Се уште не е пронајден велешанецот кој ја усмрти малата Магдалена: За една секунда некој несовесен ќе ти го одземе најмилото!

by Fokus

Велешанецот Ангелчо Н. (29) кој во саботата вечерта со своето возило мерцедес во близина на Основното училиште Васил Главинов во Велес удри во 11-годишната Магдалена и ја усмрти, а нејзината мајка Е.И. (43) тешко ја повреди, се уште не е пронајден. Тој веднаш по сообраќајката побегнал, и полицијата трага по него. Неговото возило беше пронајдено, а потрагата по него продолжува.

Од СВР Велес за „Фокус“ потврдуваат дека се уште се трага по возачот, и најавија повеќе информации за случајот во тек на денот. Настанот, кога на пешачки премин невино дете кое уредно ја преминувало улицата заедно со своите родители го изгуби животот, а мајката заврши со тешки телесни повреди, ја вознемири целата јавност.

Во тек на вчерашниот ден голем број на велешани оставиле плишени играчки, цвеќе и свеќи на местото на трагедијата, со апел до надлежните да се стави ред во сообраќајот. Раскажуваат дека на улицата каде се случи трагедијата нема легнати полицајци, иако граѓаните често предупредувале дека таму се вози многу бргу.

-За една секунда некој несовесен ќе ти го одземе најмилото! Се дивее по улиците, низ град се вози и со 80 и 90 километри на час. Отиде еден невин живот, се зацрни една фамилија, до кога вака? Да чекаме ли кој ќе биде следна жртва на несовесните возачи? Сообраќајните знаци не се почитуваат, само успорувачи на брзини може да имаат ефект– реагираат велешани.

Потсетуваат и дека поради владините мерки за штедење на електрична енергија, исклучени се голем број на улични светилки низ градот, што е дополнителна причина за опасност поради намалената видливост. Градоначалникот на Велес, Марко Колев за ,,Фокус” вели дека местото каде се случила несреќата, сепак било осветлено.

-Како во сите општини, така и кај нас, се применуваат мерки за штедење на електрична енергија. Местото каде се случи на трагедијата не е во мрак, таму има и сендвичара, има локали кои се добро осветлени, вели тој.

И додека јавноста на социјалните мрежи се простува со Магдалена, повторно се актуелни апелите да се постават легнати полицајци на улиците, како на местото на настанот така и во други делови на градот каде се вози бргу.

-Таму нема легнати полицајци, но сепак има голем број на одбележани пешачки премини. Потрагата по возачот е во тек, во интерес на истрагата не можеме да откриваме повеќе детали, но во тек на ден ќе излеземе со соопштение за јавноста – изјавија за „Фокус“ од СВР Велес.

Фото – Архива

Вики Клинчарова

Поврзани новости