СДСМ: Проектот „Скопје 2014“ наместо 80, чинеше 580 милиони евра!

by Фокус

Наместо најавените 80 милиони евра, за проектот „Скопје 2014“, се потрошиле неверојатни 580 милиони евра, обвини Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, на денешната прес-конференција.

-Шилото на Никола Груевски, бодеше, бодеше и го проби бунарот без дно. Да, во бунарот без дно ни потопиле неверојатни половина милијарда евра повеќе! 80-те милиони евра на Груевски, станале над 580 милиони евра, досега!, истакна Шилегов.
Тој истакна дека пресметките се направени од официјално достапни документи.

-Сумите што ги влечела власта, по објект, достигнувале над 40.000.000 евра. Цените на објектите се до вртоглави 35.000.000 евра повисоки од ветените. За паркинг место сме плаќале до 50.000 евра и тоа во гаражи што прокиснаа. Квадрат, во стиропорните и гипсани барокни објекти `не чинел до неверојатни 5.500 евра!- истакна Шилегов.

Тој додаде дека од над 800 договори, само 276 биле спроведени со отворена постапка.

-Владата на Никола Груевски, во „Скопје 2014“, досега, потрошила околу 211.000.000 евра само за договори без отворена постапка! „Скопје 2014“ продолжува да цица и во 2015 и преку Град Скопје ќе однесе нови над 46.000.000 евра!-рече Шилегов.

Тој додаде дека да не бил овој грабеж, сите наставници во државата ќе добиеле покачување од 5.000 денари, ќе бил откупен целиот тутун, а и Владата немала да земе кредит од 50.000.000 евра за возови.

-И сето ова да се направеше, немаше да однесе ни петина од проектот во камен и бронза. Или, Владата немаше да не задолжи кај кинезите 580.000.000 евра за патишта. Досега ќе имавме европски патишта, како Хрватска, како Албанија. Или, со 580.000.000 евра ќе се изградеа 15.000 станови. По 4 луѓе од фамилија, тоа се 60.000 луѓе со кров над глава. Колку еден цел град – колку Штип. Но тогаш немаше да има Скопје 2014, бунар без дно, грабеж, заклучи портпаролот на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека многу од објектите што Шилегов ги споменува не биле дел од проектот „Скопје 2014“, како на пример гаражите.

„Тој манипулира така што се што е изградено во Скопје го става во Проектот „Скопје 2014“. Дополнително, многу од сумите со кои лиферува се неточни. Ова покажува дека Петре Шилегов е класичен манипулант. Впрочем јавноста веќе е добро запознаена за цената на чинење, бидејќи Владата точно објави дека се искористени 208 милиони евра за се заедно, одејќи проект по проект“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што додаваат дека кога СДСМ била на власт потрошиле десетина буџети од парите на граѓаните, а не направиле ниту патишта, ниту училишта, ниту болници, ниту објекти во кои би се сместиле државните институции кои со години плаќале астрономски кирии.

Поврзани новости