Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 29 март 2013 година.
Пишувал
Исо Руси
Сега е сигурно дека вистинската целосна историја на „Фокус“ нема никогаш да биде напишана. Неговото раѓање, менувањето пелени, маките со гасови во стомачето, цврстото застанување на нозе, проодувањето, првите немушто изречени зборови и артикулираното обраќање, сите негови детски болести… беа фази во кои многу, и многу различни луѓе, играа поголеми, или помали улоги. Но, најголемиот дел од тие луѓе беа врзани за одделни периоди и околности.
Беа присутни некое време, доаѓаа и си одеа, се враќаа, но де факто, беа епизодисти во целата приказна. Столбот, единствената главна улога ја имаше Никола Младенов, кого од самиот почеток на нашето познанство и, сигурно нескромно кажано, пријателство од средината на осумдесеттите години на минатиот век, го нарекував Малиот. Најмалку заради неговиот физикус или, не дај боже, дух. Туку како каков-таков обид за одговор на неговиот ненадминлив сенс за хумор, неговото здраво пецкање, ироничност или циничност, сеедно. Тој беше центарот на фокусовиот сончев систем околу кој сите останати се вртеа како планети, месечини, ѕвездена прашина…
Малиот, чиј неостварен детски сон беше да биде актер, имаше невозможна амбиција да му ги „отвора очите” (по општество, природата добро му ја знаеше) на народот, кого многу го сакаше и му го посакуваше најдоброто.
МЛАД БОРЕЦ И „КРАТКИОТ КУРС“ ПО ЛИБЕРАЛИЗАМ
Знаеше дека „Млад борец“, кога го преземаше, беше дел од стариот систем и дел од мракот во кој срамежливо, бавно, но и незапирливо почна да продира светлина. Беше и убеден дека првиот весник на македонски јазик во првата држава што Македонците воопшто ја добиле може да биде и силен предвесник на новата доба. По онаа: Секогаш млад, секогаш борец! На народот треба само да му се каже што пропуштил, што му премолчиле или го излажале, за тоа што години со ред по освоената слобода се случувало и за тоа што се треба да има во земја со нормална демократија. Неговиот и на неговите соработници „Млад борец“ сигурно си го заслужи своето место во нешто што е, сега за сега, само по себе е повеќе од спорно – демократска Македонија.
Фактот дека „Млад борец“ замина во историјата заедно со системот што сакаше да го разголи, не го обесхрабри. Како дел од јадрото млади, амбициозни луѓе собрани околу урнатините на некогашната младинска организација, немушт приврзок на единствената партија на власт, со амбиции да го шират либерализмот, Малиот го зеде својот дел од товарот – преку Радио Либертас да ја либерализира Македонија. Паралелно со тоа влезе во војната за освојување на етерот од страна на новите, приватни медиуми, здружувајќи ги силите и со обиди организирано и заеднички да се дејствува.
И го правеше тоа , како што и живееше, со „320 на час“ – не баш од изутрина, ама затоа до доцна навечер. Либерализацијата на општеството кое божем се менуваше се обиде да ја зајакне и теоретски, со издавање и книги со иста цел – отворање очи на народецот кој сѐ уште подзамижуваше, како небаре (пре)„силно светнал ден“. Не дека Малиот не беше свесен дека многу од неговите намери се покажаа како илузии, туку не беше баш човек кој така лесно се откажува од она што го сметаше за своја (животна) улога.
Повеќе веруваше дека малку е направено, дека уште нешто треба да се обиде да направи, отколку да се откаже. Затоа и тој остана тоа што до крајот на животот беше новинар – борец за слобода, додека неговиот тогашен соборец влезе во политиката и во претседателската резиденција Водно и денес е носител на (формално) највисоката државна функција. И убеден сум дека Малиот не мислеше дека „либералниот“ период му е грешка или дека времето и енергијата вложени, да речеме, во почетокот на ТВ Канал 5 му беа залудно потрошени.
МОЖЕ ЛИ ДА СЕ ФОКУСИРАМЕ НА ДЕМОКРАТИЈА?
Кога дојде „Фокус“ на ред, најлесна беше одлуката за името – падна во чест на оној „Фокус“ на скопската младинска организација од крајот на 1960-тите . Повеќе како пуста желба за континуитет во демократските заложби. И тој и неколкутемина кои сакавме да му помогнеме, помалку мангупски, мислевме дека ја најдовме формулата како најефикасно ќе го натераме народецот да почне да размислува во духот на новото доба. Оставајќи ја на страна илузијата дека новинарите и медиумите можат да ги менуваат и држат под контрола (за да не забегаат) политиката и државата, се сложивме дека за македонски прилики најидеално е да се прилагоди концептот на хрватскиот „Глобус” – читателот да се привлече со стории кои му се блиски, кои му се случуваат нему, на неговите, на комшијата – приказни со кои може да сочувствува. (Затоа и пријателот со кој исто се гордеам дека го имав Небојша Јаконов, господ душа да му прости, главата и грбот на „Фокус“ ги направи по урнекот на Глобус).
