиот арогантен став, но, и неговото политичко минато, па, поради тоа, состанокот брзо го завршивме.

Не се среќававме повеќе, се до 2004 година, кога повторно ме контактираше Беко и во таа прилика ми соопшти дека знае за мојата намера да ги купам „Вечерње Новости“. Секако, ми ги понуди своите услуги. Се сретнавме повторно и во таа прилика, во својот арогантен стил, ми го сврте вниманието на своите врски и контакти, но, пред се, ми стави до знаење дека неговите, мислејќи на Коштуница, дојдоа на власт, и дека тој, Милан Беко, е апсолутен господар на приватизацијата во Србија!

Тврдеше дека направил лично договор со Коштуница, дека значајните приватизации ќе се одвиваат само преку него и со негова согласност. За да ми го потврди тоа, Беко ми соопшти дека Коштуница му ги дал најдоверливите луѓе на кои, кога се работи за приватизација, тој им дава команди.
На тој список беа Дејан Михајлов, генерален секретар на Владата на РС, Александар Никитовиќ, шеф на кабинетот на председателот на владата, Предраг Бубало, министер за приватизација, и некои други.

Беко посебно се пофали со фактот дека својата службеничка Оливера Савовиќ успеал да ја стави на местото секретар во Агенцијата за хартии од вредност, која е клучна институција за трговија со акции и на приватизации кои се вршат со купување на акции.

Исто така, ми рече дека Агенцијата за приватизација е формирана заради неговите потреби и по негови инструкции. На местото директор на оваа агенција беше Миодраг Ѓорѓевиќ, бивш службеник на Државаната безбедност, кого Беко го познаваше уште од времето додека беше министер.
Клучно лице на Агенцијата беше Горан Мрџа, кого Беко го постави на местото извршен директор, кој имаше клучна позиција во процесот на приватизацијата. Ме потсети и на Вук Делибашиќ, кој од Агенцијата во меѓувреме преминал да работи во фирмата на Беко, дека покрај се, сеуште ги држи контактите со останатите вработени и службеници во Агенцијата.

За да ми го демонстрира своето влијание, телефонски им се јави на Ѓорѓевиќ и на Мрџа и со нив двајцата разговараше во врска со приватизацијата на „Вечерње Новости“, а на мене ми даде да слушам, како  двајцата одговараат на неговите прашања. На начинот на кои беа водени овие телефонски разговори, односно сервилноста која што ја демонстрираа Ѓорѓевиќ и Мрџа, заклучив дека Беко за нив двајцата претставува авторитет.

Објаснувајќи ми ја својата моќ, Беко ми објасни дека користејќи ги тие врски, успеал да ги купи „Књаз Милош“, „Имлек“, „ Бамби“, десетина млекари ширум Србија, дека има монопол во производството на млеко, дека во своето портфолио има десетина приватизирани компании, кои тој ги препродава и со тоа заработува милионски износи.

Од причина што не оставив впечаток на доволно импресионирана личност, Беко на телефон го повика и Дејан Михајлов, во тоа време генерален секретар на владата, и започна разговор околу приватизацијата на „Новости“. И овој разговор, Беко овозможи да го слушам и во таа прилика од некои нивни хумористични достеки и алузии, сфатив дека и оваа приватизација прво на него ќе му биде понудена!

 

КЕРИМ ЈА ПРИМА ПОРАКАТА

Она за што се зборуваше на состанокот со Беко, го пренесов на  своите бизнис партнери од ВАЦ, кои не сакаа ниту да сослушаат се до крај, со објаснување дека тие се гиганти во медиумската сфера и дека сите разговори ќе ги вршат директно со државата, без никакви посредници и брокери. Ваквиот став на ВАЦ, веројатно придонесе до создавање на непријателство кај првиот човек на овој концерн, Бодо Хомбах, кон Беко, поранешниот министер на Милошевиќ.

Договорот што го склучивме, значеше дека претставниците на ВАЦ сите договори ќе ги прават со претставниците на „Вечерње Новости“ и со државата, како најголем акционер. Имајќи го сето тоа предвид, на 27 јануари 2005 година потпишав договор со компанијата ВАЦ, а на 24 февруари 2005 и анекс на истиот договор, во кои ги наведовме нашите меѓусебни односи во проектот купување на  „Вечерње Новости“.

