Ристовски се фали со нови спортски објекти, но ќе успее ли да ги одбрани постоечките од узурпатори?

Градскиот базен во Делчево бил незаконски приватизиран, игралиште во Парк станало дискотека, а стадион во Прилеп - нива!

by vlatko 19:35
19:35

Текстот е објавен на 19 март 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.589.

Државниот завод за ревизија констатираше дека државни спортски објекти се даваат под закуп на долг период за мали закупнини, дека закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и дека се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки. Притоа, ревизорите издвојуваат еден исклучително интересен случај, а тоа е спорната и проблематична приватизација на градскиот базен во Делчево. Имено, во ревизорскиот извештај стои дека за овој базен е спроведена постапка за продажба по основа на извршување за наплата на побарување, што, според ревизорот, не е во согласност со Законот за извршување. Во таа насока, од ЈП за стопанисување со спортски објекти, кое порано го поседувало овој имот, велат дека Министерството за спорт е надлежно за дејноста спорт и патем е надлежно да преземе „соодветни законски и правни мерки, активности и дејства за заштита на државниот капитал“. Од Министерството, пак, најавуваат дека ќе ги покренат „сите законски постапки за да се испита овој случај“ доколку бидат задолжени, додека од владата се категорични дека за незаконското продавање на базенот во Делчево ќе постапат органите во посебни постапки, бидејќи, според Законот за спорт, отуѓување на објекти за спорт е кривично дело. Во меѓувреме, министерот за спорт Борко Ристовски вели дека додека работат на мапирање на спортските објекти во државна сопственост, работат и на изградба на нова спортска инфраструктура. Инаку, „Фокус“ објави дека Ристовски е на листата на министри кои треба да бидат опфатени со претстојната владина реконструкција.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Државата, т.е. Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во државна сопственост не располага со точни податоци за државните спортски објекти, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот. Патем, овие објекти се даваат под закуп на долг период од 20-30 години, договорените закупнини се мали, а закупецот може да ги дава објектите во подзакуп. И покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

Ова, меѓу другото, го констатираше Државниот завод за ревизија, кој неодамна објави извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата за 2023 година.

Притоа, ревизорите нотирале дека јавното претпријатие располага со земјиште, градежни објекти, опрема, транспортни средства, чија проценета вредност на хартија е речиси 32 милиони евра, но претпријатието не располага со податоци со кој имот реално и фактички располага, од причина што нема владини одлуки и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост.

Воедно, ревизорите извршиле анализа и на договорите за дел од објектите дадени на користење на други правни субјекти.

Во таа насока, во ревизорскиот извештај стои дека побарувањата од купувачи по основа на склучени договори за закуп на спортски објекти и/или делови од нив, во трговските книги и финансиските извештаи на претпријатието, заклучно со 2023 година, се искажани во износ од над 3,5 милиони евра.

Сепак, според ДЗР, постои реална можност цели 82 проценти од евидентираните побарувања да не се наплатат.

„Висок процент од 49 отсто од вкупно евидентираните побарувања или 98.004.000 денари се побарувања со назив на „коминтент“, односно од познати коминтенти, кои потекнуваат од минати години и за кои ЈП не располага со документација со која ќе се потврди правната основа, старосната структура и можноста на нивна наплата.

Само 8 отсто од побарувањата искажани на ден 31.12.2023 година во износ од 16.553.000 денари се по основа на договори или анекс на договорите за закуп склучени во период од 2002-2023 година.

Утврдивме дека наплатата е многу ниска, односно наплатени се само се само 2 отсто од вкупните побарувања, односно во текот на 2023 година наплатени се 4.267.000 денари, стои во ревизорскиот извештај.

Според Заводот, ЈП не располага со точни информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува и не е извршено запишување во јавните книги итн., што, според ревизорите, создава „ризик за незаконско постапување со државниот имот“.

РУИНИРАНИ И ПРЕНАМЕНЕТИ ОБЈЕКТИ

Во поткрепа на нивните констатации, ревизорите посочуваат и конкретни примери.

Така, тие го нагласуваат прашањето за исплата на 78.363.000 денари по судски спор што ЈП треба да ја исплати на закупецот на објектот „Олимписки базен“ во Скопје.

Тие утврдиле дека обврската произлегува од договор од 2004 година и анекс од 2006 година, со кој е продолжен периодот на закуп на објектот до 2035 година, и со компензација однапред е признаена и наплатена закупнина за цели 373 месеци во износ од 20.682.000 денари по основа на фактури за вложувања во објектот, кои не ѝ биле приложени на ревизијата, а неизвесно е дали ЈП располага со нив.

Како дел од извештајот на ДЗР, приложени се и фотографии како некогаш изгледале Лизгалиштето и Базенот на Кале, кои моментално се класични руини, а воедно прикачени се и фотографии од некогашното Ракометно игралиште во Градски парк, кое во меѓувреме било пренаменето во дискотека.

„Дел од објектите се во руинирана и запуштена состојба без соодветна заштита и одржување, што има негативно влијание врз животната средина, безбедноста на луѓето и јавната перцепција на граѓаните за грижата и начинот на одржување на државниот имот и развојот на спортот“, утврдиле ревизорите.

