Само еден господ знае кој сѐ ја финансира изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“

by Фокус

Текстот е објавен на 6 декември 2013 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Владо АПОСТОЛОВ

Обично се вели дека во црквата има седум свети тајни бидејќи бројката го означува совршенството. Тајните не се ништо друго, ами христијанските обреди − крштевање, миропомазание, покајание, причест, брак, свештенство и елеосвештенство.

Ако добро сме разбрале, оти не сме вични во библиските теми, светите тајни се конкретните обреди кои им сведочат на верниците дека постои Господ или со други зборови − преку нив христијаните досегнуваат до Бога.

Странската литература што ја консултиравме вели дека православието, за разлика од католицизмот, не го ограничува бројот на свети тајни или сакраменти, како што се наречени на англиски јазик.

Се надеваме дека искрените верници нема да се навредат ако го искарикираме значењето на светите тајни, а тоа ќе го направиме по малку од револт зашто искусивме Исусови маки за да одгатнеме неколку мистерии кои во едно пристојно општество би се откриле со два телефонски разговора и со едно кафе-муабет на улицата Македонија, каде што никна карабината од новиот православен храм.

 

ОСМА СВЕТА ТАЈНА

Нејсе, денес во библиска Македонија можеме слободно да кажеме дека се раѓа уште една, осма света тајна, а таа се однесува на подигањето на црквата „Св. Константин и Елена“ во строгиот центар на главниот град.

Енигма е колку гроша ќе чини објектот, кој е во завршна фаза, а „топ сикрет“ се и луѓето, бизнисмените и институциите (ако има такви) кои донирале за изградба на храмот, кој првично беше замислен на плоштадот Македонија, токму на локацијата каде што наскоро ќе се извишат фамозните шпански скали.

Можеби некој се надева дека во држава, каде што фазлата од 8 милиони евра само за лиење споменици не е вест, ќе се заборави и дека црквата на плоштад беше дел од владиниот проект „Скопје 2014“. За среќа или за несреќа, видеоклипот со визуализацијата на новото Скопје сѐ уште е закачен на Јутјуб и сведочи дека црквата „Св. Константин и Елена“ била дел од контроверзниот план за „ребилдање“.

Токму затоа баеги се подразочаравме зашто во паничниот предизборен отчет на дуото КанческаТодоровиќ немаше ни ронка информација за тоа колку пари отишле на новата црква. А одамна ни стана кристално јасно дека Жерновски со триумфот во Центар ги „запленил“ само китабот што се однесува на монументите, но не и оној за барокните згради.

Сума-сумарум излегува дека навистина света тајна е колку чини и кој ја плаќа изградбата на новиот храм!

 

ИМА ФОНДАЦИЈА, АМА КАКО ДА ЈА НЕМА!

Свети Григориј Палама, архиепископот солунcки и заштитникот на православното учење од 13 век, напишал дека ако гледаш само на она што е видливо, тогаш не си добил никаква полза. Поучени од зборовите на светецот, тргнавме да дознаеме кој стои зад она што е видливо, зад големиот објект што со полна пареа се гради во центарот на Скопје.

На градилиштето стои табла на која пишува дека инвеститор на црквата е фондацијата „Св. Цар Константин“ и оти градежните работи ги изведува скопската компанија АД „Бетон“.

Со градежната компанија приказната е кратка и јасна. „Фокус“ праша колку вкупно ќе чини храмот и плус им кажавме на луѓето во „Бетон“ дека нѐ интересира висината на договорот што го потпишале со фондацијата за изградба на црквата. Претпоставуваме, нели, дека постои договор?! До затворањето на овој број од неделникот, до средата навечер, не добивме никаква повратна информација и, да си кажеме, имаме чувство дека нѐ изигнорираа. Бетонци, бујрум, нека демантираат оти не било така.

Обидот да се дознае нешто од и за фондацијата „Св. Цар Константин“ е мала сага, која се надеваме дека ќе ви ја доловиме. Според официјалните документи од Централниот регистар, фондацијата е основана лани во ноември, а сопственик е Скопската епархија при МПЦ-ОА. Таму наводно е и лоцирана фондацијата, во канцелариите веднаш до Соборниот храм. „Св. Цар Константин“ е стартувана со основачки капитал од 65.268 евра, а како овластено лице се јавува извесен Лазар Трајчев, адвокат од Скопје.

