Руските напади повредија најмалку 19 лица во регионот Запорожје во Украина, соопшти украинското Министерство за надворешни работи. Русија го нападна Запорожје со бомби, погодувајќи станбени области, автобуска станица и клиника, соопшти украинското Министерство за надворешни работи во објава на платформата X.
Најмалку 19 лица се повредени, од кои едно е извлечено од службите за итни случаи од под урнатините на уништените згради, се додава во објавата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека службите за итни случаи се на терен по рускиот напад во регионот Запорожје. „За жал, има повредени“, нагласи Зеленски.
„Затоа се потребни санкции, потребен е притисок. Потребна е сила – од Соединетите Американски Држави, од Европа, од сите нации во светот кои сакаат мир и стабилност во меѓународните односи“, додаде тој.