Се огласи Горан, синот на Цветанка Ласкова по повод грантот од 330.000 евра: Популарен сум и богат!

by fokus

Откако вчера семејството му се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако во одредени во медиуми се објави дека неговата сопруга Христина Керкез, односно нејзината фирма добила околу 330.000 евра државни пари за проект за информатичка технологија, во јавноста се огласи и популарниот диџеј и син на Цветанка Ласкова, фолк пејачка и советничка за култура на премиерот Зоран Заев.

Горан Кан на својот Фејсбук профил во три часот утринава напишал

– Боже, колку сум популарен и богат. Фала ви Тина Керкез и Цветанка Ласкова и секако, НАТО.

Под неговата саркастична објава, негови пријатели веќе започнале да оставаат шеговити коментари во стилот

– Да не беа тие, ти ништо, Сега можеш да одиш во пензија, Ако не можете да ги потрошите, ѕвони, на што диџејот одговара дека парите веќе се потрошени.

И покрај тоа што на социјалните мрежи се огласи по повод настаните, сепак кога во тек на вчерашниот ден побаравме негов коментар по повод обвинувањата дека се случил корупциски скандал, односно снаа на советничка на премиерот добила 330.000 евра државни пари за фирма за која што наводно била стара само 43 дена, тој не ни одговори.

Имено, како што објавија повеќе медиуми, станува збор за фирмата Декодикс од Скопје, која од Фондот за иновации и технолошки развој добила грант од околу 330.000 евра, за проект насловен Декодирај ме.

Помеѓу сопствениците на фирмата била сопругата на Горан и снаа на Цветанка Ласкова, Христина Керкез, а јавноста бурно реагираше токму поради тоа што Ласкова е советничка за култура на премиерот и претседател на жените на СДСМ.

Горан се најде во центарот на вниманието и пред неколку дена, по повод НАТО прославата која ја организираше Владата, а на која беше еден од музичките учесници кој настапи во Битола.

-Не знам за другите, но мојот хонорар е нормален и далеку од голем. Бојкоти, вербални напади… Мислам дека јас не сум толку важен. Работа ми е да пуштам музика – ни изјави тој пред настапот.

Ласкова се најде на мета на напади и лани, кога беше именувана за советничка на премиерот. Тогаш, дел од јавноста реагираше и се навраќаше во времето кога пејачката ја донесе во земјава познатата латиноамериканска сапуница ,,Касандра’’, која и покрај лошиот технички квалитет, стана една од најпопуларните и најгледаните во Македонија.

-Жално е тоа што сите ја врзуваат мајка ми со носењето на Касандра во Македонија, а тоа беше во минатиот век. Нејзината фирма ги донесе и повеќето документарци и играни филмови во тоа време. Ама и по тоа е штета да ја паметат, затоа што уште од седумдесеттите години таа се занимаваше со музика, имаше турнеји низ Русија, Австралија, Америка и каде ли уште не ја претставуваше Македонија низ светот.
Безброј фестивали, представи како на пример Коштана, награди на различни полиња, беа засенети со Касандра… Штета! Јас само можам да кажам дека последните дваесет години, сакала или не, таа слуша техно музика покрај мене- ни изјави минатиот август Горан, по повод нападите врз неговата мајка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости