Се планира специјалисти да дежураат во помалите места

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека се планираат измени во Програмата за јавно здравје, што подразбира дежурства на специјалисти во помалите места. Тоа ќе придонесе граѓаните да имаат полесен пристап до здравствени услуги, а докторите да остваруваат екстра приходи.

Тој оцени дека таа законска измена веројатно ќе се направи кон крајот на август или почетокот на септември. Посочи дека планираат јавна дебата со сите политички партии во Собранието, како и со сите други чинители – лекарските комори, синдикатите и Здружението на матични лекари.

– Тоа е измена која што мислам дека ќе воведе една мала револуција во тоа како ќе функционира нашиот здравствен систем односно што се ќе им биде дозволено на лекарите и медицинските сестри да прават во смисла да го користат своето искуство, експертиза и да ја пружаат во сите јавни или приватни здравствени установи после завршувањето на работното време, рече Филипче.

Министерот нагласи дека измената е со цел да се приближи услугата до пациентите во инфраструктурата која што постои ширум државата, меѓутоа нема секаде специјалисти од сите области.

– На пример, може еве лекарите од Ортопедија и да дежураат и да вршат операции во болниците во Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар итн. или да дежураат за што ќе бидат соодветно платени со што ќе се препознае трудот и екстра ќе се плати и експертизата и трудот на лекарите. Уште еден дополнителен мотив за останување во нашата земја, но и препознавање на вистинските експерти – еден систем, еден механизам којшто би го имплементирале во некоја смисла комбинација на моделот на функционирање во Велика Британија и Америка, а се со цел да лекарите имаат дополнителен извор на приход, а пациентите поблиску до своите места на живеење лекарска услуга која што сега ја нема заради тоа што во тие болници нема таква експертиза односно специјалност, наведе Филипче.

Поврзани новости