Во таа прилика, издадов гаранции на компанијата ВАЦ, преку своите фирми: „Д-трејд“ од Белград и „Еми“ од Данска.

Во текот на целата 2005 година, беа одржани десетина состаноци со највисоките државни функционери, од премиерот Коштуница, надлежните министри, членови на кабинетот на премиерот, до непосредни службеници од надлежните агенции и служби.

Претставниците на власта се обидоа да остават впечаток на политичари кои се уште не знаат кој начин на приватизација ќе го применат и што е најдобро за државата. Така се губеше време, бидејќи разговаравме со месеци за „идниот тендер“ како што зборуваше министерот Бубало, за подоцна, на состаноците со Коштуница, повторно да се враќаат на приказната за продажба на акции кои што владата планираше да ги соедини со малите акционери. И, така, се се вртеше во круг.

За цело време додека траеа нашите преговори со државата, до мене и до претставниците на ВАЦ стигнуваа „пријателски пораки“ дека никогаш нема да успееме во намерата за купување на „Новости“, доколку не најдеме лица кои што ќе можат тоа да го завршат. Секако дека името на Милан Беко беше најчесто споменувано. И самиот Беко се сретна со Срѓан Керим, еден од директорите на ВАЦ во Белград. На таа средба, директно му соопшти на Керим, дека без него „Германците нема да можат да купат ништо во Србија“.

Во набројувањето на сите функционери кои работат за него, изнесе и аргумент дека Мирослав Мишковиќ, најмоќниот и најбогатиот човек во Србија, безуспешно со години се обидува да го купи најголемиот трговски ланец „Ц-Маркет“ и дека на крај самиот Мишковиќ морал да дојде и да го моли Беко, да му среди околу купувањето.

Беко во кабинетот на Воислав Коштуница успаел тоа да го среди. Како и во сите останати приватизации, Беко го купи „Ц-Маркет“, а подоцна го препродаде на Мишковиќ. Сето тоа го правеше преку оф-шор фирми, а на државата не и плаќаше никаков данок. Според неговите зборови, високи хонорари им исплаќал на луѓето на Коштуница, а службениците од Агенцијата за приватизација кои му го овозможувале тоа, ги вработувал во својата фирма која што стана сопственик на „Ц-Маркет“!

 

ОБРАЗОТ НА КОШТУНИЦА

И до мене доаѓаа пораки од Милан Беко, дека без него нема да успеам ништо во Србија да направам. Во пренесувањето на оваа порака, најупорен беше Драги Мичовиќ, кого го запознав преку бизнисот во Србија. Во текот на првите средби со Мичовиќ, дознав дека тој е кум со Дејан Михајлов и дека преку него има влијание во Владата и Парламентот, и дека на таа основа добива бизниси, заработува милиони, во што можев и самиот да се уверам. Со помош на Мичовиќ, организирав безброј состаноци во Владата на Србија, на кои присуствуваа луѓе од мојата фирма и од ВАЦ.

Истакнувам дека во текот на сите тие средби и состаноци, добивавме уверување дека се околу приватизацијата ќе биде чисто и легално и дека ако понудиме најдобра цена и најдобри услови „Вечерње Новости“ ќе стане дел од сопственоста на ВАЦ. Неколку недели после тие средби, претставниците на власта престануваа да се јавуваат, пораките да бараме „врска“ се засилуваа, и повторно бевме принудени да бараме лица кои ќе ни организираат состаноци во Владата, за да почнеме се од почеток!

Некаде во тој период ми се јави Драги Мичовиќ, кој бараше од мене итно да дојдам во Црна Гора во хотелот „Вила Монтенегро“, за да ми пренесе важна порака од Владата на Србија. Бидејќи бев спречен да одам, на состанокот појде мој претставник, а Мичовиќ беше заедно со неговиот кум Дејан Михајлов, генерален секретар на Владата. Пораката се однесуваше за приватзацијата на Вечерње Новости и се состоеше во тоа дека Воислав Коштуница и неговата влада нема да можат јавно да го продадат весникот на Германците, бидејќи тоа е спротивно на политиката и изјавите дадени лично од Коштуница.

