Скандалот по убиството на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш од страна на техничари во психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир добива нови драматични димензии, откако хрватските медиуми објавија дека во последните 3 години во оваа здравствена установа починале дури 201 пациент.
Фрапантната бројка, со оглед дека таму се лекуваат психијатриски пациенти, а не пациенти со смртоносни болести, дополнително ги засили барањата за темелна проверка на работењето на болницата. Сепак, бројката се однесува на вкупниот број смртни случаи во установата и не значи дека тие се сомнителни или поврзани со насилство.
Периш почина на 21 октомври, а неговата смрт предизвика шок во јавноста откако во медиумите протече снимка од болничкиот видеонадзор на која се гледа брутално насилно постапување на медицински техничари кон врзан пациент.
Четворица техничари се уапсени и се наоѓаат во истражен притвор поради сомнение за тешко убиство. Истрагата треба да утврди дали употребата на физичка сила и постапувањето на персоналот довеле до смртта на пациентот.
Министерството за здравство отвори прашања за одговорноста на болничкото раководство и најави продолжување на надзорот.
Директорката на клиниката, Мајда Грах, поднесе неотповиклива оставка. Оставки поднесоа и нејзината заменичка и помошникот, како и претседателот на Управниот одбор.
Случајот предизвика силни реакции од граѓаните и активистите за правата на пациентите.
Покрената е петиција под наслов „Доста е молчење: Бараме одговорност и оставки по случајот Јанкомир“, со која се бара оставка од министерката за здравство Ирена Хрстиќ, смена на директорката и претседателот на Управниот одбор, како и независна истрага за можните институционални пропусти. Иницијаторите бараат и национален надзор над психијатриските установи и независен систем за заштита на правата на пациентите.
На 14 ноември, во Загреб и во Сплит се најавени мирни собири во знак на сеќавање на Периш и солидарност со неговото семејство. Семејството на Периш, пак, најави посебно комеморативно собирање на 21 ноември во 18:30 часот, на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб.