Се уште не сум подготвен да зборувам за Билјана, вели Сашо, сопругот на трагично починатата актерка Беличанец

by Fokus

Пред неполни две години, нешто пред полноќ, на шести април 2019 година, молскавично одекна веста дека актерката Билјана Беличанец е пронајдена мртва во стан во Скопје. Сите медиуми во земјава ја пренесоа лошата вест, а зад талентираната актерка и омилен лик помеѓу нејзините колеги и публиката остана да лебди прашањето – Зошто?

Таа имаше 45 години, зад себе остави две деца.

Според информациите кои тогаш ги соопшти МВР, Беличанец си го одзела животот со бесење, а телото го пронашол нејзиниот сопруг, режисерот Сашо Миленковски. Речиси да немаше јавна личност во земјава која не се прости со Билјана. Актери, политичари, соработници, познаници, луѓе кои се воодушевувале на нејзината појава во театарот и на малите екрани.

Многу прашања останаа неодговорени, а нејзиниот сопруг, Миленковски, со кого таа беше во брак не многу долг период пред трагедијата, се повлече од јавноста и не даде ниту една изјава или интервју. И денес, кога ќе се спомне Билјана, интересот на јавноста за неа не е ништо помал од времето кога воодушевуваше со своите улоги, со маестралната изведба на ликови од детските емисии, главните улоги во театарски претстави, до синхронизацијата на Хурем во популарната турска серија, според која и го доби прекарот, македонска Хурем.

Сепак, и покрај тоа што помина време од трагедијата, нејзиниот сопруг Миленковски вели дека се уште не е подготвен да зборува за неа. За ,,Фокус” во телефонски разговор вели дека тоа што тој би го кажал не треба ниту да биде од значење за јавноста, бидејќи улогите на Билјана доволно зборуваат за неа и раскажуваат која беше таа како личност и пред се како една врвна актерка.

-Не мислам дека јас требаше да кажам било што… По таа огромна трагедија, ми треба време. Има многу што да се каже и пишува за Билјана од нејзините улоги, од нејзиниот актерски опус, за приватноста не би зборувал. Барем не се уште, не знам во иднина некогаш дали ќе можам да се отворам и да раскажувам за неа и за нашиот приватен живот. Простете, не сум подготвен – ни изјави режисерот.

Беличанец беше дипломирана актерка на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Нејзиниот талент и донесе низа на вредни награди, а на секоја улога која ја одигра даде свој печат. Последната претстава ја одигра во март 2019 година, авторскиот проект на актерката Катерина Коцевска, претставата ,,Љубовници”.

-Како најнежен цвет беше, така силна и посебна, а истовремено така кршлива – ја опишаа нејзини колеги на комеморацијата, каде беше испратена со солзи и аплаузи.

А во интервју од пред десеттина години, на прашањето која е Билјана и како би се опишала, без двоумење рече – Слушнете ја „Река” од Маја Оџаклиевска, во неа отсекогаш сум се пронаоѓала.

Вики Клинчарова

Поврзани новости