Тие предложија решение, да се вметнат посредници кои ќе бидат домашни бизнисмени, кои веднаш после тоа акциите ќе ги пренесат на мое име, а јас, според договорот, подоцна на име на ВАЦ. Тврдеа дека тоа е најдоброто решение, бидејќи со тоа би се сочувал „образот“ на премиерот, а ние би дошле до имотот!

После сознанието дека таа порака е од самиот премиер, која ја пренесува неговиот најдоверлив соработник и висок функционер на владата, а бидејќи сум бизнисмен кој сака работата да се заврши со успех, таа понуда за мене беше прифатлива, и моето мислење им го пренесов на партнерите од ВАЦ. Меѓутоа, тие, иако веќе беа заситени од консултантското одолговлекување и неисполнувањето на ветувањата, изразија желба повторно да се обидат и исклучиво преку институциите да дојдат до правото да учествуваат во приватизацијата, па, морав да ја откажам понудата на Михајлов и на Коштуница!

Сепак, преку Драган Мичовиќ продолжив да контактирам со Михајлов. Тие многу често доаѓаа во Црна Гора во хотелот Вила Монтенегро, каде беа мои гости, со оглед на тоа дека хотелот беше во моја сопственост!

ДОГОВОР СО ДЕЈАН МИХАЈЛОВ

Моментот кога моите партнери отстапија од своите принципи, исклучиво преку официјалните институции да се обидат да го купат

„Новости“, дојде после донесувањето на одлуката од страна на Владата да се промени законот и да се оневозможи приватизација по пат на тендер. Тоа беше јасна порака дека понудата на Михајлов е единствена можност да се дојде до купување на акции. Тогаш добив „зелено светло“ од партнерите и ги обновив контактите со кабинетот на Коштуница.

Во Женева, кај мене дојде Мичовиќ, телефонски го повика Михајлов и ми го даде на телефон, кој после моето прифаќање на понудата, ми соопшти дека „домашните купувачи“ се Милан Беко и Мирослав Мишковиќ, а дека сите контакти ќе се извршуваат преку Мичовиќ, кој веќе со Беко и со Мишковиќ имаше воспоставено блиски контакти, кои веќе работеа и на други проекти и имаа ,воспоставена шема, во таквите бизниси!

Воспоставив контакт со Беко и со Мишковиќ во присуство на Мичовиќ и ги започнуваме преговорите. Се договораме Беко преку своите проверени контакти да организира, нивниот трет, малцински партнер Манојло Вукотиќ, директор на „Вечерње Новости“ во точно одреден датум да распише проспект во име на малите акционери, а Беко преку своите луѓе во Агенцијата за хартии од вредност (Оливера Савовиќ, секретар) и директорот на Агенцијата за приватизација, Миодраг Мишко Ѓорѓевиќ, да организира купување преку брокерската куќа „МВ инвестментс“, како негов ко-сопственик, да бидат единствените  купувачи и акциите кои ќе ги купат да бидат по најниска цена.

За да се оствари сето тоа, во договор со Дејан Михајлов и со Александар Никитовиќ, најсигурните луѓе на Коштуница, Владата ќе се откаже од продажбата на својот пакет на сопственост, како и ПИО фондот, за да цената стане поефтина, а после купувањето тие акции ќе обезвреднат, па ќе се создаде можност останатите да се купат за уште помала цена.

Беко и Мишковиќ ми објаснија дека по ваков систем приватизирале се, и во детали ми ги објаснија принципите според кои ја купиле „Лука Белград“. Истиот тој модел требаше да биде применет и за „Новости“, па, побараа од мене да им соопштам колкав ми е буџетот за купување, за да можат да направат план. Бараа од мене да им организирам состанок со партнерите од ВАЦ, каде што јас, и покрај  противењето на Бодо Хомбах, сепак успеав и сите се најдовме на состанок, кој беше одржан во просториите на Делта во Белград.