Притоа користејќи јазик и стил кои му се разбирливи и кои го мотивираат да ги ослободи своите мисли и емоции. Во тој пакет, со ист јазик и стил, ненападно – во мали количества да се информира и да му се објасни што тоа се случува онаму каде некои други носат одлуки чии последици тој ќе ги плати. На тоа Малиот не можеше а да не му го даде својот личен печат, највидлив во редакциските опреми на содржините на неделникот (наслови, насловни страни и сл.) и уште поважно создавајќи го својот најличен Ј.Б.Тито, кој новинарските сладокусци со нетрпение го чекаа секоја недела.
Едно беше да се дојде до формулата, друго да се реализира. Тоа најдобро го почувствуваа Никола и Жоро. Едно е неспорно – покрај сите детски болести, залудното трошење енергија, простор, време, мали или поголеми „губења ориентација” – „Фоку“с стана „фактор“. До таа мерка што пред 1998 влијаеше без сомнение на исходот на изборите. Токму тие моменти се најилустративни за она што беше најдрагоцено за Малиот и за „Фокус“. „Фокус“ и Никола многупати во многу различни прилики беа толкувани вака или онака, блиски, или во скутот, на оној или овој… Ништо попогрешно – Никола и неговиот „Фокус“ беа свои и посветени на она во што веруваа – дека треба да се размислува со своја глава, да се почитуваат светите демократски принципи, слободата пред сѐ.
И тука блискоста, па и пријателствата со политичари, нивните опции и партии, можеби можат малку да те успорат, но никако да те сопрат; да те натераат малку да подразмислиш, но никако да те разубедат. Наместо вообичаеното новинарско и медиумско трчање по партиите и политиката, околу „Фокус“ се случуваше она обратното – партиите, по правило оние од опозиција, ја посакуваа блискоста со него, поддршката од „Фокус“. И пак грешеа – Малиот и „Фокус“ веруваа во гласноста, наспроти едноумието. Затоа и Никола и „Фокус“ останаа свои, отворени за секој што сакаше да биде на страниците на весникот, никако про овој или оној. Не дека луѓе со такви склоности во „Фокус“ немало, но тие бргу или ќе научеа што Малиот навистина верува и прави или ќе си заминеа. Не дека Никола и особено „Фокус“, во кој Никола не беше контрол фрик – газда во однос на неговите уредници, не грешеа, но во никој случај не беа превртливи, недоследни.
Имајќи на ум како Македонија се движеше од 1990 па наваму, нормално беше таквиот Фокус и таквиот Никола неизбежно да создаваат повеќе непријатели отколку пријатели. Малиот никогаш не се жалеше за цената што ја плаќаше – било да стануваше збор за раскрвавениот му нос, за инспекции кои ги праќаше сопругата на универзитетскиот професор за чија енциклопедија пишуваше „Фокус“ и кои имаа единствена задача да најдат нешто што не е во ред и треба да се казни, било да беа во прашање судски процеси со астрономски оштети како онаа во случајот со Црвенковски.
Сето тоа продолжи и до последните денови – од проблемите со дистрибуцијата на дневниот „Фокус“ (со јасен политички жиг, како во случајот со „Тинекс“) или за нас се уште енигматичната тужба од се уште неименуваниот тужител. И кој знае што уште не, што и ние кои се сметавме за негови пријатели, не знаеме, бидејќи Малиот сметаше дека и тоа е дел што следи ако се бавиш со работата со која се бавеше во држава каква што е -државата во која живееш.
ЗА ЛИЧНИОТ ПЕЧАТ
Приказната за Малиот – и јасниот и недвосмислен печат што го ставаше на неговите проекти заради тоа што беше тој што беше – нема да биде целосна ако не се кажат и неколку работи што беа негови карактеристики, барем според она колку го познавав и времето кое го поминавме во последниве триесетина години.
Никола Младенов новинарот имаше редок квалитет – ракурс со кој ги гледаше, објаснуваше и анализираше работите. Повеќето од нас кои се сметавме за добри, успешни, да не речам големи новинари, на работите гледавме речиси униформно колективистички. Имаш факти, има шеми според кои ги ставаш во мозаикот и сигурен си дека си направил добар напис или прилог. Во општеството во кое голата информација, сама по себе е ексклузива, Малиот не бегаше од тоа да дојде до неа. Но, не застануваше тука.
