Утре свечен пречек: „Обвинителе, многу работа те чека“

by Фокус

Платформата за граѓанска политика АЈДЕ утре во 18 часот организира граѓански собир пред Собранието на Република Македонија за да му посака добредојде и да му искаже поддршка на Специјалниот обвинител, кој според договорот на Пржино треба да биде избран најдоцна утре. Мотото на граѓанскиот собир е „Обвинителе, многу работа те чека“.

-Ние, граѓаните на Република Македонија целосно сме посветени и истрајни во битката за правда, слобода и демократија. Ова треба да му биде јасно на специјалниот јавен обвинител. Непоколебливо и цврсто ќе ја поддржиме неговата работа, зашто очекуваме премиерот во оставка и неговите соработници, што побрзо да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за сите криминали и злосторства направени во изминатите девет години, стои во повикот од АЈДЕ упатен до јавноста.

Во повикот уште се вели дека граѓаните очекуваат Специјалниот јавен обвинител и неговиот тим, да работат целосно независно, професионално, компетентно и ефикасно и да ги процесираат во најкус можен рок криминалите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

-Оваа власт мора да одговара за своите криминали и злосторства и тоа претставува врвен национален интерес! НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!, стои во јавниот повик за граѓанскиот собир.

Се разбира, за граѓаните да можат да му ја искажат поддршката на Специјалниот обвинител за расчистување на криминалите, тој прво треба да биде избран од страна на четирите политички партии вклучени во преговорите за спореведување на Договорот од Пржино. Средбата на работните групи за ова прашање се уште трае и неизвесно е дали до утре, кога е крајниот рок, ќе биде постигнат договор.

Поврзани новости