Трајчев, всушност, е директор со неограничено овластување во фондацијата, но и покрај сите напори не успеавме да стигнеме до него. Неколку дена не се јавуваше на мобилниот телефон, не одговори на СМС-пораката, а се оглуши и на нашите молби за средба што му ги испративме и на личната и на службената имејл-адреса.

Во канцеларијата каде што работи еднаш ни рекоа дека бил отсутен, ама ќе му пренеле дека го бараме, за другиот ден да отпатува (или веќе бил) во странство.

На дното од официјалниот документ за фондацијата стои имејлот на свештеникот Григориј Настески, кој, исто така, се оглуши на нашата имејл-молба за средба, ама затоа имавме среќа да го сретнеме во просторијата на Скопската епархија.

Настески се прогласи за ненадлежен околу информациите по кои трагаме, иако неговиот имејл е официјален контакт и плус тој е член на Управниот одбор на фондацијата. Нѐ препрати кај неговиот колега од одборот, задолжен за медиумите, но и овој обид да се дознае нешто доживеа фијаско. Испративме имејл, а одговор не добивме.

Ненадлежен бил и владиката Тимотеј, кој важи за гласноговорник на МПЦ-ОА и затоа тој повторно нѐ препрати во Скопската епархија.

ВО ВЛАДАТА НЕ ЗНААТ, БИЛЕ ВО ПОДРУМ

Во недостиг од вистинските информации, ќе ви пренесеме дека фондацијата, покрај изградбата на црква, има и дополнителни цели и задачи. Во документите од Централниот регистар стои дека во план е и изградба на придружни објекти на црквата и центар за едукација, односно за веронаука (не е јасно дали ќе бидат во склоп на новиот храм).

А покрај соработката со останатите верски заедници, фондацијата си зела задача да ги развива етиката и моралот и да ги чува традиционалните вредности. Во управниот и во надзорниот одбор на фондацијата имало по едно свештено лице, а остатокот биле јавни личности и бизнисмени.

Со оглед на тоа дека не успеавме да ги контактираме луѓето што ја водат фондацијата, не го добивме ниту годишниот извештај за нејзиното работење кој, патем, е законска обврска.

Законот за здруженија и за фондации предвидува организациите да подготват годишен финансиски извештај и да го објават на својата веб-страница или на друг начин да го направат достапен до јавноста. Секој извештај за претходната година мора да биде јавен до 30 април наредната година.

Во рамките на нашата моќ за пребарување на интернет, ние не успеавме да најдеме дали фондацијата има веб-страница.

Она што е познато за јавноста е дека досега се одржаа две донаторски конференции за изградба на црквата, а на онаа втората, покрај бизнисмените, присутен беше и премиерот Никола Груевски. Затоа, иако бевме свесни дека ќе нема многу полза од владините институции, сепак „ѕврцнавме“ до Илинденска бр. 2 и до Министерството за култура.

Од Владата ни рекоа дека државата нема врска со црквата „Св. Константин и Елена“ и оти таа била во надлежност на „некаков си одбор“, додека од кабинетот на Канческа беа поконкретни и го затворија маѓепсаниот круг со тоа што повторно нѐ препратија во МПЦ.

Министерството за култура на почетокот беше вклучено во подигањето на објектот, па дури во 2009 година распиша и тендер, кој пропадна бидејќи скопски „Гранит“ понудил, според Владата, многу висока цена за изградба на храмот. Понудата тежела повеќе од 14 милиони евра, а тендерска документација подигнале уште три фирми, кои од непознати причини потоа не конкурирале.

Тогаш медиумите пишуваа дека цената се вивнала во облаци бидејќи Министерството предвидело во црквата да се вгради скапиот и исклучително редок мариовски травертин, камен кој требало да ја краси фасадата.

 

МОЛЧЕШКУМ ЦРКВАТА СЕ ПРЕСЕЛИ ПРЕД ДОМОТ НА АРМ

Се пишуваше дека камбаната ќе се набави од Русија, а имаше и информации оти храмот во основата ќе личи на крст со димензии 25 на 25 метри, а камбанаријата ќе достигне 29 метри во височина. Идејата беше централниот влез да се постави кај поранешната кафеана „Дал Мет Фу“, денешна „Пелистер“, а олтарот требаше да биде поставен во правец на ГТЦ. Црквата беше замислена со пет куполи, а веројатно за да се вклопи во амбиентот на плоштадот требало да има надворешна илуминација која ќе ги менувала боите.

Токму поради изградбата на црквата се случи инцидентот на скопскиот плоштад во март 2009 година, кога група од триесетина млади активисти од „Архибригада“ беа буквално нападнати од илјадниците контрапротестанти, собрани и охрабрени од власта и од млаката реакција на присутните полицајци (авторот на текстов беше сведок на инцидентот).

„Архибригада“ сакаше да го искаже незадоволството за тоа што ќе се гради грандиозен објект на скопскиот плоштад, додека „крстоносната“ толпа беше дојдена само за да направи инцидент.

По овие случувања и ИВЗ побара да се возобнови Бурмали џамијата бидејќи и изградбата на „Св. Константин и Елена“ е, всушност, оживување на храмот кој бил некаде на просторот каде што денес е ГТЦ.

Истата 2009 година, Владата ѝ ја отстапи парцелата на плоштадот на црквата и ѝ го препушти целиот проект, а наредната година медиумите обелоденија оти МПЦ добила десет милиони евра од државата во обврзници за денационализиран имот.

Парите биле компензација за побарувањата што ги имала црквата за храмови и за земјиште од сите епархии и, како што тогаш пренесе „Алфа ТВ“, владиците тврделе оти милионите ќе ги вложат, исто така, во нови храмови и во земјиште.

На крајот црквата си најде место врз паркот пред Домот на АРМ и на неколку десетици метри од Парламентот. Се исекоа дрвјата и сѐ беше подготвено премиерот, заедно со поглаварот господин господин Стефан, да ја фрли првата лопата.

 

ПОЛИТИКА НА ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ

Очекувавме дека тешко ќе дојдеме до какви било податоци за изградбата на црквата, ама не верувавме оти стравот од јавноста е толку голем што челниците на фондацијата „Св. Цар Константин“ не се охрабруваат да одговорат на еден обичен имејл.

Од друга страна, не можеме, а да не ја нотираме циничната лагодност кај владините институции, чии претставници со полна уста и самоуверено објаснуваат дека, ете, за жал, тие ниту имаат ингеренции врз проектот, ниту, пак, знаат нешто што би било од интерес за јавноста.

И врапчињата на легендарниот вмровски пратеник Митко Атанасовски знаат оти во државава камен врз камен не може да се постави ако претходно за тоа не даде амин лично и персонално премиерот!

Можеме само да претпоставуваме дека владата си ги изми рацете од проектот за да ги избегне обвинувањата дека финансира изградба на православен храм, а само плус е фактот што десетината милиони евра (или колку и да се) ги снема од дебелото конто на паничниот отчет за Скопје 2014!

 И за храмот имаше различни математики

Цената за споменикот на Скендер-бег се користеше како репер за сумите што се даваа за изработка на спомениците од проектот „Скопје 2014“. Имено, опозицијата често тврдеше дека овој споменик е дури десетпати поевтин од монументите на Гоце Делчев и на Јане Сандански.

Интересно е дека во првата фаза, кога беше обелоденето дека имало 14 милионска понуда за изградба на црквата, ЛДП предупреди дека храмот што го градел Трифун Костовски чинел три милиона евра, додека оној на Ристо Гуштеров шест милиони.

7.800 евра преку телефон

Единствената официјална информација до која дојдовме за црквата „Св. Константин и Елена“ е од Фондацијата „Т-мобиле“ за Македонија, која ги собира донациите од граѓаните што даваат пари преку мобилните телефони.

Оттаму велат дека досега, откако е отворен бројот лани во декември, па заклучно со октомври годинава, собрани се 485.100 денари, или околу 7.800 евра.

Поврзани новости