СДСМ: Владата ќе ги скрати парите за помош на слепите

by Фокус 16:56
16:56

Владата на Никола Груевски не обезбедува никаква поддршка за слепите лица, а со последните  измени на Законот за социјална заштита неуставно им ги скрати средствата за државна помош и на овие граѓани. Дополнителен скандал е тоа што кратењето на овие средства е спротивно и на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации, ратификувана токму од Владата на Груевски на 03.12.2011 година. Ова денеска на прес конференција го порача Мила Царовска, претседателка на советот за труд и социјална политика на СДСМ.

– За слепите лица во Македонија, освен што со најновите законски измени ќе загубат право на надомест за туѓа грижа, нема ништо друго ново, не се обезбедуваат услови за нив и тие се оставени без многу придобивки на цивилизацијата и можности за самостојно функционирање.  Нема закон за помош на децата кои имаат проблеми со видот (или слепило) со кој би им обезбедило право на браева машина или компјутер со читач на екран. Иако некои од училиштата поседуваат ваква технологија, тоа е далеку од доволно. Овие деца, како и сите други, имаат домашно и сакаат да читаат и друга литература, дома, а секако сакаат да комуницираат и на социјалните мрежи – истакна Царовска.

- Advertising -

Опозициската партија додава и дека со ниту еден закон или подзаконски акт не е уредена потребата од едукација на слепите лица за ориентација и подготовка за самостоен живот.

– Со ниту еден закон не е уредено слепото лице да има право на ниту едно асистивно помагало, како на пример говорен или браев часовник, говорен топломер, мерач на крвен притисок или мерач на шеќер во крвта. Нема закон со кој на слепо лице би му се обезбедило право на електронски читач на аудио или дигитални книги. Ниту пак книгите во Македонија е обврзано да се снимаат во дигитална форма за да бидат достапни за слепите лица. Иако ова стои во ветувањата од изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ – вели Царовска.

Таа посочи и дека нема библиотеки со книги адаптирани за употреба од слепите лица „а Владата на голема врата го промовираше проектот превод на 1.000 книги за факултетско образование“. Исто така, Царовска критикуваше дека во земјава нема тактилни патеки по улиците, нема системи за озвучување и информирање на слепите во болниците, банките, поштите, нема најава на автобуските постојки, како во градскиот сообраќај така и во меѓуградскиот.

– Македонија е единствената земја во регионот која нема курс за ориентација, готвење, обука за секојдневен живот, помош при избор на професија, библиотеки кои дистрибуираат книги по пошта за слепите лица. Ништо од ова владата нема обезбедено а дополнително остава околу 25.000 граѓани без додатокот за слепило/мобилност, глувост и помош за нега од друго лице – тврди Царовска.

 

 

Поврзани новости