Вообичаените шеми ги ставаше на страна и го употребуваше својот личен ракурс со кој, според резултатот – неговото писание беа изненадувачки јасни за најголемиот дел читатели. Ние колегите состанувавме вчудоневидени како тоа е едноставно и ефикасно, а ете нам не ни паднало на памет така да размислуваме. Ми паѓа на памет дека еднаш во „Пулс“ по мое инсистирање уредникот Слободан Петровиќ го замоли Малиот да напише неколку колумни кои под насловот „Ретровизор“ ги пишуваше звучно новинарско име и негов колега од „Млад борец“. Првото што го направи беше неколкуте колумни да ги (над)наслови со „Шофершајбна“! Пораката беше апла јасна – Гледај нанапред, не наназад!
Секој што го знаеше, уживаше во неговата умешност дијалогот да го заслади со хумор, иронија, цинизам притоа никого да не повреди. Познати се неговите варијации на тема (предметот од школо) „природа и општество“ – од онаа за „охриѓани на кои природата им дала, а општеството им одзело“ до последната за која знам дека „по природа е оптимист, по општество песимист“. Додека имаше трпение за тоа го употребуваше и во своите написи. Прочитајте ги сите оние „титовци“ што ги објави и повторно по кој знае кој пат ќе се изнасмеете на нешто ново, ќе најдете пацка која претходно не сте ја воочиле.
Кога последен пат го пиевме секој својот пијалак во „Интермецо“, на почетокот на летото 2009 година, му објаснував зошто по речиси цел живот донкихотовски војни (од гимназиски битки за ученички правдини, преку битки за Млад отворен театар и Лет во место како вработен во некогашниот Дом на млади, па сѐ до дописникувањето во загрепски „Данас“ и словенските весници на крајот на 1980-тите или обидите да им се помогне на медиумите како медиа координатор во Сорос и како капак Хелсиншки) дигнувам раце, признавам пораз и заминувам од Македонија со јасна намера да не се вратам таму.
Сигурен сум дека моето тврдење – дека цената на мојот залуден ангажман ја плативме јас и моето прво семејство, пред сѐ, мојата прва ќерка, за кои имав најмалку време и дека немам намера да ја прокоцкам втората шанса да бидам со ќерка ми Сара и неродениот, ама на пат, син Аљоша, нивните можности да ги надградам далеку од Македонија и со моето време со нив – тогаш го сметаше за слабост. Бидејќи и тој и јас бевме „социјалистички“, верувајќи дека татковината, општото добро и се така натаму треба да биде приоритет, а она личното за да не биде себичност треба да биде оставено малку поназад.
Сега ми е јасно дека последниве месеци од својот живот и Малиот размислувал за тоа. Како во меѓувреме да го изгубија интензитетот ентузијазмот и енергијата што беа така видливи во сите негови ангажмани во почетокот на деведесеттите години од минатиот век (сетете се на неговите учества на многуте дебати на кои земаше учество кои денес ги паметам заради тоа што кога говореше беше целиот во својот настап). Јасно ми е дека почесто му се јавувал сомнежот дека новинарите и медиумите, невладините итн. можат да го променат општеството. Дека е можно да се биде слободарски, свој, верен на демократските принципи, уверен во делотворноста на својата мисија и притоа да можеш да опстоиш на пазарот благодарејќи им на твоите професионални и деловни способности.
Ја оствари својата голема желба да издава дневен весник, „вложувајќи се“ како што ќе напише во првиот број, верувајќи дека дневникот е уште помоќна алатка од неделникот, за политичко „отворање очи“ на народецот. Сакам да не сум во право, но имам впечаток дека доживеал големо изненадување удирајќи во уште помасивен ѕид од оној што според дотогашното искуство го очекувал.
Се плашам дека го знаел одговорот на прашањето од неговиот последен уводник („Како може палец да победи стисната тупаница?“). Дека веќе бил свесен дека во Македонија има политички систем и реалност која тешко ќе се промени, не заради идеолошката диктатура и новото едноумизирање на општеството, туку заради тоа што таквото општество го бранат сите оние кои својата социјална сигурност ја добиле благодарејќи му на вождот и партијката му и дека ако тие паднат и тие наеднаш ќе изгубат сѐ.
(Или поинаку што би рекол уште еден од ретките големи новинари таму Тричко: „Поголемо срање од смртта е животот посветен на невозможната мисија да се направи од Македонија пристојно место за живеење“.) Само Господ знае како ги доживеал резултатите од локалните избори.
На крајот Малиот беше човек кој не се штедеше себеси. Разбира се, не ги штедеше и другите. Оние кои не го знаеја, често се чувствуваа навредени и лути. Оние кои му останаа пријатели, во кои се вклучувам и себеси, знаеја дека тоа е резултат на неговата енергија, ентузијазам, верба во она што верува. И не му забележуваа. Откако чув за неговата трагична смрт, само една желба ми се мота во главата: Се надевам дека кон Билјана, ќерките, мајка му и сестра му бил подобар одошто беше кон себе. Дека имал време да им покаже колку ги сака и колку му значат.