Се што ќе се договори на лидерската средба веднаш ќе заврши на собраниска седница

by Fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево ќе свика нова седница на која на дневен ред ќе се најдат законските решенија што беа договорени во претпладневниот дел на средбата меѓу четворицата лидери на најголемите партии во земјата. Доколку попладнево биде постигнат договор и за референдумот, се очекува на дневен ред на оваа седница да се најде и Предлог-одлуката за распишување на референдумот кои според информации на МИА би се одржал на 30 септември.

Од Кабинетот на Талат Џафери потврдуваат дека попладнево тој ќе закаже нова седница, но оставаат простор во однос на одлуката за распишување на референдум  бидејќи се уште не се знае дали премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети и на Беса Билал Касами ќе постигнат некаков договор или согласност во врска со референдумот  за прашањето за името. Доколку денеска не биде ставена на дневен ред точка за распишување на референдумот, тогаш седница Џафери би можел да свика во сабота.

Четворицата лидери во претпладневниот дел на денешната трета по ред средба во Клубот на пратениците потврдија дека постигнале договор за законот за финансирање на политички партии, Закон за Влада односно дека постигнале договор за техничка влада  пред секои избори според  Пржинскиот концепт и за ДИК.

Претходно и Заев и Мицкоски ги потврдија овие договори постигнати на средбите, а лидерот на опозициската партија кажа исто така дека им се дадени насоки на координаторите на пратеничките групи она што е договорено да се стави во законски текст и да биде доставено до Собранието.

Поврзани новости