Откако се објави информацијата дека Град Скопје дел од кејот на Вардар ќе го пренамени во улица за сообраќај, во јавноста се појавија лавина негативни реакции на овој потег. Голем дел од граѓаните се против тоа кејот кој поминува веднаш до рестораните и локалите да стане улица на која ќе поминуваат автомобили.
На Фејсбук се формираше група „Да го спасиме шеталиштето на кејот на Скопје“, во која за само два дена се придружија над 3.000 граѓани, кои најавуваат протести и „жив штит“ за да се спаси кејот на Варадар.
-Место на кое сега секојдневно поминуваат илјадници жители на Скопје и Македонија ,како и туристи од цел свет. Со цел да се заштитат интересите на неколку бизнисмени и корумпирани политичари спремни се да го уништат срцето на градот! СО ЖИВ ЗИД ЌЕ ГО БРАНИМЕ КЕЈОТ, се дел од коментарите на граѓаните.
Според Град Скопје, улицата ќе се гради веднаш до ѕидот на кејот, и е во согласност со деталниот урбанистички план Мал Ринг, донесен од страна на Советот на општина Центар во декември 2012-та година. Пристапната улица ќе се протега од улицата Филип II до зградата на „Телеком” на плоштад. Според првичните планови, оваа улица која сега ќе поминува веднаш до рестораните на кејот, требаше да биде подземна.