Кога Груевски троши пред избори за реклами, знае да потроши и по неколку милиони на ден!

by Фокус 13:38
13:38

Текстот е објавен на 11 јануари 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 915

Пишувала
Мирослава СИМОНОВСКА

- Advertising -

Тешко е да се каже дека 17 март 2009 година бил само обичен, предизборен вторник, дочекан во мирна, опуштена, 24/7 работна атмосфера во Владата. Тешко е дури и да се помисли, дека вратата во владината зграда се немала расипано од несекојдневниот промет на маркетинг-агенти и дека чуварите на портирницата не потрошиле три-четири тетратки за да запишат кој влегува, а кој излегува од владиниот објект. Тешко е, зашто се работи за еден од клучните историски денови на Внатрешното Маркетинг Револуционерно Организирано – Дрпање Пари, Можеби Најголемо Евер.

Станува збор за ден, кога маркетинг-агенциите пронајдоа детелинка со четири листа, а Македонија излезе од светската економска криза. На овој необичен, „шопинг-ден” за Владата, таа склучила договори за рекламирање и пропаганда со маркетарите во вредност која надминува пет милиони евра. За 24 часа, тоа е навистина „работа по учинок”!

Познавајќи го фетишот на нашата влада, да ги рекламира дури и своите реклами, не би требало да нѐ изненади пропагандното расипништво со кое последните шест години таа го окупираше и корумпираше медиумскиот простор. Медиумите алчни за паричка, се претворија во нејзини мегафони и во верни поддржувачи на нејзините политики.

ПРОЕКТ 27 ВО 1

Но, она што не може да се пренебрегне и како трн боде в око, е податокот дека овие пет милиони евра се истуриле од државното грне само пет дена пред да се одржат локалните избори!? Со други зборови, среде изборна кампања, пет милиони евра од државниот буџет се трошат за реклами, оставајќи притоа простор за сомневање дека можеби биле користени и за партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ.

Вообичаено, на нашата влада не ѝ требаат посебни поводи и церемонии за „шопингче” низ маркетинг-агенциите. На прв поглед, не се ни разликува од големите корпорации кои дел од својот приход го инвестираат во рекламирање. Освен по едно нешто – за да го задржи имиџот, владата се рекламира со пари на сите граѓани на Македонија, а корпорациите, од својот приход.

На 17 март 2009 година, исклучително шопохоличарскиот ден за Генералниот секретаријат, склучени се 27 договори за маркетинг-услуги, ПР-стратегии и рекламни кампањи. Лажицата им цапнала во медот на голем број агенции кои се погрижиле да нѐ едуцираат за „Јавна чистота и отпад”, за борба против пушењето, за да нѐ поттикнат да читаме книги… Меѓу склучените договори за реализација на кампањи, има и такви за „оптимизам и добри вредности”, „етика и етичко однесување”, „борба против алкохолизмот”, за објаснување на последиците од абортусот и за „Истражи ја Македонија”.

АНТИКОРУПЦИСКА ВО ЛЕТАРГИЈА

Експертите сметаат дека ваквото однесување на владата во предизборието е недопустливо и дека е потребна сериозна ревизија од страна на Антикорупциската комисија, за да се утврди дали овие пет милиони евра биле трошени наменски за рекламните спотови и за маркетинг-стратегии, или, пак, постои злоупотреба на буџетските пари за партиски цели во изборната кампања во 2009 година.

– Откако ќе се донесе одлука за спроведување избори, не смее да се преземаат никакви активности за вработувања, кампањи, вонредни исплати и за инфраструктурни објекти. Прво, ова е нерационално трошење на парите, второ, се случува спроти изборите, што е противзаконско, и, трето, не е измерен ефектот од спроведените бројни кампањи, а тоа е нотирано дури и во извештаите на Европската комисија – објаснува независната експертка и поранешна членка на Антикорупциската комисија, Вања Михајловска.

Дека Антикорупциската комисија морала да го испита ова милионско трошење во изборна кампања, се согласува и претседателката на „Транспарентност нулта корупција”, Слаѓана Тасева.

– Во секој случај, Антикорупциската комисија морала да земе предвид и кога се почнати постапките. Таа има обврска да биде внимателна и да контролира како ќе се трошат парите од тие кампањи и да го провери тоа преку финансиските извештаи. Активностите за ПР се прават според многу јасни планови, па кога ќе се направи поголема анализа може да се види. Кај нас никој со тоа не се зафати. Има можност парите да биле искористени за политички цели, како и можност да биле дадени во медиумите за да поддржуваат одредени политички групи. На сето тоа требало да се внимава и да се алармира – истакнува Тасева.

Се обративме до Антикорупциската комисија со прашање, дали имаат проверено како се трошеле овие пари од 27-те склучени договори за маркетинг-кампањи во време на изборна кампања, но одговор не добивме!

„Инвестицискиот бум” на Генералниот секретаријат, предводен во тоа време од Стојан Тодоров, таткото на сегашниот министер за здравство, Никола Тодоров, ја испровоцира пратеничката Радмила Шеќеринска во екот на собраниската дебата за финансирање и буџет да праша, каде отишле парите од овие реклами.

– Дали овие пет милиони евра отидоа во овие реклами? Па, вие Бранко Лустиг и Стивен Спилберг да ги викневте,  јас мислам со помалку пари ќе поминевте. Индијана Џонс можеби нема во Македонија, ама изгубениот ковчег со државни пари некој некогаш ќе го најде. Само чии отпечатоци ќе има на ковчегот – праша Шеќеринска.

КВАЛИТЕТОТ Е НАЈВАЖЕН, ИАКО ЧИНИ ПАРИ

За сите реклами од овој сет 27 во 1, карактеристично е што квалитетот има пресудна улога пред цената. Така, квалитетот е бодуван со 65, а цената со 35 поени, што значи дека владата не почувствувала потреба за задршка од предизборно трошење, туку гледала да помине што поквалитетно. Колку пари агенциите барале за услугите, не било толку важно, со оглед на тоа што и предвидените суми се милионски и раскошни.

Агенции, пак – колку сакаш. Едната од нив, „Ин маркетинг” ДОО, основана на 3 јуни во 2007 година, добила солидна сума од даночните обврзници, за задолжението од Генералниот секретаријат при Владата, да изработи стратегија, телевизиски спотови, радиоспотови, постери, флаери, медија план и закуп на медиумски простор во електронските и печатените медиуми за етика и етичко однесување, за оптимизам и за почитување на добрите вредности, плус за јавна чистота и отпад.

Проверката во Централниот регистар покажа дека зад „Ин маркетинг”  ДОО стојат сопствениците Радосава Лазевска и Огнен Антов. Со фирмата управува Лазаревска, а во полето овластувања стои „управител-дактилограф”.

За договорот склучен со „Ин маркетинг” ДОО, владата дури и го прекршила Законот за јавни набавки, бидејќи истиот го објавила на очевид на јавноста, подоцна од законски предвидените 30 дена од склучувањето!

ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА ЗА БОРБА СО АЛКОХОЛИЗМОТ

Борбата против алкохолизмот, Генералниот секретаријат на владата во соработка со фирмата „Омега комуникации” ја почнал на само три дена пред локалните избори, кога, според договорот објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, склучениот договор бил тежок 28.930.000 денари или повеќе од 470.000 евра!

Една од причините поради кои опозицијата реши да го оневозможи носењето на буџетот за 2013 година, беше токму тоа што изразија сомнеж дека со државни пари ќе се плаќаат партиски кампањи. Со оглед на тоа што изборната кампања трае само 20 дена, сосема е индикативно како баш во текот на овој, релативно краток период, Генералниот секретаријат на Владата се решил на мегаломанско трошење на кампањи, кои одат во маркетинг-агенциите, а потоа, откако производот ќе се изработи, се вртат по медиумите.

За парламентарните избори во 2011 година, на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ непокриени и останаа 3,5 милиони евра, пари кои во предвидениот законски рок не им беа исплатени на фирмите, бидејќи посебната изборна сметка од која исклучиво тие може да се покријат, се затвори!

Така, не постои начин овие средства законски да се намират, а нивното враќање од редовната сметка на партијата е забрането!

Ниту за овој случај надлежните институции не собраа храброст да реагираат. Напротив,  Државниот завод за ревизија, и покрај крајно децидниот член во законот дека „трошоците за изборната кампања ИСКЛУЧИВО ќе се покријат од посебната сметка отворена за изборите”, реши да се повика на „праксата” и одговори дека постојат слабости во законот. Со други зборови – ако нешто не ѝ одговара на власта, тогаш се менува законот, а не нејзините постапки. Уште помалку, пак, се санкционира кршењето на прописите!

КАКО ТРЕБА ДА БИДЕ

Кога постојат основи за сомневање дека буџетските пари или средствата од јавните фондови непосредно или посредно се користени за изборна кампања преку инвестициски работи или на друг начин, Државната комисија за спречување корупција, според закон, треба да преземе мерки за утврдување на таквите сомневања. Процедурата налага, доколку утврди вакви сомневања, таа за тоа да ги извести надлежните органи. Прашање за злоупотреба на буџетски пари или за средства од јавни фондови, односно државен капитал, можат да покренат и дваесет пратеници во Собранието. Ништо од ова не се случи.

Спроти новите избори, на Македонија никој не може да ѝ гарантира дека рекламниот бум од 2009 нема повторно да сврати во предизборната кампања за 2013-та. Уште помалку веројатно е дека некоја институција за тоа ќе се загрижи, особено откако владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги отапи сетилата на граѓаните за тоа што се „многу пари”. По секојдневното расфрлање со милиони за ПР и пропаганда, тешко е да се видат „ситните” 5 милиони евра во еден ден.

Тие, всушност, за тоа и се употребуваат – за маркетинг-продукти кои ќе нѐ натераат да не можеме да видиме!

Поврзани новости