Околу случајот со тројцата избркани професори од Економскиот факултет, на инсистирање на „Фокус“ конечно се огласи Ректорот на штипскиот Универзитет Саша Митрев. Тој тврди дека незадоволните професори се уште немаат добиено ништо написмено, ниту пак тие во Ректоратот.
– Тие имаат легално на располагање многу механизми за заштита на своите интереси, соогласно Законот, но се уште немаат ништо од тоа искористено. Јавно манифестирање на незадоволство од гласањето на нивните колеги, добива само искривена слика дека се некаква жртва на некого. Комисија од правници на УГД ја утврди постапката дека правно се е во ред и дека нема ништо спорно. Додека самото гласање е законско право на нивните колеги од Наставничкиот совет. Потребно е да се изјасни и Инспекторатот за високо образование – вели во изјава за „Фокус“, ректорот Митрев.
Тој тврди дека како ректор, не може да ги натера на сила нивните колеги од факултетот да гласаат позитивно.
– Ваков случај имаше и на Економскиот факултет на УКИМ пред некој месец, па сепак, немаше некоја поголема реакција, посебно не со штрајк и манифестација на состојба на маченици, кое не доликува на луѓе од Универзитет. Ако не ги сакаат колегите од Економскиот факултет при УГД, ќе ги земе некој друг. Квалитетот ќе си го најде своето место – тврди ректорот Митрев.
Јавна поддршка на тројцата доктори на науки, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски им дадоа и дел од нивните колеги, како и апсолвентите од штипскиот Економски факултет. Тие веќе три дена штрајкуваат со глад, бидејќи сметаат дека незаконски се избркани од работа.