Се сеќавате ли на бомбата бр. 8?

by Фокус 19:27
19:27

На 10-ти март 2015-та година, после одржани седум прес-конференции во седиштето на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, опозицијата одлучи осмата бомба да ја пука во Универзалната сала пред многубројна публика во живо, која настапот на раководителите на СДСМ го следеше како во самата сала, така и на видео-бимови поставени надвор. Воедно, во живо, преку лајв-стриминг осмата бомба можеше да се гледа и преку интернет, нешто што стотици илјади луѓе го направија.

А што содржеше осмата бомба на Заев? Страшни работи, навистина страшни.

- Advertisements -

Прво, министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристевски разговараа меѓу себе и со нивните послушници од пониските ешалони на партијата и власта, за тоа како преку лажни лични карти издадени на фиктивни гласачи се пумпал гласачкиот скор на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа Миле Јанакиески и Сашо Мијалков, едниот министер во владата на РМ а другиот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (значи луѓе на сериозни државни функции) цели десет минути се обидуваа да откријат како се вика направата со која се врзани вреќите во кои е избирачкиот материјал од избирачките места во Центар.

Е сега за останатите, во црни вреќи е. Ги знаеш оние пластичните што се затвараат? Кога ќе го тргнеш само се затвара. Како, како наа патент. Пластично е, и со жиг е ставено“ – му објаснуваше кутриот Миле на збунетиот Саше.

Миле Јанакиески (МЈ) потоа го пофали и коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ Амди Бајрам, нарекувајќи го „цар“, видно воодушевен од неговиот подвиг кога на изборите во Шутка „ги зел сите умерени во 2012 година што се, по список… и пуштил луѓе да гласаат во нивно име“. Сепак, неговиот соговорник (С) од тој телефонски разгвор беше скептичен:

С: Као може да пушти, као ќе докаже дека се оние. Лична карта, ова она?
МЈ: Па ништо, си оди за некоја жена што е почината. Кој гледа…
С: Добро, ама мораш да дадеш лична карта. Што старата лична карта ќе ја дадеш?
МЈ: Е па не гледале овие идиотиве.

Зоран Ставрески (ЗС) и Гордана Јанкулоска (ГЈ) во еден од разговорите изразуваа благо негодување од начинот на кој нивната партија се обидувала да победи на изборите.

ЗС: Види, мене не ми се допаѓа тоа нашето, искрено да кажам.
ГЈ: Мене ич.
ЗС:Јас сум против тоа и не ми се допаѓа. Јас не сакам воопшто такви работи и…
ГЈ: Посебно што и нема некој јак ефект. Ама и да има, не е во ред.
ЗС: Не, не, не одобрувам такви работи.
ГЈ: Исто и ја.

Но, во разговорот на министерката за полиција и Мартин Протоѓер (МП), шефот на кабинетот на премиерот, се виде дека Гордана Јанкулоска и не била баш до толку гадлива кон методите кои се користеле во изборната борба – ако тие носат победа.

МП: И договорив една екипа, нема да ти се допадне тебе ова, ама сакав да те замолам вака, да замижиш за ова. Значи, една екипа, 4-5 души од овдека, на Мацко брат му, такви некои, шо ќе бидат со мене таму.
ГЈ: Бараби.
МП: Да. Што ќе бидат со мене таму. Пошто ми требаат, тешки глупости има таму, плус и за нашиве да им го држат стравот, а и така, да бидат тука.
ГЈ: На Мацко брат му ќе ти направи уште потешки глупости, ама штом си го одбрал, чувај си го.
МП: Нека дојде сеа, него го познавам. Ќе го држам ја колку шо можам под вакво. Да ти пратам имиња и презимиња на луѓево шо ќе дојдат?
ГЈ: Не бе, нека шибаат, не е проблем, само нека се јават.

И покрај спремноста да направи сѐ од нејзина страна за да придонесе кон изборната победа, на министерката не ѝ беше сеедно, за разлика од шефот на кабинетот, кој беше тотално влезен во филмот.

