Ривалството помеѓу Кавадарци и Неготино оди во историја: Јанчев е еден од спонзорите на фестот во Неготино!

by fokus

Ривалството помеѓу двете општини во Тиквешијата, Кавадарци и Неготино, за кое жителите знаат да кажат дека постои од турско, заминува во историјата.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев деновиве јавно покажа дека е отворен за соработка и помош на своите соседи, а неговата семејна компанија „Кожувчанка” беше еден од спонзорите на настанот организиран од Општина Неготино, „Офф фест” каде главна музичка ѕвезда беше Саша Ковачевиќ.

На видео бимот за време на настапот на музичарот помеѓу неколкуте спонзори кои го потпомогнале истиот, беше истакнато и логото на „Кожувчанка“ што предизвика изненадување кај неготинчани.

-Ете и тоа го доживеавме, кавадаречкиот градоначалник го спонзорира фестивалот на неготинскиот градоначалник – беше еден од низата шеговити коментари на темата.

Во разговор за „Фокус”, Јанчев вели дека семејната компанија „Кожувчанка” чиј ко-сопственик е неговата сестра Јанинка Чупаркоска секогаш е подготвена да помогне при реализација на проекти и настани од областа на културата и спортот, па така и овој пат без двоумење се ставиле во улогата на спонзори, и покрај сите анегдоти и приказни за ривалството помеѓу двата града.

-Компанијата „Кожувчанка” е присутна на пазарот повеќе од две децении и како општествено одговорна фирма, редовно е вклучена во помагање на разни културни, музички и спортски манифестации, но и во голем број на хуманитарни акции. Го потпомогнавме „Офф фест” кој се одржа во општина Неготино, како финансиски, така и со дел од палетата на нашите производи. Јас сум личност која сака да има напредок на секое поле, ме радува и нашиот соседен град Неготино да оди напред, да се работи. Нема место за ривалство, треба да си помагаме меѓусебно, во име на доброто на граѓаните. Отворен сум за соработка и помош, треба да ги негуваме добрососедските односи со градоначалникот Делков и да си бидеме поддршка. Искрено му посакувам успеси и реализирање на проекти со кои општината ќе се гордее – вели Јанчев.

Голем број на мајтапења и случки поврзани со ривалството помеѓу Кавадарци и Неготино се честа слика, посебно за време на спортски натпревари. Разни транспаренти со шеговита содржина, потенцирање на недостатоците кај едниот град и фалење со своите предности се редовна практика во Тиквешијата.

По подадаената рака од страна на Јанчев, останува да се види на дело дали за време на некој следен натпревар помеѓу спортски клубови од градовите ќе се продолжи со провокациите на сметка на тоа кој град е понапреден.

За фестот кој се одржа во неделата на градскиот плоштад во Неготино, општината одвои околу 700.000 денари. Исто така, на официјалната страница на градот беше најавено дека дополнително ќе бидат објавени и сите спонзори кои го потпомогнале настанот, организиран по повод завршувањето на учебната година.

Покрај Саша Ковачевиќ, кој беше специјален гостин на вечерта, настапија и јутуберите Steffonator и GP, и музичкото дуо „2 Бона” заедно со Таско. Ковачевиќ привлече голем број на посетители, како од Неготино, така и од Кавадарци и околните места.

Вики Клинчарова

Поврзани новости