Попова: Шилегов е најнеспособниот градоначалник во модерната историја на Скопје

by fokus

Шилегов е најнеспособниот градоначалник во модерната историја на Скопје, изјави денес советничката во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова.

Таа посочи дека поради неговата неспособност Скопје се повеќе наликува на запуштен град.

-Со денови граѓаните се жртва на кучињата скитници, кои напаѓаат, касаат и ги трауматизираат граѓаните. Власта на која устата им е полна со ЕУ и НАТО, а чиј претставник е Шилегов треба да знае дека во ЕУ не се оди со полни улици и плоштади со бездомни кучиња кои ги касаат граѓаните, но и туристите оставајќи негативна слика на секој посетител поединечно. Енормно е зголемен бројот на граѓани кои нападнати од кучињата скитници се јавуваат во скопските болници. Граѓаните се преплашени, не се безбедни ниту младите, ниту возрасните. Шилегов носи директна вина за огромниот број кучиња скитници низ градот Скопје. Градот нема направено ништо во насока на стационирање и третирање на кучињата во стационарот Вардариште, кој повеќе е празен отколку исполнет со заловени кучиња, нагласи советничката.

Попова додаде дека и покрај тоа што постои програма за заловување и третирање на бездомните кучиња во градот Скопје донесена од Советот, според тоа што го гледаме таа не се применува.

-Кучињата скитници се директна опасност за граѓаните и треба соодветно да се третираат. ВМРО-ДПМНЕ му препорачува на Шилегов доколку не знае што треба да направи, доволно е само да ги продолжи проектите кои во голема мера беа отпочнати од ВМРО-ДПМНЕ во минатото, истакна Попова.

-Потребно е зголемување и осовроменување на капацитетот на опремата за заловување, како на возилата така и специјална опрема за таа намена.

-Заловените кучиња кај кои е констатирано дека се агресивни веднаш да се заловат и карантински да се третираат пред да бидат вратени.

-Изработка на регистар од страна на АХВ на домашни миленици, за потоа да се изврши чипирање на регистрираните домашни миленици, а потоа и на кучињата бездомници со што јасно ќе се разграничи состојбата на континуиран прилив од домашни миленици во бездомни кучиња.

-Изградба на мини стационари за кучиња во неколку скопски општини, каде за тоа постојат услови.

Како што рече таа, граѓаните чекаат резултати.

-Скопјани не се должни со сопственото здравје да ја плаќаат неспособноста на Шилегов, кој едвај изврши едно обично прскање против комарци. Градот заслужува одговорност и работа. Скопјани сакаат чист и безбеден град, нагласува советничката од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости