СДСМ вечерва на ЦО ќе го усогласува ставот за продолжување на дијалогот со опозицијата за уставните измени

by Fokus

За вечерва во 19 часот е закажана седницата на Централниот одбор на владејачката СДСМ на која се очекува да го усогласат ставот околу преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.

За заклучоците од седницата, јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување, наведуваат од партијата.

Портпаролот на партијата Дарко Каевски денеска рече дека на седницата ќе се дискутира за начинот и текот на дискусијата, разговорите и дебатата со ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште еднаш ќе потенцираме, добро е што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат за уставните измени затоа што со тоа ќе придонесеме заеднички да ја исполниме децениската аспирација на граѓаните и нешто што им должиме на граѓаните, а тоа е европскиот пат на државата. Како што и веќе напоменав, разговорите очекуваме да продолжат во позитивен правец и заеднички да се радуваме на сето она што претстои и што е потребно да се направи за европскиот пат на државата“ порача Каевски.

Тој додаде дека одложеното дејство на уставните измени за нив е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, а тоа го има и во преговарачката рамка.

ВМРО-ДПМНЕ бара уставните измени за внесување на Бугарите да стапат во сила во моментот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, за да не дојде до дополнителни условувања од бугарска страна.

Поврзани новости