Штрајкбрехерски пленум

by Фокус

Дали требаше во Македонија да дојде претседателот на Европската асоцијација на синдикати од образованието, Мартин Ромер? Дали требаше да ни соопшти дека никаде во Европа не се носат штрајкбрехери во училиштата и не се казнуваат наставниците на начин, како што тоа се прави во Македонија? Дали требаше да нé потсети дека ако штрајкуваме, Владата мора да го почитува тоа? Дали требаше да изјави дека казнувањето наставници е една несреќна иновација која ја има само во Македонија?

Ама ете, и тоа се случи. Почитуваниот г. Ромер, во духот на европската синдикална солидарност, дојде во Македонија да му изрази поддршка на г. Јаким Неделков, лидерот на нашиот Синдикат за образование, наука и култура (СОНК). И пред отворени камери и вклучени микрофони, на еден неподносливо пристоен и воздржан начин да ни соопшти дека сме банана-држава.

Нашиот премиер, кој милува често да се повикува на странски примери и компаративни искуства, имаше ретка и неповторлива можност да чуе како изгледа еден современ демократски модел на синдикална организација во образованието и на синдикални права во просветата. Корумпираните медиуми под негова контрола, во неможност да го заокружат ликот на г. Ромер со црвен фломастер и да го наречат соросов платеник, едноставно го изигнорираа неговиот настап. Како никогаш да не дошол во Македонија, како ништо да не кажал.

Арно ама (секогаш има едно такво боцкаво „арно ама“), последниве месеци математиките на власта некако слабо се поклопуваат со желбите. Претседателот на СОНК излезе дека ти бил тврд орев и рече дека не отстапува од штрајкот, бројот на вработените во образованието кои го следат постојано се зголемува, сé побројни се учениците и родителите кои се солидаризираат со нив, а веќе е формиран и пленум на наставници, со најава тоа да го сторат и средношколците.

А наставниците за замена? Што правиме со нив? Ќе формираат ли и тие некаков пленум на штрајкбрехери? Или ќе му се приклучат на веќе постоечкиот професорски контра-пленум? И заедно со партиските градоначалници, партиските директори, партиските наставници, партиските родители и останатите партиски телетабиси, ќе оранизираат контра-протести под паролите „Многу ни е убаво“, „Ромер соросоид“, „Плати ДА – ама НЕ сега“, „Да живее државниот испит“, „Штрајкбрехер горд сум јас“, „Pastir forever” и слично.

Сител и Курир ќе известуваат дека на контра-протестите предводени од независните професори и експерти Каракамишева и Камиловски излегле 236 илјади поддржувачи на реформските и прогресивните потези на Владата, кои испратиле јасна порака до целата меѓународна јавност дека Македонија е на прав пат. А вечерта, денот ќе биде заокружен со мега интервју на премиерот со Јанко Илковски и/или Миленко Неделковски на кое ќе се дебатира кога Кежаровски ќе биде вратен во затвор, колку љубовници имаат професорите од Пленумот и кои 168 странски компании планираат да инвестираат во Македонија.

Инаку, листата на соросоиди и непријатели на Македонија, деновиве е збогатена со едно ем ново, ем звучно име. Тоа е јужнокореанецот Бан Ки-Мун, кој меѓу другото, е и генерален секретар на Обединетите нации. Човекот се дрзна, заради некои 20 и кусур илјади долари неплатена контрибуција, да ни го одземе правото на глас во Светската асамблеја. И да нé смести во друштвото со  Руанда, Јемен, Киргистан, Гренада, Маршалски Острови, Тонга и Вануату. Среќа е што ТВ Сител реагираше експресно и ја демантираше веста дека поради неплаќање ни било ускратено правото на глас во ОН. А ако, пак, се случи во Македонија да дојде лично Бан Ки-Мун и слично на евросиндикалистот Мартин Ромер, да ни ја каже фактичката вистина в очи, Сител има резервна варијанта – ќе ја пренесе ексклузивата дека на „Звезде гранда“ најверојатно ќе победи Македонка и дека Македонија, Руанда, Тонга и Ванату ќе поднесат барање до ОН за смена на Бан Ки-Мун.

За крај, да се вратиме на почетокот: случајно дознав дека во најновите уставни промени била предвидена одредба со која и штрајкбрехерството ќе станело право загарантирано со Уставот. Колку г. Ромер да нема дилеми. Ако му текне уште еднаш да дојде во Македонија.

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

Поврзани новости