САД силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово, дејствија што ги презедоа против советите на САД и европските партнери на Косово.
„Тие акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици за нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“, порача државниот секретар Ентони Блинкен.
И Европската унија остро ги осуди судирите во кои учествуваа косовската полиција и демонстрантите на северот на Косово.
„Силно изразуваме жалење за нападите врз патролите на цивилната мисија на ЕУ на Косово, Еулекс. На Еулекс мора да му се дозволи мирно да го спроведува својот мандат“, се вели во пишаната изјава на Петер Стано, главниот портпарол за надворешна политика и безбедност на Унијата.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, праша дали ова што се случува на Косово го помага процесот во кој сите пријатели на Косово и Албанците се ангажирани кон нормализација и меѓусебно признавање на Косово и Србија.
„Им се придружувам во повикот да не се продолжи со вакви потези, бидејќи тоа не само што е опасно, туку е сосема непотребен пат денес“, објави Рама на Твитер.