Се полни и болницата во Прилеп: Без доволно доктори и медицински сестри, тешка е борбата со вирусот

by Fokus

Нови 91 случаи денеска се регистрирани во Прилеп, што претставува сериозен удар за локалните здравствени власти.

Болничките капацитети се исполнуваат, а директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богоески ни посочи дека со крајни напори се прави дополнителен простор за да се сместат болните од корона вирусот.

„Досега имавме пет-шест слободни места. Од сабота се оспособува и делот од гинеколошко одделение со 20 кревети така да ќе има уште речиси 25 слободни места за позитивни од ковид и сомнителни за ковид 19“, вели Богоески за „Фокус“.

Како што додава тој, околу 60 пациенти се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка поради проблеми со корона вирусот.

„Болницата прави се за да се зголеми капацитетот за згрижување на пациенти на кои им е потребна хоспитализација со зголемување на бројот на кревети. Сега ќе има околу 140-150 кревети за таа намена, да се обезбеди доволно здравствен персонал кој ќе се грижи за пациентите. Тоа е крајно тешко да се направи затоа што нема доволно доктори, нема доволно обучени медицински сестри со искуство и нема доволно болничари кои би се ангажирале околу пациентите“, додаде тој.

Од почетокот на пандемијата, во градот под Марковите кули регистрирани се 2471 случаи, додека пак активни носители на заразата се 997лица.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости