Државното раководство страда од параноја!

by Фокус

Текстот е објавен на осми ноември 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 944

Разговарала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Невропсихијатарот Мицко Дудучки има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа како воен стипендист ја завршил Воено-медицинската школа во Белград. Прво вработување му било во скопската Воена болница, а потоа добил прекоманда во Црна Гора.

Специјализацијата ја почнал во Сплит, па во Загреб, следеле Ванкувер, Белград, Загреб и Тур во Франција. По постдипломските студии, работел како асистент на психијатрија на Воено-медицинската академија, а од 1996 година работи во својата приватна специјалистичка ординација за неврологија и психијатрија во Куманово.

Разговорот со Мицко Дудучки што го водеше „Фокус“ беше особено инспиративен бидејќи зачнавме повеќе теми за она што го „јаде“ македонското општество, од стравот кај граѓаните до психичката состојба кај функционерите, кои како од шега добиваат сериозни психијатриски дијагнози како оправдување да добијат отштета за навреда и за клевета!

ФОКУС Сведоци сме на огромен број тужби што се однесуваат на навреда и клевета од високи политички структури за претрпен стрес, страв, штета по угледот. Дел од политичарите, па и новинарите, имаат сериозни дијагнози кои почнуваат од несоници, анксиозност, доживеан пост трауматски стрес. На сметка на ова, тие бараат енормни суми за претрпена штета. Колку се можни манипулации на ова поле?

ДУДУЧКИ Форензичката наука понекогаш доаѓа во спротивност со самата себе, посебно во услови во какви што функционира нашата судско-психијатриска практика. Свесни сме дека сите институции, вклучително и највисоките судско-психијатриски инстанци, како што е судско-психијатрискиот колегиум при Медицинскиот факултет, Институтот за судска медицина каде што се вршат најголемиот дел судски вештачења, не се имуни на сите негативности и импликации што ги има секојдневието во нашето општество.

Свесни сме ние, ама и Европската комисија постојано тврди дека судството ни е партизирано, дека е под диктат на политичките структури, дека имаме селективна правда, па оттаму имаме често несовесно, нестручно и некомпетентно однесување кога се во прашање вештачењата, особено ако се однесуваат на лица од политичкиот естаблишмент или општо, од општествената елита.

ФОКУС За дел од високите функционери на власт постои документација дека страдаат од чувства на анксиозност, несоница, депресивност, тешка пониженост, поради одредена изјава што тие ја доживуваат како клевета или навреда. Колку лице со вакви симптоми можат да ја извршуваат јавната функција со сите одговорности што ги носи?

ДУДУЧКИ Едноставно не можат да настанат такви душевни нарушувања во случај кога станува збор за кривично дело клевета или навреда. Од друга страна, свесен сум дека и дел од моите колеги потпаѓаат под такви влијанија, па за еднократна употреба пишуваат дијагнози кои не држат вода, кои се спротивни со форензичката наука и со психијатријата како наука, која не е егзактна, но има свои мерки, свои критериуми.

Оттука произлегува прашањето: ако таквите луѓе имале такви душевни болки, такви нарушувања, како биле способни веќе утредента или за два-три дена да си ги вршат нормално своите бизниси, своите професионални активности? Едното со другото се коси. И ако погледнеме во сите тие случаи, дали тие личности оделе подолго на психотераписки третман или  на психофармаколошки третман? Немаме таква документација, јас барем во моето 21-годишно професионално искуство и како судски вештак не сум сретнал такво нешто.

ФОКУС Колку време е потребно едно лице да закрепне од ваквите ментални и душевни болки?

ДУДУЧКИ Како еден од двајцата психијатри што имаме воено искуство и што сме се сретнувале многу често со акутните стресни растројства, тешки реакции на стрес, реактивни психози, посттрауматски стресни растројства, тврдам дека сето тоа што се пишува во експертизите, нема ни 20 отсто вистина. Затоа што тоа не може да биде предизвикано од една клевета или од една инсинуација.

Од друга страна, ние како граѓани имаме право и обврска во сето она што се работи да го изразиме нашето сомневање и да бараме надлежните инстанци да си ги вршат своите надлежности. Тоа е работата на нас слободномислечките интелектуалци, тоа е работа на вас новинарите како седма сила.

Има такви ситуации каде што постојат тешки дијагнози кога со посттрауматско стресно растројство не можете да функционирате ниту на професионален, ниту на социјален, ниту на семеен план, а камоли да вршите сложени и одговорни државни функции и да терате бизнис паралелно со тоа.

Оттаму произлегува дека нашето судство, за жал, е под влијание и под капата на одредени структури од политичкиот естаблишмент, каде што доволно е само да се сврти телефонот и да се каже „ова ќе биде така“.

БОЛКАТА НА ЗЕМЈОДЕЛЕЦОТ НЕ Е ИСТА СО ОНАА НА ПОЛИТИЧАРОТ?

ФОКУС Рековте дека за сето ова постои добра паралела меѓу случајот со Душко Млекарот и со функционерите од партијата на власт кои тужат за навреда и клевета поради сериозни душевни болки?

ДУДУЧКИ Секако дека има. Имено, ако премиерот утврдил дека Душко Млекарот одгледувал марихуана, дали е тоа работа на еден премиер? Се работи за канабис сатива, тоа е коноп кој на диво расте во долините на сите наши реки. И ако министерката за внатрешни работи заедно со министерот со медицински ракавици тврдат дека Душко, земјоделец, одгледувал марихуана и е криминалец, кој од судиите, од кои најголем дел имаат путер на главата, ќе се одважат да го негираат тоа?

Кој од истражните судии нема да донесе таква одлука, невин човек да се стави во притвор и членовите на неговото семејство? Јас сум запознаен со случајот и само еден мој колега се одважи да направи судско – психијатриска експертиза за штетата што е нанесена со незаконско криминално дејствување на истражните органи, на полицијата, а во кои се инволвирани и лица од политичкиот врв, односно од владата.

Е сега, се прашуваме како граѓани дали Душко ќе ја дочека правдата, дали има некој судија што ќе се одважи да пресуди исто таква, дури и поголема сума надомест за нематеријална штета за сето она што Душко го претрпел во притворот?

ФОКУС Од друга страна, пак, имаме тужби и пресуди кои се правосилни и извршни со енормно високи суми затоа што напишале дека еден бивш премиер или братучед на сегашен премиер имаат фирми, тајни сметки во Швајцарија, Кипар итн…

ДУДУЧКИ Да, со такви пресуди се праќа порака дека болката на еден земјоделец е многу помала! Тој како личност е дискриминиран, помалку вреден затоа што бил во притвор, слободата му била ускратена и таа болка е многу помала од болката на еден политичар, на една јавна личност.

Оттаму произлегува и селективноста во нашата форензичка практика за која сум жесток противник! Неразбирливи се пресудите, несфатливи се и тие драконски казни, зошто тие слободномислечки луѓе кои по силата на својата професија ги работат совесно и одговорно своите работни задачи потоа за истото се казнуваат. Ќе го земам примерот со вашиот колега Томислав Кежаровски како најилустративен.

Сметам дека како граѓанин сечија активност, па и акциите на судиите, политичарите и на парламентарците не треба да биде под лупа, но треба да е под постојан надзор затоа што, за жал, станавме држава која има пречки во развојот, а нашето политичко раководство е со посебни потреби.

ФОКУС Сте имале ли можност да ги видите психијатриските вештачења на вашите колеги во однос на психичкото здравје на функционерите што тужат за навреда и за клевета?

ДУДУЧКИ Во едно вештачење кое еден мој колега го напишал, стои дека неговиот пациент како политичка личност е посебно осетлив на душевната болка, како ние останатите да сме амеби, па не сме подложни на болка! Ама душата на политичарот посебно страда ако му кажете дека се сомневате во криминални дејства, криминални тендери, во анекси на договорите, па анекси на анексите, дека се сомневаме во правдата.

Верувам дека и судските инстанци се такви затоа што се подложни на влијанија и се партизирани, па и слободно можам да кажам дел од нив и криминализирани, тие секогаш одат по линија на помал отпор, да го казниме непослушниот. Замислете кои апсурди, во денешно време ќе имате помала затворска казна за убиец отколку за некој што го „наклеветил“ премиерот, функционерот дека можеби има тајни сметки, бизниси во Чешка или дека местел тендери!

СО ПОСТТРАУМАТСКИ СТРЕС ЧЕСТО СЕ ГУБИ И РАБОТНАТА СПОСОБНОСТ!

ФОКУС Имаше случај кога уредничка од еден од провладините медиуми доби случај за навреда и клевета од колега од друг медиум. Нејзината дијагноза беше посттрауматско стресно растројство. За каква дијагноза тука станува збор?

