Родилката позитивна на Ковид 19 на Инфективна признала дека имала симптоми, а на Гинекологија исчезнала нејзината лажна изјава

by Fokus

Докторката која пред неколку денови ја напуштила скопската Клиника за гинекологија и се породила во приватната болница „Ремедика“, не сакајќи да каже дека свекор и е позитивен на Ковид 19 е хоспитализирана на скопската Инфективна клиника.

Според информации на „Фокус“, за разлика од лажните податоци кои ги дала додека била на Гинеколошката клиника и во приватната болница, на 9 јуни кога била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести таа во документот во кој се наведуваат сите податоци, кога била примена, кога и каде се породила, каква терапија пиела наведува дека има свекор позитивен на Ковид 19 уште пред една недела и дека таа имала симптоми со настинка и црвено грло.

„Пациентка на 8 јуни со царски рез породила жив плод со уредни димензии во болница Ремедика. Протоколарно бил земен брис за SARS CoV 2 и со претходна најава е примена на нашата клиника со возило на Итната медицинска помош. Пациентката е без тегоби или температура и дава податок за симптоми на настинка со црвено грло од пред една недела за која се лекувала со симптоматика и тегобите за два дена се смириле – се наведува во извештајот од Инфективната клиника.

Таа дури признала дека и нејзиниот свекор е позитивен од пред една недела.

Сепак, нејзината лажна изјава на Гинекологија исчезнала, а случајот е пријавен во МВР. Ова за „Фокус“ го потврди и директорката на клиниката Викторија Јовановска.

Претходно, докторката на Клиниката за Гинекологија дала лажни податоци и откако и било речено дека ќе биде префрлена на во изолациониот дел, таа потпишала дека ја напушта болницата и отишла да се породи во „Ремедика“, каде што исто така дава лажни податоци.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат на денешната прес-конферениција истакнаа дека четири медицински лица од приватната болница „Ремедика“ се во самоизолација кои учествувале во породувањето на жената која пред три дена се породила во оваа болница, а за која е утврдено дека е позитивна на коронавирус.

„Се работи за родилката која претходно на 6 овој месец била примена и на Клиниката за гинекологија и акушерство и каде што не открила дека имала контакт со лице кое е позитивно на ковид-19, додека во „Ремедика“ кажала дека во семејството има член со респираторен проблем. По извршениот надзор во двете болници не се утврдени прекршувања на алгоритмите и протоколите за заштита од ковид-19. Сѐ уште се чекаат изјавите од лекарите и сестрите од ГАК кои биле на работа на 6 јуни, кога пациентката самоволно ја напуштила клиниката, за два дена потоа да оди во „Ремедика“, кога процесот на породување бил започнат – истакна Бухова.

Според досегашните наоди, сите од медицинскиот персонал на ГАК, кои биле во контакт со пациентката, носеле заштитна опрема, па според директорката на ДСЗИ немало компромитирање ниту на вработените ниту на пациентите.

„Фокус“ уште пред еден месец објави текст во кој објаснивме дека голем дел од пациентите даваат лажни податоци на епидемиолошките анкети, со што дополнително се предизвикуваат проблеми во откривањето на нивните контакти.

Еден од таквите случаи беше и 27-годишната родилка од Куманово која се породи на скопска Гинекологија, а подоцна беше префрлена на Инфективната клиника каде и почина. Нашите извори тврдат дека таа не ги дала сите точни податоци, поточно таа заразата ја добила од нејзиниот свекор кој наводно бил во странство, а кој за разлика од неколку денови, исто така починал на Клиниката за инфективни болести.

„Ние не можеме да ги натераме да зборуваат. Наше е да ги поставиме прашањата, а нивно е да ни дадат точни одговори со цел да спречиме ширење на заразата. На тој начин тие ни помагаат нас, а ние нив. Но, од досегашното искуство на терен, ние се соочивме со различни луѓе, од кои многу кажуваат неточни податоци. И кој губи? Сите – објаснува епидемиолог, кој сакаше да остане анонимен.

Ирена Мулачка 

Поврзани новости