СДСМ е против барањето на Ахмети и Таравари за избор на претседател во парламентот

by Фокус

Откако ДУИ и Арбен Таравари најавија дека во своите изборни кампањи ќе се залагаат функцијата шеф на државата да се избира во Собранието, со реакција се јави СДСМ и порача дека не треба да се назадува во демократските процеси.

Ставот на владејачката партија е дека моделот за избор на шеф на државата не треба да се менува бидејќи, како што велат, само претседател избран директно од граѓаните има широк потенцијал да делува во обединување на општеството, граѓаните, партиите и да придонесе за остварување на стратегиските и национални цели.

„Идејата на дел од партиите која овие денови се реактуализира претседателот на државата да се избира во Собранието не е нова. Станува збор за реафирмирање на барањето на ДУИ од 2019 година коешто не беше прифатено од страна на СДСМ. Како и тогаш така и сега, ставот на Социјалдмократскиот сојуз на Македонија останува идентитечен: моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува“, велат од СДСМ.

Оттаму нагласуваат оти претседателот на државата треба да биде избиран на директни и непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните. Додаваат дека на оваа функција треба да биде човек кој не ја застапува мнозинската волја на граѓаните, туку на сите граѓани без разлика на партиска, етничка или друга припадност.

Реакцијата на СДСМ следува откако прво Таравари, а потоа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најавија дека во своите изборни кампањи ќе се залагаат функцијата шеф на државата да е избира во Собранието.

Поврзани новости