ДУДУЧКИ Посттрауматското стресно растројство е сериозна дијагноза. Дури во Хрватска и во Србија имаше слична таква злоупотреба на пишување дијагнози. Во поголем број случаи, особено ако станува збор за посттрауматско стресно растројство од воените дејствија, тоа со себе повлекува дури и работна неспособност. И тоа е она што го нарекуваме „виетнамски синдром“, па „ирачки синдром“, па сега „авганистански синдром“ кај американската војска. Тоа е сериозна дијагноза.

Можеби и ние како психијатри многу лесно поставуваме таква дијагноза. Дури и критериумите за дијагнозата погрешно се сфаќаат. Треба извесен период од настанатата стресна реакција да помине, ние тоа го нарекуваме „фри симптом тајм“, значи период кога нема симптоми, па може по неколку месеци, по неколку години да се јават такви стресни растројства.

Токму сега имав еден случај кога паѓа граната во село Слупчане и убива 7 членови од семејството. Млад човек кој тогаш имал 13 години, дури сега, по 11 години ја доживува симптоматологијата. Не можеме ние да зборуваме за посттрауматско стресно растројство ако вчера сме го осетиле психичкиот стрес, а денеска сме се разболеле.

Тоа е акутна стресна реакција, кога не се чувствуваме комфорно, удобно, но тоа може по неколку дена да доведе до обична или пролонгирана стресна реакција, а никако да остави подолготрајни последици кои „де факто“ и „де јуре“ би имале потреба за подолготрајно психотераписко и психофармакотераписко лекување. Кај кои од овие политичари или новинари кои за наши услови добија енормни штети имаме докази дека биле лекуван со месеци кај одредени психотерапевти? Немаме такво нешто!

ФОКУС Сте реагирале ли некогаш кај колегите, да прашате „добро луѓе, се пишуваат ли вака дијагнози од ракав?!“

ДУДУЧКИ Реагираме, нормално. Дури имав случај кога на мојот професор, мојот учител по психијатрија, бев во ситуација да му правам суперекспертиза. Тоа треба да биде обратно. Затоа што она што ги имаше напишано содржеше низа елементарни нелогичности, би рекол и глупости, кои не се во врска со никаква форензичка наука.

Проблемот е што немаме избалансирани, јасни критериуми затоа што немаме професионална етика, па да кажеме, знаете колега вие не можете да бидете член на Лекарската комора затоа што не се борите за правата и интересите на фелата на која припаѓате.

Власта е променлива категорија. Вие сте тој што цел живот ќе бидете новинар, па дури и кога ќе бидете пензиониран. Ние ќе бидеме лекари и кога ќе бидеме во пензија, па колку можеме ќе помагаме на луѓето. Значи тие дијагнози се најчесто наменски пишувани, за еднократна употреба и во една посериозна анализа на таквите предмети ќе најдеме многу нелогичности, а особено во самите пресуди.

МИ СЕ ЗАКАНУВАА СО УБИСТВО КОГА НЕ САКАВ ДА ПРАВАМ НАРАЧАНО ВЕШТАЧЕЊЕ

ФОКУС Сте имале ли случаи кога од Вас било побарано да напишете дијагноза со која не се согласувате, да направите судско вештачење по нарачка и слично?

ДУДУЧКИ Да, многупати. Дури и со закани, со јавувања по телефон… Веројатно во судот имаат тастери, па јас едно време за посложени предмети одев директно да го земам предметот од судот и веднаш го ставав во чанта, па дома го проучував со часови. Половина час потоа доаѓаа понуди за корупција, еве толку и толку ќе ви платиме. Па, кога го одбивав тоа, почнуваа со закани, па дури и со обивање на ординацијата на два – трипати, па со кршење на автомобилот, па со закани за убиство…

Никогаш не сум прифатил такво нешто. Ако плукнете на вашиот професионален образ, во што ќе се претвори тој? Ќе се претвори во Дрисла, сигурно нема да се претвори во нешто што зрачи со професионалност, стручност и знаење. Имало и такви припадници од владејачките структури кои ми велеле „ти, Дудучки ќе бидеш мој вештак!“ Па, јас не сум твој, како можам да бидам нечиј вештак?!

ФОКУС Ги работевте и вештачењата за случајот „Мавровски работници“. Какво беше тоа искуство за вас, со што сѐ се соочивте?

