Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска денес одржа состанок со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, Горазд Бартол.
Шекеринска изјави дека Република Македонија е посветена на вистинско партнерство со НАТО и дека зачленувањето во Алијансата е еден од клучните стратегиски приоритети на државата.
„За нас постојат три клучни елементи – реформските процеси во Армијата, поставени реално и со реални временски рокови, модернизацијата на Армијата, за што очекуваме и поддршка за овој процес од ваша страна и внатрешна реформа во однос персоналот, кој за нас е важно да покаже професионалност и да се ослободи од политика“, потенцирала министерката на средбата.
Шекеринска истакнала дека по Самитот на НАТО во 2008 година, политичката порака испратена до Македонија не беше добра, а потоа следеше и забавување во реформските процеси. Таа додала дека Република Македонија, сепак покажа дека има капацитет за промена и дека има способност да се врати на вистинскиот пат, соопштија од Министерството за одбрана.
Бартол потенцираше дека НАТО го враќа регионот на Западниот Балкан во фокусот и дека е посветен на развој на сите аспекти на соработка и поддршка на земјите од регионот.
Претставниците на Канцеларијата посочиле дека ако во 2008 за проблем за прием на Република Македонија во НАТО се сметаше спорот за името, сега земјите-членки на НАТО очекуваат Македонија да ги увери дека е на реформски пат.