Се намалува бројот на заболени од Ковид-19, раст на бројот на оздравени

by Fokus

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 11 до 17 јануари биле тестирани вкупно 14.111 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани сe 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од три отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.089; 45,4 отсто), со неделна инциденца – 176,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 238,5/100.000 е регистрирана во Ресен.

Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 отсто, просечно 16 отсто, што претставува намалување од три отсто споредено со минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=631, 26,3 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години (n=446; 18,6 отсто), од 30 до 39 години (n=422; 17,6 отсто), од 50 до 59 години (n=403; 16,8 отсто) и од 20 до 29 години (n=352; 14,7 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=31; 1,3 отсто) и од 10 до 19 години (n=112; 4,7 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.785 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29,7 отсто повеќе споредено со минатата недела.

Во периодот на известување, пријавени се 79 смртни случаи од 23 градови, со зголемување од 6,8 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50 до 59 години, три лица на возраст од 40 до 49 години и едно лице од 30 до 39 години.

Поврзани новости