Се разгледува можноста 32 клиники повторно да се спојат во Клинички центар

by Fokus

За само неколку денови ќе се знае иднината на скопските клиники, со тоа што постои можност поделениот Клинички центар повторно да се врати во првобитната состојба, односно 32-те установи повторно треба да се обединат и да функционираат како една целина, на чие чело ќе застане еден директор, дознава „Фокус“.

Нашите извори тврдат дека од денеска почнуваат преговорите што понатаму ќе се случува со скопските клиники.

– Идејата е да се спојат клиниките, но очекуваме правници да ни кажат точно како можеме да го изведеме тоа. Постои како идеја, меѓутоа сакаме да консултираме тим од искусни доктори и правници – тврдат нашите извори.

Во 2007 година, само една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, скопскиот Клинички центар се трансформира во 32 клиники, по повеќе од 50-годишно постоење. Во тој период, претседател на Комисијата за делбен биланс на Државната болница беше директорот на Клиниката за кардиологија, Сашко Кедев. Тој беше избран, откако претходно никој не сакаше да се нафати на оваа позиција, бидејќи како што објаснуваа, не сакаа да „кумуваат“ на растурањето на оваа институција, ниту да учествуваат во уништувањето на Клиничкиот центар.

Оттука почнаа проблемите во јавните здравствени установи. Секоја од клиниките почна самостојно да работи, со свој буџет, и наместо како дотогаш со еден, болниците добија двајца директори, еден медицински и еден економски, кои работат по принципот „врзани потписи“. На тој начин енормно се зголемија трошоците, а нашите извори коментираат дека буџетите на јавните здравствени установи не стигнуваат ни за првите шест месеци од годината.

И.М.

Поврзани новости