Шест приватни компании го зголемија породилното отсуство на 12 месеци

by Fokus

Шест македонски приватни компании воведоа 12 месечно породилно отсуство и скратени работно време  за своите вработени. На денешната средба со претставници на Сојузот на Стопанска комора, министерката за труд Мила Царовска и премиерот Зоран Заев ги повикаа и останатите фирми да го следат примерот.

-Ова не е законски регулирано, туку фирмите сами одлучија да им дадат 12 месеци породилно отсуство и скратени работно време за секој родител вратен по породилно отсуство. Со тоа тие се обезбедуваат поквалитетно работно место за своите вработени. Доколку приватните компании сакаат, можат да го воведат и новото работно време на државната администрација од 7.30 до 15.30 или од 8.30 до 16.30 часот. Со ова ќе се овозможи баланс меѓу работниот и приватниот живот што секаде во светот дава поголема продуктивност и поголема среча, а со тоа и поголем економски раст и развој, рече Царовска.

На состанокот била отворена можноста да се воведе и рамноправно породилно боледување и за татковците, можност за комбинирани делови на породилно боледување на мајките и на татковците.

– Отворивме можност и да поразговараме и за Законот за работни односи што е во почетни фази на дебати каде што навистина ваквите иницијативи за нас се дополнителна мотивација да овозможиме флексибилност на работното време со клизното работно време, со она што значи дополнителна адаптираност на работниците и потребите на работодавачите што произлегува и од синдикатите но и од сите комори. Испраќам сериозна порака на поддршка на ваквите иницијативи и апел до што е можно повеќе компании во нашата земја да практицираат вакви позитивни примери, рече Царовска.

Министерката смета дека Законот за работни односи треба да биде нов современ закон, да обезбеди  флексибилност и сигурност на работникот, нешто што според неа, земјава со години го немала.

– Треба да се задоволат и двете страни и работодавачите и работниците дека преку ваков тип иницијативи и работниците и работодавачите се приближуваат едни кон други, имаат заеднички интерес а тоа е подобра економија, попродуктивни работни места, поплатени работни места, заклучи министерката Царовска.

Во однос на државната администрација, зголемувањето на породилното отсуство засега не се превидува дека дополнителните три месеци ќе треба да бидат на товар на државата и за овој трошок државата нема пари.

– За жал ние немаме можност тоа да го воведеме во државниот сектор. Продолжувањето на породилното отусуство е иницијатива на приватните компании. Ние немаме ресурси во законот тоа да го додадеме. Тие тоа самоиницијативно го прават. Од фабриката „Европа“ од 400 вработени 300 се жени. Во моментот имаат десетина на породилно. И тие велат дека тоа е можно да го организираат. Тие како компанија ги покриваат трошоците и велат дека добиваат среќни, лојални работници, посочи Заев.

Поврзани новости