ДУДУЧКИ Тогаш имав навистина жестоки притисоци. Само да знаете на каков садизам беа изложени тие млади луѓе, од кои едното момче, за жал, отиде во реактивна психоза. Злосторниците сега имаат чинови, се поставуваат на државни функции, тоа се апсурди, кои како слободномислечки интелектуалци како можеме да ги прифатиме, да ги проголтаме? Дали нешто во нас не се буди, дали нашата хуманистичка димензија не треба да реагира, наместо упорно да ја наведнува главата?!

Иако имам големо искуство во овој дел, сум се изнагледал многу злосторства, многу трауми каде што само жртвите биле невини. Но, ова што лично како човек го доживеав беше премногу болно и проблематично. Тие жртви градеа патишта за тој дел од Македонија, а злосторниците беа амнестирани.

Тоа кај мене создаде еден професионален бунт и револт зошто правдата да не биде задоволена? Нема попогодно тло за развој на злото, за развој на неправдата ако таа не е санкционирана. Во случајов, злосторниците се амнестирани. Па, меѓународното воено право зборува дека военото злосторство не може да биде предмет на амнестија и никогаш не застарува.

Дали ние сме дел од тоа меѓународно право или, пак, само сме дел од правото на партиските интереси? Каде се правата на жртвите и граѓаните? Мавровските работници со години беа на третман. Тоа се вистинските стресни растројства, а не оние другите за кои претходно говоревме!

ЗА СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ – ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПСИХИЈАТРИСКИ ТЕСТИРАЊА

ФОКУС Очигледно е дека голем број функционери од актуелната структура на власт се крајно кревки и осетливи како личности. Дали можеби, пред да бидат именувани или избрани, секој од нив треба да помине низ едно психијатриско вештачење за да се согледа дали е способен да ја врши работата и да се носи со критиките по повод неговото работење?

ДУДУЧКИ Па, не би рекол вештачење, ама една клиничко-психолошка експлорација на личноста, секако. Затоа што нас нѐ лиценцираат, сега бараат да се воведат и лиценци за дадилки, не знам кој ќе ги издава и колку ќе чинат тие, дури сега има и тестирање на наставниот кадар. Немам ништо против тоа. Во струката треба да се усовршуваме, да стануваме подобри, да видиме до каде сме.

Но, имам против тоа сето ова да се применува селективно. Дали не треба да видиме какви морални, какви човечки, какви интелектуални способности и капацитети поседуваат тие што донесуваат закони? Тие се очигледно толку кревки, болни, невини, нежни души кои кога ги критикувате доживуваат тешки трауми. Дали таквите луѓе не треба да се предмет на една процена дали се способни за таква функција?

Така што ако важат некои критериуми, дури и да се строги, нека важат за сите и да кажеме да, сме направиле селекција и знаеме дека тој е висок професионалец, високо морален, не е склон кон коруптивни дејства, дека е личност со интегритет.

ФОКУС Како сето ова се одразува врз граѓаните? Колку тие ги чувствуваат последиците од селективната правда?

ДУДУЧКИ Што да ви кажам. До 2020 година ќе коси депресијата. Луѓето кај нас едноставно страдаат. Во нашата професија, во нашата струка како во ниедна друга гранка од медицината не ги чувствуваме директно негативните влијанија од општествената стварност и сегашната политичка безбедност на психичкото и менталното функционирање на популацијата. Оттука имаме и енормен број самоубиства.

Тој индекс порано изнесуваше помалку од 12, бевме на дното на Европа, сега е повеќе од 15 самоубиства на 100.000 жители, што е многу висока, на европскиот врв. Тоа е трагедија за едно општество. Уште пострашно е што најголем дел од нив припаѓаат на економски ефективната популација, тоа се релативно млади луѓе, луѓе кои се работоспособни. Значи сето она што го доживуваме како граѓани и како последица на недомаќинското владеење на одредени структури и конкретно на оваа власт, директно се рефлектира на менталното здравје на граѓаните.

ФОКУС И како сето тоа може да се спречи, постои ли начин?

ДУДУЧКИ Пред сѐ, граѓанинот треба да се едуцира, да ги познава своите права, од секој аспект, почнувајќи од своите потрошувачки права, до правата во судскиот систем…

ФОКУС Да, но дали тоа ќе го излечи внатрешното чувство на страв?

