Шилегов ја напиша првата кривична пријава за недозволено фрлање смет

by fokus

Големата акција за чистење и уредување на јавните површини која ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини денеска се одвива во општините Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај. Денеска е поднесена и првата кривична пријава за неовластено фрлање смет со што Град Скопје ја потврдува заложбата за почиста и поздрава животна средина.

– Станува збор за масовно чистење во кое се вклучени сите технички и човечки потенцијали на градот и на јавните градски претпријатија, помогнати од општините. Во секоја општина веќе се поставени по 3 пункта за одлагање кабаст отпад каде што граѓаните ќе можат да го остават својот отпад од ваков тип. Оваа акција ќе биде проследена и со засилен инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места – рече Шилегов.

Тој изјави дека за првпат во историјата на Град Скопје денеска е напишана првата кривична пријава за неовластено фрлање смет.

-Станува збор за лице фатено на самото место, на улицата Александар Урдаревски во општината Бутел. Градскиот инспекторат во соработка со Министерството за внатрешни работи изврши увид, земени се сите докази и е поднесена кривична пријава. Нема да правиме компромис со никого кога станува збор за чистотата во нашиот град. За чистотата во нашиот град ќе се грижиме сите заедно, зашто сите заслужуваме да живееме во многу поубаво и почисто Скопје – рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на денешната акција за чистење на улицата Христо Татарчев, во Кисела Вода.

Акцијата за чистење и уредување на градот ќе опфати расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење дрвја и косење трева и пополнување ударни дупки. Во општината Кисела Вода денеска ќе бидат расчистени неколку диви депонии, ќе се чисти Усјанскиот канал, ќе се пресечат неколку стари и исушени дрвја, а ќе бидат исчистени и повеќе улици.

 

Поврзани новости