ГЈ: Абе види, ја ти кажав. Мислам, дај Боже да победиме во Охрид, ама со таа банда таму, мислам овие, твојава банда, нема лезет у таа работа. Ништо нема да им се случи, не се секирај, ама кај ги одбра бе Мартин најголемите багабонти у МВР.
МП: Најдобрите дечки се.

Миле Јанакиески му објаснуваше на Никола Тодоров (НТ) како размислувале во Центар да исклучуваат лифтови во повисоките згради за пензионерите да не можат да се симнуваат за на гласање, како и за други сплетки за кои, според Гордана Јанкулоска обвинети требаше да бидат „комуњарите“.

ГЈ: Види ќе кажеме некои инциденти кај шо се комуњари инволвирани
НТ: Да ама дека е се разрешено и дека инсституциите функционираат беспрекорно..
ГЈ: За да се знае кои се хулиганите во оваа држава

Најстрашниот разговор од осмата бомба секако беше оној помеѓу Јанкулоска и генералниот секретар на владејачката партија, Кирил Божиновски (КБ), кој ѝ препорача на шефицата на македонската полиција чист мафијашки начин за справување со опозицинерите:

ГЈ: Знаеш, он е глуп човек. Значи, сега ќе го пуштиме инспектор.
КБ: И тоа кафаната треба да му ја запалиме. И така. Тие три работи, мора да се направи тоа.
ГЈ: Јас, знаеш што мислам? Значи, он не знае да работи, неспособен е. Значи, он сé што има, има од партијата.

Миле Јанакиески договараше носење гласачи од странство во Македонија со авиони кои требаше да ги плати фрима блиска до власта, а истовремено истиот тој Миле потоа препорачуваше да се удри по приватните фирми кои соработувале со опозицијата:

МЈ: Ако де. Ако. Држава сме, контролираме. Речи му пак ти со Заев да работиш. Му ебам мајката у пичка.

Потоа, слушавме како се влијаело врз судовите и избирачките комисии да помагаат кај што треба, дури и на Стевчо Јакимовски, како се користеле и државните институции за да се влијае врз вработените во нив да го дадат својот глас за ВМРО-ДПМНЕ, или во спротивност ќе летале од работното место:

НН: Не знам. Што е работата? Што е работата со Жана бе?
МЈ: Сите дале луѓе за поддршка таа не.
НН: Не знам. Прв пат слушам за ова.
МЈ: Ќе ја избркам од работа.

Дознавме и дека Сашо Мијалков (СМ) и Мендух Тачи (МТ) толку добра соработка имале што лидерот на ДПА му се заколна директно на шефот на УБК на верност до смрт:

МТ: Само да ти кажам тука сум, ако треба нешто, кажи.
СМ: А?
МТ: Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт.
СМ: Добро бе, важи.

Во последните два разговори дознавме и две особено одвратни работи. Имено, дека Миле Јанакиески не се стеснувал да ги бара на список гласовите и да ги уценува и поранешните штитеници на Домот за деца без родители, а истиот тој Миле во разговор со министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска (ЕКМ) се изјасни дека и од фамилијата на Тоше Проески се бараат гласови, но бидејќи таа не била спремна да даде поддршка, потребно било да биде репресирана.

ЕКМ: Кажи Миле!
МЈ: Бети?
ЕКМ: М?
МЈ: Крушево сум.
ЕКМ: М?
МЈ: Овие од Тоше семејствово против нас се. Што праиме? Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејо?

Сѐ на сѐ, осмата бомба беше преполна со откровенија за гадостите, пакостите и кривичните дела кои ги правеле и планирале да ги направат најблиските соработници на Никоал Груевски за да победи нивната партија на изборите во 2013-та година. СДСМ за сѐ поднесе пријави поткрепени со докази до надлежните институции. Кои што пријави од тогаш па до ден денешен стојат во фиока.

Се чека специјалниот јавен обвинител да ги извади пријавите од фиока, и да ги стави криминалците на обвинителна клупа.

Се чека сѐ уште.

Поврзани новости