Во таа прилика, повторно ми беше потврдено дека со врвот на државата е се договорено, дека продажбата на акции ќе се изврши преку Беко и Мишковиќ, кои за тие потреби ќе отворат неколку нови фирми и дека акциите ќе бидат префрлени на сметки на тие фирми. Од сметките на тие фирми, акциите ќе бидат префрлени на сметка од моја фирма, а, според веќе потпишаниот договор, од мојата сметка ќе бидат префрлени на сметка на ВАЦ.
На тој состанок им соопштивме дека буџетот за купување на 100 отсто сопственост на „Новости изнесува“ 28 милиони евра и дека ВАЦ ги сака сите 100 отсто, но, дека минимумот мора биде 51 отсто.

Според договорот, ВАЦ веќе ми ги имаше дадено парите на располагање, и се договоривме јас да ги потпишам договорите со фирмите на Беко и на Мишковиќ, па, штом тие ќе ги завршат обврските околу превземањето на акциите, јас да им ги префрлам парите, а тие акциите да ги префрлат во рок од 90 дена.
За тие потреби, јас ја ангажирав фирмата „Сента“, преку која ги вршев овие работи и која што ме следеше во текот на целиот проект. Бидејќи партнерите од ВАЦ ја имаа мојата банкарска гаранција, ги прифатија нивните услови и начинот на кој ќе дојдеме до акциите!

 

ПАРТИСКИ ПАРИ НА ЛИЧНИ СМЕТКИ!?

Набрзо после потпишувањето на договорите и отварањето на фирмите од страна на Беко и на Мишковиќ, Манојло Вуковиќ „распиша проспект“ и акциите многу брзо се најдоа на берза. Според веќе испланираното договорено сценарио, како купувач не се појави никој, освен Беко, така што неговата фирма „Стадлукс Инвестментс“ од Луксембург, со помош на брокерската куќа „МВ Инвестментс“, стана сопственик на 60,87 отсто од акциите на „Новости“, купени од малите акционери на 29-ти август, 2006 година.

Веднаш по преносот на акциите на име на фирмата на Милан Беко, ги информирав партерите од ВАЦ и на 13-ти септември направивме нов договор со конкретни проценти на сопственоста, роковите и износите. Целиот месец септември беше посветен на изработување на меѓусебни договори и останата документација помеѓу мене и партнерите од ВАЦ, од една страна, и Милан Беко и неговите фирми од друга страна.

Според претходниот договор, на Беко му префрлив износ од 5.770.069 евра на име на фирмата „Ардос холдинг Гмбх“, износ од 5.779,696 евра на фирмата „Тримакс Инвестентс Гмбх“, регистрирани во Австрија, и износ од 3.120.266 евра на фирмата „Карамат Холдингс Лимитед“ од Кипар.

Беко, имено, во договор со Мишковиќ, трите фирми ги регистрираше за да го избегнат плаќање на даноци во Србија и да направи профит на компаниите од кои ќе може да ги префрли парите на оф-шор компании, за да може да го плаќа целиот врв на српската влада, но, и политичките партии кои се подготвуваа за претстојните избори. Со парите требаа да покријат и други трошоци, во кои според Беко беше и бонусот за хонорарот на Манојло Вукотиќ, во износ од 1.000.000 евра за неговата помош во приватизацијата, и веднаш по извршената приватизација му беа исплатени 500.000 евра на сметка во Грција.

Деталите околу исплаќањето на поединците, Беко ни ги соопштуваше, за да може да ни го објасни отварањето на десете фирми (покрај овие 4, отвори уште 10), но, и да ни објасни што се случува со големата разлика во цена која што Беко ја остварува со препродажбата на акции од една на друга фирма. Во присуство на Драган Мичовиќ, ни објасни дека од разликата која изнесува околу 10 милиони евра, тој и Мишковиќ ќе задржат 4-5 милиони, а останатиот дел од парите ќе бидат за Дејан Михајлов и Александар Никитовиќ, кои, пак, парите ќе ги дадат на Драган Јоциќ, Раде Булатовиќ, Предраг Бубало и на Коштуница за ДДС, бидејќи таков договор беше направен во кабинетот уште во 2005 година, оти сите поединечно имаат своја улога во приватизацијата!