ДУДУЧКИ Некој ќе рече, наведнатата глава сабја не ја сече, а јас ќе додадам – таквата глава никогаш сонце не гледа и полесно е да заробиш некој со слободарски дух и менталитет отколку да ослободиш некој со ропски менталитет. И тоа се чини дека во колективното несвесно е еден мазохистички деструктивизам кај македонската популација, а и општо на Балканот. Сето тоа е створено за слепата послушност кон власта, независно која е. Оттука спомнувам дека слепата послушност е осмиот библиски грев.

Мојата ќерка, која не живее тука, ми вели „Нели е понизно да ја трпите оваа тиранија во која живеете? Што ќе ве оправда пред идните генерации, ќе велите така мораше да биде, а потоа ќе ви се смеат наредните генерации за овие глупости што сте ги трпеле во 21 век?“ И реков, ќерко, проклето си во право, меѓутоа од петни жили се трудам да ги покренам тие процеси на ослободување од ирационалниот страв кој нѐ кочи и нѐ доведува да живееме во состојба во која сме буквално зомбирани и понижени и да веруваме дека тоа е убаво, дека така треба да биде.

Ние мазохистички се мириме со ситуацијата и гледаме да не тонеме подлабоко, а каде би тонеле кога од дното нема поголемо дно. Тоа е најтешкото, да се просветли духот и умот и да сфатиме дека само три елементи се значајни за човекот – неговиот живот, неговото здравје и неговата слобода.

ВО МАКЕДОНИЈА ВЛАДЕЕ ПСИХОЗА НА СТРАВ

ФОКУС Можеби е само моја перцепција, но не можам, а да не помислам дека постои тенденција во македонското општество сѐ да се прифаќа со голема леснотија, како да треба така да биде! Тоа како да ни се случи со барокот, спомениците, сите потрошени пари за оваа намена. Дали македонските граѓани веќе се помируваат со својата ситуација?

ДУДУЧКИ Гебелсовската пропаганда тврди дека ако една лага ја повторувате 100 пати, таа полека почнува да станува вистина и на крајот е неприкосновена вистина. Ние сме жртви на огромни манипулации, на една психоза на страв. Зашто ништо не е потешко да се победи отколку стравот во себе, индивидуалниот и колективниот.

Не случајно во Библијата пишува „Прво Господ го создал стравот и стравопочитот“. Па, оттаму, сите манипулации одат кон тоа кај човекот да се создаде чувство на инфериорност, недоволност, неспособност, со цел човекот да се чувствува мал во очите на владејачките структури. Така е и кај нас и секаде во светот. Оттука се и имињата, папа, Свет архијерејски синод, Светата мајка, Светата столица, а тие потонале во криминал, педофилија!

„ПАРАНОЈА МАЦЕДОНИКА“

ФОКУС Ми рековте дека моментално работите на статија која го отсликува стравот во македонското општество, а е воедно поврзана со антиквизацијата што ни се случува пред очи…

ДУДУЧКИ Да, работам на статија што ја нареков „Параноја Мацедоника“, а се однесува на глупавата антиквизација и на лечењето нечии комплекси со тоа дека сме имале онакво или такво потекло. Тоа е еден склоп на сѐ и сешто, бугарски цареви, византиски, проблематични ликови од историјата на македонскиот народ.

Со тоа само се замајува народот, му се прават спинови и се оттргнува вниманието од она што се суштествени проблеми, економската ситуација, владеењето на правото, од тоа што сме шампиони по мизерија, од тоа што сме најнесреќниот народ според сите параметри на Светската здравствена организација…

И сето тоа го прават спин-мајстори кои се во власта, а се едуцирани од фондацијата „Конрад Аденауер“. Конрад Аденауер бил прв поствоен канцелар во Германија и сѐ уште кај него постоел фашизмот и жестокиот антикомунизам. И целиот тој спин се прави со приграбување огромен дел медиуми кои се само во улога на фронтмени и пропагатори на власта.

Па, оттаму, што сакате, каков ефект сакате ова да предизвика кај обичниот човек? Ефект на страв, стравопочит, пониженост, нискост, неспособност. „Ти си неспособен и седи, тебе ти е доволна социјална помош“. И така почнува сѐ, така лесно изманипулираната свест вие уште повеќе можете да ја манипулирате. Дали ќе ѝ ветите нешто, ќе ја заплашите, ќе ѝ фрлите ситни трошки, сеедно. Граѓаните едноставно живеат во социјална психоза. Оттаму се и сите самоубиства, високата стапка на криминал, веќе се јавува еден вид бесчувствителност и помирување.

Поврзани новости