Шпекулациите воопшто не ни помагаат, вели мајката на Вања, по која се трага пет дена

by Fokus

Додека полицијата активно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска, која исчезна на пат до училиште на 27-ми ноември, во јавноста постојано се шират разни теории на заговор и дезинформации.

И покрај тоа што од МВР во повеќе наврати апелираа да се запре со објава на непроверени и непотврдени вести, сепак, освен на социјалните мрежи, дури и во одредени електронски медиуми се објавуваат невистини, а дел од нив пред неколку дена беа дека девојчето било пронајдено, дека било во друга земја, влегло во бел автомобил… Сите овие шпекулации беа негирани од надлежните служби.

Зорица, мајката на Вања, која прва на социјалните мрежи го сподели апелот за пронаоѓање на девојчето, само неколку часа по неговото исчезнување, во разговор за ,,Фокус” вели дека е свесна за јавниот интерес за настанот, но шпекулациите воопшто не им се од помош, ниту ним, ниту пак на истрагата.

-Коментарите на социјалните мрежи не ги читам. Во некои медиуми се објавуваат мои наводни изјави, ако сум кажала нешто, од тоа се вадат заклучоци, се извртуваат зборови. Потенцирам дека сум задоволна од работата на полицијата, се е во нивни раце. Ако некој може да го пронајде моето дете, тоа се институциите кои се задолжени за тоа. Ние, што можеме да направиме? Да одиме и да бараме по улици? Затоа замолувам да се престане со шпекулации и невистини, ова е навистина тежок период за нашето семејство – апелира мајката.

Околу бројните јавни реакции околу таткото на Вања, каде е тој и зошто се нема јавно огласено, таа вели дека како таткото, така и целото семејство е заедно во овие моменти.

-Таткото на Вања, Александар, не користи социјални мрежи. Можеби некому тоа му е несфатливо, но не секој сака да го става својот живот на тањир. И јас не објавувам многу на социјалните мрежи, и не гледам ништо спорно во тоа. Александар нема ризична професија, појаснува мајката, околу шпекулациите дека можеби Вања е киднапирана поради наводни ситуации поврзани со работата на родителите.

Вели дека семејството е во постојан контакт со службите и дека во интерес на истрагата не може да соопштува повеќе детали.

Од МВР истакнуваат дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.

-За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол.
Апелираме да не се шират дезинформации, а МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката- соопштија од министерството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости