Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска соопшти дека средството кое се користи при прскањето на комарците во главниот град не влијае на здравјето на луѓето. Во Скопје се прскаше со средство од германската фирма „Бауер“ и во изминатиот период беше направена негова анализа.
-Препаратот кој го користевме годинава не влијае врз општото здравје на луѓето и малку или минимално влијае на остатокот од живиот свет. Исклучиво ги третира комарците и останатите инсекти кои се јавуваат како штетни инсекти во овој период. Градот секогаш соодветно им соопштува на пчеларите да ги заштитат гнездата со цел да не дојде до истребување на пчелите, изјави Шилегов во паркот во Ѓорче Петров.
Тој информира дека годинава климатските услови придонеле интензивно да се појават комарците.
– И на 1 јули температурата беше 18 степени и имаше врнежи. Имавме долг врнежлив период, врнежливо лето и наглото затоплување и сушење всушност претставува основа за интензивно зголемување, расплодување на комарците. Поради таквата масовна појава, иако претходно веќе двапати беа третирани комарците, дадовме интензитет со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните, рече Шилегов.
Појасни дека мора да има соодветни услови за да се изведе прскањето. Тоа се најмалку три дена без врнежи и потоа и следните два дена да бидат без врнежи за да не се измие средството кое се употребува.
– Ние не можеме да ги предвидуваме природните појави, ниту временските услови, но можеме соодветно да реагираме. Соодветната реакција на градот беше со интензивирање на прскањето против комарци, рече Шилегов.
Тој соопшти дека постапките, процедурите и протоколите за третирање на комарците се резултат на институционална соработка, а не исклучиво на службите на Град Скопје.
– Тие ги определуваат протоколите, местата, времето кога и каде се прскаат комарците. Имаше и некои индивидуални мислења дека веројатно тоа може да биде и порано. Ги повикувам тие лица, вработени во институциите доколку навистина мислат дека тоа е така, институцијата да утврди нов протокол, да го усогласиме заедно со Град Скопје, рече Шилегов.
На новинарско прашање за појава на молци на Водно и Матка, Шилегов рече дека е поминат периодот на расплод, годинава е согледана таа појава и додаде оти веќе е доцна и беспредметно да се врши заштита на тоа подрачје. Најави дека службите во градот во идниот период ќе ги лоцираат точно местата со цел следната сезона да се спречи нападот на молците врз шумата. Се работи за мало изолирано место и ќе бидеме во можност да спречиме евентуално оштетување на парк-шумата Водно.