Бидејќи Беко мораше да ги плаќа и службениците од агенцијата како Мишко Ѓорѓевиќ, Оливера Савовиќ и уште некои други, Драги Мичовиќ бараше од мене да уплатам уште 500.000 евра, кои беа потребни за партијата ДСС за престојните избори. Ми објасни дека тоа лично го бара Дејан Михајлов, а како доказ дека тоа е точно, покажа моментот кога дојдоа заедно во Црна Гора во мојот хотел и од тука ми се јавија на телефон. Во текот на разговорот, дојде до недоразбирање, бидејќи Мичовиќ ја промени приказната околу парите за избори и започна да ми споменува дека тие пари одат за заеднички пријатели. Подоцна ми рече дека тие се за Јоциќ, Никитовиќ, Булатовиќ и останатите од екипата. После тоа уплатив 500.000 евра за Дејан Михајлов, односно за партијата ДДС на сметка на Драги Мичовиќ во Италија.

Во периодот додека бев близок со Беко и со Мишковиќ, во неколку наврати им покажував уплатница, тврдејќи им дека имам доказ за плаќањето на главните луѓе на Коштуница и дека не можам да им дозволам да не измамат во врска со „Новости“. Кога беше покрената истрагата против мене, добив порака дека, покрај останатото, тоа е поради моите приказни за таа уплата!

И ТИЈАНИЌ ДОАЃА ПО СВОЈОТ ДЕЛ ОД КОЛАЧОТ

Иако обврската на Милан Беко беше акциите да ни ги предаде во определен рок, најдоцна од 90 дена, тоа не се случи. Објаснувањата беа најразлични, од техничко доцнење на администрацијата, до презафатеност на адвокататите на Беко за да ја завршат документацијата, па и до политички причини, со наводно објаснување дека би било непријатно пред изборите акциите да се префрлат на ВАЦ, бидејќи со тоа би се дикредитирал Коштуница. На еден официјален документ кој беше испратен од страна на Беко и на Мишковиќ, стои дека акциите ќе бидат предадеди најдоцна за 6 месеци по завршувањето на изборите!

Објаснувањето од страна на Беко, беше дека мора да поминат 3 месеци за да се формира влада и уште 3 месеци за првите 100 дена, и дека после тие месеци ќе можат да ни ги префрлат акциите. Додека во тој период се обидувавме да ги препишеме акциите, ме контактираше Александар Тијаниќ, директор на државната телевизија, бивш министер од времето на Милошевиќ и пред се близок пријател на највисоките државни функционери. Неговиот коментар беше дека Коштуница не дозволува акциите да се префрлат на ВАЦ, бидејќи  јавно соопштил во текот на изборната кампања, дека тоа никогаш нема да го дозволи и дека треба да чекаме сето тоа да се заборави!

Бидејќи ни беше многу важно што побрзо тоа да го официјализираме и да го обелодениме купувањето на Новости, Тијаниќ даде предлог дека тој ќе поразговара со луѓето од врвот на државата, ќе им понуди решение. На состанокот одржан во Диселдорф, во присуство на Срѓан Керим и Бодо Хомбах, понудата од страна на Александар Тијаниќ се состоеше во следново: ВАЦ да го вработи Тијаниќ како директор за корпоративен медиумски имиџ, за во период од 6 месеци да успее да го промени лошиот имиџ кој што ВАЦ го има во Србија. Тој ни кажа дека има влијание во скоро сите печатени медиуми, во повеќето електронски, дека во таа работа ќе му помогнат блиските пријатели Драган Јоциќ, Раде Булатовиќ, Срѓан Ѓуриќ (секретар на владатата за информирање и председател на УО Новости), Дејан Михајлов и Александар Никитовиќ.

Своето значење и близината со споменатите функционери, Тијаниќ ја демонстрираше со покажување и со читање на СМС пораки од неговиот телефон, со директно телефонско поврзување со некои од нив. На крај, го запрашав за хонорарот, на што тој ми одговори дека чека понуда од наша страна, дека мора да биде повисок износ од неговиот моментален договор што го има со „Делта“ за истите услуги, кои вредат милион евра годишно. Оставивме да се видиме за неколку недели, кога партнерите од ВАЦ ќе размислат и одлучат. Меѓутоа, до понатамошни разговори не дојде, бидејќи според зборовите на Тијаниќ, после враќањето од Есен, добил забрана за продолжување на преговорите од страна на Александар Никитовиќ.

На 20-ти декември 2006-та, фирмата на Беко – Стадлукс, и фирмата Сента, која работеше за мене, потпишаа трансакционен договор, чиј предмет беше прометот на акциите на Вечерње Новости.

 

ВЛАСТА Е ЗАДРЖАНА, АКЦИИТЕ ГИ НЕМА!?

Изборите беа закажани на 26 јануари 2007 година, и, според зборовите на Беко, акциите требаше да ни бидат префрлени најдоцна до јуни 2007 година. Во таа фаза, голем дел од времето го поминував во Белград, го развивав работењето на својата фирма за дистрибуција „Футура плус“, која ја основав заедно со германскиот концерн ВАЦ. Редовно се гледав со Беко, Мишковиќ, Мичовиќ, Алексадндар Тијаниќ, како и со многубројни други функционери од власта.

Во тој период, до мене стигна информација дека во обвинителството „се пакува“ тужба против една група на луѓе за шверц со цигари од раните 90-ти години, меѓу кои беа и соработниците од мојата фирма на чело со мене. Бев запознат со приватната и тајна акција на бившиот министер на полицијата Душан Михајловиќ, кој тајно ја започна истрагата, со намера да ги опфати сите богати бизнисмени, за кои веруваше дека ќе може да ги рекетира. Бидејќи еден од тие поединци бев и јас, станав предмет на уцена и рекетирање од страна на Михајловиќ.

По тој повод, веќе поднесов пријави против Михајловиќ во полицијата во Швајцарија, Франција, Велика Британија. Преку Мишковиќ, Беко, Тијаниќ и други, пратив порака на Драган Јоциќ, министерот на полицијата во Србија, и на Раде Булатовиќ, директорот на тајната полиција. Од сите споменати политичари добив идентични одговори, дека знаат што и зошто Михајловиќ работи и дека нема причина за грижа!

Во текот на 2007 година, цело време бев во Белград и работев во својата фирма „Футура плус“, а во исто време започнав со средување на „Вечерње Новости“. Договорот кој го направивме со Беко и со Мишковиќ, подразбираше ние да го превземеме раководството на фирмата, бидејќи со уплатата станавме сопственици на компанијата, иако сеуште сопственоста формално се водеше на име на Беко и на Мишковиќ.

Прифативме тие да го постават Управниот одбор, а ние да ги обезбедиме извршните функции. Бидејќи долго време не бев во земјата и не ги познавав кадрите, го прифатив предлогот на Беко, Мишко Ѓорѓевиќ, од директор на Агенцијата за приватизација, да дојде за директор во Вечерње Новости. После објаснувањето дека во фаза на избори не смее да се менува Манојло Вуковиќ, дека тоа може да го отежене превземањето на акциите, се согласив Ѓорѓевиќ да го поставам за заменик-директор на Новости.

Ѓорѓевиќ до денот кога работеше во Новости, дури и кога во средината на 2007-та бев ставен во наместена потерница од српската полиција, ме третираше мене како работодавач и редовно ме информираше за состојбата во куќата.

Иако од рокот за предавање на акциите поминаа повеќе од 5 месеци, ние и понатаму им верувавме на Беко и на Мишковиќ, бидејќи потврдата дека тоа е точно, посебно ја добивавме лично од Дејан Михајлов, Александар Никитовиќ, Драган Јоциќ, Александар Тијаниќ и многу други, старо-нови министри и функционери, кои после изборите ја задржаа власта и својата функција, на чело со Коштуница како премиер. И понатаму сите меѓусебно се гледавме и имавме бизнис соработки, како на проектот Новости, така и на други проекти кои ги започнав со Беко и со Мишковиќ!

(продолжува следната сабота)

Поврзани новости