Русија протера девет фински дипломати и го затвори конзулатот на Финска

by Fokus

Русија денес соопшти дека го затвора финскиот конзулат во Санкт Петербург и протерува девет фински дипломати, откако оваа нордиска земја протера исто толку руски дипломати од Хелсинки.

„Девет вработени во финската амбасада во Русија и конзулатот во Санкт Петербург се прогласени за персона нон грата“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Русија остро протестираше поради конфронтирачката и антируската политика на финските власти
Министерството додаде дека договорот што ја овозможи работата на финскиот конзулат во Санкт Петербург ќе биде откажан на први октомври. За овие мерки бил известен финскиот амбасадор Анти Хелантера, кој бил поканет во Министерството за надворешни работи во Москва.

Тој доби „остар протест“ поради „конфронтирачката и антируска политика“ на финските власти, која, како што тврди руската дипломатија, има за цел „да ги уништи децениските заемно корисни руско-фински односи“.

Финските власти на шести јуни објавија дека протеруваат девет руски дипломати од Хелсинки, обвинувајќи ги дека работат за руските разузнавачки служби.

Односите меѓу двете соседни земји значително се влошија по руската инвазија на Украина. Поради оваа агресија Финска се откажа од долгогодишната политика на воена неутралност, па во април и официјално стана членка на НАТО алијансата.

Поврзани новости