Лицето на власта

by Фокус

Кај нас секоја партија која ќе дојде на власт го користи системот на раководење со државата воспоставен од претходната власт, самоусовршувајќи го за да одговори на потребите на партијата и нејзиното раководство. Народот не е битен, ниту неговите потреби, освен пред избори

Звонко ДАВИДОВИЌ

Нема правда, нема мир, ечеа улиците од луѓето кои не можеа повеќе да ја трпат неправдата, селективноста, лоповлукот, неказнивоста и недопирливоста на поединци, нееднаквоста пред законот, урнисаниот и разнебитен правен систем, нефункционирањето на државните институции и заробената држава. Се постигна Пржинскиот договор, се формираше СЈО, Катица стана “специјална”, а власта се смени. На власт дојдоа тие кои заедно со нас чекореа по улиците, кои добро знаеја што треба да се смени и тоа и го ветија.

Не само што не го исполнија ветеното, туку не се ни обидеа тоа да го сторат. Останаа истите луѓе на истите места, само го сменија стопанот, клиентелистички го испорачуваа она што од нив се очекуваше, послушност и сервилен однос, хранејќи го егото и самобендисаноста на власта.

Секоја партија сонува за власт и моќ и тука нема разлика, но постојат партии, кои тоа го прават на законски и хуман начин, одговорно и транспарентно. Но не и кај нас.

САМО ВЕТУВАЊА

Кај нас секоја партија која ќе дојде на власт го користи системот на раководење со државата воспоставен од претходната власт, самоусовршувајќи го за да одговори на потребите на партијата и нејзиното раководство. Народот не е битен, ниту неговите потреби, освен пред избори кога лажливо и лажно партиите му ветуваат подобар живот, еднаквост пред законот, неселективна правда и доследна примена на законот.

Но ваквото ветување останува само ветување, кое трае до мигот во кој потребата на партијата е поголема и побитна од законот. Во мигот кога треба да се оствари интересот на партијата, или на партискиот моќник, законот и правните правила престануваат да важат. Тогаш се заборава секое ветување, се заборава сето она што се верувало, сето она што се критикувало и на најбезобразен и најбрутален начин се крши законот. А секое кршење на законот, колку убаво и вешто да е спакувано во “државните интереси”, или во гаранцијата за наводно подобро утре, е кршење на закон и остварување на неправо.

И најважно од се кога еднаш ќе се посегне по таков механизам и ќе се прекрши законот, истото ќе се случи и по вторпат и третпат и којзнае колку пати, затоа што санкција нема.А, нема затоа што, тој што треба да го санкционира ваквото однесување е многу одамна под капа на извршната власт и попусто се нарекува правосуден систем.

АЛАТКА НА ВЛАСТА

Во таквиот систем нема ниту правда, ниту е систем, туку е сервис и алатка на извршната власт.

И се почнува навидум невино и за повисоки интереси и цели, а се во интерес на граѓаните. Почнува со амнестија и тоа на луѓе кои треба да ја кренат раката во Собранието за да се реши спор со името, но никогаш не запира на тоа, затоа што желбите и потребите на власта се неисцрпни. Селективноста во амнестирањето само го покажа очекуваниот натамошен пат на оваа власт, која со тоа полека почна да наликува на претходната.

Реформите се заменија со празни ветувања, неуспесите се прогласија за успеси, а судството и обвинителството продолжија да бидат алатка на власта. Пазарењата помеѓу партиите и недопирливоста на поединците, кои високо котираат во партиската пирамида на моќ, или потреба, продолжија да се практикуваат како нешто сосема нормално и природно.

Токму затоа продолжуваат истите проблеми да се повторуваат. Се буневме и лутевме кога судеа новинар за одавање на идентитет на заштитен сведок кој ниту бил заштитен, ниту сведок, туку наместена и нарачана фигура за да се замолчат новинарите и сите оние кои јавно зборуваа и се спротивставува на ваквото практикување на власт. Никогаш никој од обвинителството не покрена постапка против оние кои го употребија лажниот сведок во постапката и кои беа одговорни за притвор кој траеше повеќе од три години. Никој не одговараше, ниту за Томче Кежаровски и останатите од предметот Ликвидација, кои беа неправедно судени во наместен предмет кој го водеше некогашната обвинителка од специјалното обвинителство, сегашен сведок во Рекет.

Исти луѓе на исти места не можат да дадат друг резултат, поразличен од досегашниот, па затоа и не изненадува пресудата против новинарот Митевски како што не изненадува и неводење на постапка за откривање на оној кој го дал записникот.

Исти постапки во исти околности не можат да дадат поинаков резултат, вели една теорија, која многу добро може да се примени во нашето општество во кое истите постапки на исти луѓе на исти места во судството даваат исто лице и резултат на две различни власти.

Очигледно е дека кај нас не владее теоријата на хаосот, туку хаосот во пракса.

 

Поврзани новости