Се уште не е позната локацијата на Алексеј Навални

by Fokus

Претставници на руската затворска управа изјавија пред судот дека лидерот на опозицијата Алексеј Навални повеќе не е во поправната колонија број шест, во Мелехово, Владимирска област, каде што ја отслужуваше затворската казна, но не дале детали за неговата моментална локација, изјавил неименуван соработник на Навални.

Адвокатот на тимот на Алексеј Навални, Вјачеслав Гимади, на платформата Х Твитер напиша дека поминале десет дена откако луѓе блиски до опозицискиот политичар последен пат имале информации за тоа каде се наоѓа.

Кира Џармиш, соработник на Алексеј Навални, го наведе објаснувањето на властите, нагласувајќи дека Навални ја напуштил поправната колонија на 11 декември, пишува Ројтерс.

Руските медиуми на почетокот на неделава објавија дека Навални бил префрлен во Москва за истрага во новиот кривичен случај, иако неговата локација е непозната од 7 декември кога не се појавил на сослушување преку видео врска во врска со едно од обвиненијата покренати против него.

Навални отслужува 30-годишна затворска казна за наводен екстремизам, како и голем број други обвиненија.

Тој беше уапсен на 17 јануари 2021 година по враќањето во Русија од Германија, каде што се лекуваше од последиците од наводното труење. За труењето беше обвинет Кремљ, кој негираше вмешаност.

Поврзани новости