Само сомнеж ќе биде доволен за конфискација на нелегално стекнат имот

by Фокус

Нелегално стекнат имот или пари да се одземаат и без кривична постапка, предвидува законот за конфискација во граѓанска постапка кој е во фаза на изработка.

Со него, според владините претставници, треба да се намали корупцијата, бидејќи, постојните закони покажале слабост во борбата со криминално и коруптивно однесување.

-Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. Овој закон не треба да претставува изговор за обвинителите во кривична постапка да избегнуваат кривични постапки и конфискација во кривична постапка – изјави Славица Грковска, вицепремиер за добро управување.

Законот за конфискација во граѓанска постапка ќе се применува независно од истрагите или судењата за криминал и корупција. Само сомнеж за нелегално стекнатиот имот ќе биде доволен да се спроведе конфискација.

-Значи на крај, судот или обвинителот вика – да, се е во ред, гледам, но јас немам доволно докази да излезам на суд за ова лице. Немам доволно докази, но имам сомневање дека тој имот, он и претходно се занимавал со таква криминална активност, имам сомневања дека тој имот не одговара на неговите реални приходи – изјави Гаврил Бубевски, Јавен обвинител.

Според експертите, конфискацијата на имот е предизвик за сите општества, бидејќи како што велат, незаконски стекнатото богатство служи и да се одбегнат казните.

-Не може така лесно да се детектираат, тешко се докажуваат и на крајот секогаш во постапките успеваат тоа да го завршат на некој лесен начин. Како? Нормално, со парите што ги добиваат од тие нечесно стекнати пари – изјави Славица Жерајиќ, член на работна група за предлог-законот.

Поврзани новости