Избрканите професори до Ректорот: Кој е маченик, а кој џелат?

by Fokus

Откако конечно се огласи Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Саша Митрев во врска со тројцата избркани професори Крсте Шајноски, Магдалена Матлиеска и Александар Костадиновски од Економскиот факултет, при што им посочи да не манифестираат состојба на маченици, бидејќи тоа не им доликува на луѓе од Универзитетот, со отворено писмо до него излегоа и професорите.

Според нив, навистина е неумесно, Ректорот да  манипулира со јавноста и неговите колеги да ги нарекува „маченици“, бидејќи функцијата која ја извршува, бара од него поголема одговорност кон вработените, а тоа значи да ги спроведува и почитува законските прописи.

– Ректоре, велите сме имале механизми за заштита на нашите интереси! Точно! Но, како да ги искористиме, кога немаме ништо добиено? Немаме добиено ниту Записник од одржаната седница на Наставно-научниот совет, ниту пак Одлука од Наставно-научниот совет? Имаше доволно време да бидат направени и да ги добиеме! Зошто не ги добивме? Вие многу добро знаете дека нашиот избор истекува на 2 август, а со оглед на фактот што со работа започнуваме на 7 август,  конкурсот по автоматизам се прекинува и повторно влегуваме во нова голгота, со нови избори и повторно нови прегласувања од типот „те сакам – не те сакам“. И, до кога така Ректоре? Додека не се откажеме? Еве ви го МОБИНГОТ, кој деканот го спроведува врз нас. Со неговите постапки, тој сака да се откажеме доброволно од нашите работни места кои ги имаме на Универзитетот – се наведува во отвореното писмо од тројцата избркани професори до Ректорот.

Тие тврдат, дека правото на избор им е дадено на членовите на Наставно-научниот совет да го уживаат и да го употребуваат, а, не да го злоупотребуваат водени од ниски интереси.

– Токму заради тоа што сте Ректор, не смеете да си го земете правото да манипулирате со Законот за високо образование (член 132), од каде јасно се гледа дека изборот на наставниците го врши наставно-научниот совет, врз основа на оценката во Рецензентскиот извештај. Во нашите случаи, трите рецензии се позитивни и, согласно тоа, тројцата требаше да бидеме унапредени во повисоки звања. Почитуван Ректоре, дали Вие се’уште верувате во кредибилитетот на барем тројца членови од Наставно-научниот совет, кои не си го почитуваат ни сопствениот потпис? Овие колеги ставиле потпис на предлогот да бидеме избрани во повисоко звање, а при одлучувањето гласаат против сопствениот предлог! Ректоре, сметаме дека ова би го збунило и човек со најниско ниво на образование, а камо ли колега од фелата – се наведува понатаму во писмото упатено до Ректорот.

Според нив,  нивните колеги, ваквата своја постапка не ја сфаќаат толку загрижувачка и неодговорна.

– Но, свесни ли се колегите дека сопствениот потпис го ставиле на оценките, дипломите, магистратурите, односно со потписот го верификувале знаењето на студентите! За нас професорите, потписот е света работа! Да си згазнеш на сопствениот потпис како професор, значи дека се газиш како професор!!! Почитуван Ректоре, само да Ве потсетиме, кај истите овие професори, Државен просветен инспекторат има веќе констатирано дека постапиле спротивно на Законот за високото образование и спротивно на Статутот на УГД! Велите дека не не’ сакаат? Велите дека овде е чист случајот, дека станува збор за “те сакам – те неќам”! Па не сме на работа, Ректоре, за да се сакаме. На работа сме за да работиме законски и најквалитетно на нашите работни места. Принципот “те сакам – те неќам” е самоволие, субјективизам, волунтаризам – се наведува во отвореното писмо од тројцата професори.

Професорите тврдат, дека Ректорот е во право, кога вели дека треба да се изјасни и Инспекторатот за високо образование.

– Секако дека и ние, исто како и Вие, очекуваме дека и овој пат Инспекторатот ќе постапи во рамките на својата надлежност.  Ние веруваме во институциите на системот, кои ќе го имаат последниот збор. Дотогаш, нашиот штрајк со глад продолжува, без разлика дали Вие, нас не’ доживувате како „маченици“. Она што е вистина е дека целата ваква смислена лакрдија, ние ја оценуваме како „џелат“ врз високото образование во Македонија, а ние се чувствуваме како “штитеници“. А, дека квалитетот ќе си го најде своето место, апсолутно се согласуваме! Нашето место е во Универзитетот Гоце Делчев, каде што ја препознавме нашата иднина – стои понатаму во отвореното писмо до Ректорот.

Тројцата избркани професори и понатаму го продолжуваат штрајкот со глад и се надеваат дека правдата ќе излезе на виделина. Претходно, тие добија поддршка од дел од своите колеги и од апсолвентите на Економскиот факултет.

 

 

Поврзани новости