Според Мијалков постоела можност прислушувањето да било од мобилна опрема, надвор од УБК!

by fokus

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, на денешното рочиште за масовното нелегално прислушување „Таргет и Тврдина“, вкрстено го испрашува сведокот Звонко Костовски, кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски ја открија аферата.

Мијалков го потсети Костовски дека заедно присуствувале на презентација на опрема за прислушување на израелска компанија, во неговата канцеларија во УБК. Тогаш и двајцата виделе дека со оваа опрема, која била мобилна, во ист момент се следат комуникации на 30 корисници.

-Опремата по случаен избор ги фаќа броевите од најблиската базна станица, па така го видов бројот на мој пријател, чиј разговор го слушавме. По тоа што заедно го слушнавме, како можете да гарантирате дека некој на ваков начин нема извршено вакво прислушување, го праша Мијалков сведокот Костовски.

Костовски одговори дека при ваквото прислушување јасно се слуша разговорот на едниот соговорник, односно оној кој е во близина на базната станица, а другиот соговорник се слуша лошо, а некогаш и воопшто.

-Додека кај системот во УБК квалитетот на разговорите на двајцата соговорници е одличен. Снимките што ние ги дадовме во СЈО, а тоа може да се провери, се со добар квалитет. Затоа тврдам дека овие снимки потекнуваат од системот во УБК, рече Костовски.

Мијалков не се откажуваше од тезата, дека било можно нелегално да се прислушува и надвор од УБК, па рече дека добиле извештај од израелската компанија дека во Скопје во тој момент на терен работеле вакви уреди, односно дека некој друг нелегално прислушувал.

Исто така истакна дека разговорот што го слушнале на презентацијата бил со одличен квалитет, и кај двајцата соговорници. Костовски пак остана на тврдењето дека добро го познава работењето на системите, и тврди дека едниот соговорник, во зависност од одалеченоста на базната станица не може да се слуша добро, истакнувајќи дека едноставно тоа е физика.

В.В.

Поврзани новости