Дополнително, во овој извештај се споменуваат и други државни спортски објекти со кои стопанисува органот што е предмет на ревизијата, меѓу кои е и базенот во Чаир.

Ако досега често е пишувано за базенот во Чаир изграден пред 4 децении, кој со години не се користи согласно примарната намена во јавен интерес, туку служи како магацин и деловен простор на приватни компании, тогаш ревизорскиот извештај открива еден сосема нов и досега непознат случај во пошироката јавност.

Станува збор за Градскиот базен во Делчево, кој, како што нотирале ревизорите, е незаконски приватизиран преку извршна постапка, односно за него е спроведена постапка за продажба по основ на извршување за наплата на побарувања, што, според ДЗР, е противзаконски.

„По основ на извршување за наплата на побарувања, спроведена е постапка за продажба на спортски објект-Градски базен во Делчево, што не е во согласност со член 218 од Закон за извршување, со кој е пропишано дека врз предмети и права на Р.С. Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи“, стои во извештајот.

СПОРНА ПРИВАТИЗАЦИЈА

Тргнувајќи од ваквата сериозна констатација на државниот ревизор, според кој базенот во Делчево е противзаконски приватизиран, односно отуЃен е по пат на извршна постапка спротивно на Законот за извршување, одлучивме да испитаме како течел овој процес и да побараме одговори од засегнатите страни и надлежните институции.

Имено, ревизорот тврди дека оваа продажба е спротивна на член 218 од споменатиот Закон за извршување, кој гласи:

„(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.

(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба“.

На почеток, се обративме до ЈП за стопанисување со државни спортски објекти, кое го поседувало Градскиот базен во Делчево пред да премине во приватна сопственост.

Иако донесени се законски одредби кои предвидуваат згаснување на ова јавно претпријатие со натрупани долгови, чија надлежност околу државните спортски објекти треба(ше) да ја преземат државата и општините, зависно од тоа дали објектите се од национално или од локално значење, сепак, тоа сè уште опстојува со неколку вработени, чиј статус не е решен и има активен статус во Централниот регистар.

Нејсе, по нашите прашања поврзани со процесот на приватизација на базенот во Делчево, од таму ни доставија одредена документација со која, како што велат, располагаат во врска со овој случај.

Впрочем, од таму ни доставија имотни листови. Еден од нив датира од 2016 година, кога градскиот базен во Делчево бил во сопственост на претпријатието, односно бил во државна или јавна сопственост.

Друг, пак, датира од 2024 година, кога, како што стои во документот, тој веќе има друг сопственик – приватната компанија „Брегал“ ДОО увоз-извоз, основана во 2005 година со седиште во Делчево, чија основна дејност е „трговија на големо со друга стока за домаќинствата“.

Според документите, се работи за недвижен имот лоциран на катастарска парцела 8773, кој порано го поседувало јавното претпријатие, а денес го поседува приватна компанија преку имотен лист 1539.

БАЗЕН БЕЗ ЗЕМЈИШТЕ

Ако се погледне имотниот лист од 2016 година (издаден на 08.05.2016), ќе се воочи дека тогаш јавното претпријатие било сопственик на базенот запишан како објект 1 со намена Д3 (спорт и рекреација) преку имотен лист 1539, преку кој ЈП всушност поседувало и друг недвижен имот лоциран на соседната КП 8700, каде се наоѓа Градскиот фудбалски стадион.

Кога ќе се разгледа имотниот лист од 2024 година (издаден на 24.10.2024), пак, се воочува дека друштвото „Брегал“, преку истиот ИЛ 1539, го поседува само објект 1, односно базенот за пливање со намена Д3, во рамки на КП 8773.

Што се однесува на останатиот имот, сопственоста врз него е запишана преку ИЛ 13370, врз основа на кој државата поседува имот на КП 8700 (стадион), но и имот на КП 8773 каде се наоѓа базенот, што се состои од земјиште под објект од 1.287 квадрати и градежно изградено земјиште од 7.476 квадрати.

Тоа значи дека, според овие документи, пред втората половина на 2024 година, нов сопственик на базенот станала компанијата „Брегал“, меѓутоа земјиштето под и околу објектите во рамки на истата парцела биле или останале во сопственост на државата.

Каква е состојбата сега?

Според проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности, „Брегал“ моментално се јавува како сопственик на базенот со површина од 2.100 квадрати, преку имотниот лист 1593.

Но, во однос на другиот имот од истата катастарска парцела 8773, од каде фактички се пристапува кон базенот и каде се лоцирани објекти што се користат во функција на базенот, таму сопственоста е претставена преку имотниот лист 13370, кој и денес се води на име на државата.

Од таа гледна точка, испаѓа дека „Брегал“ го поседува базенот со површина од 2.100 квадрати, лоциран на катастарска парцела 8773 со вкупна површина е 8.763 квадрати, така што земјиштето е во сопственост на државата.

Вреди да се напомене дека веднаш до КП 8773, каде што се наоѓа градскиот базен, кој моментално е во сопственост на „Брегал“, се наоѓа КП 8772 со површина од 4.001 квадрати, каде што, исто така, функционира базен, но со многу помали димензии.

Според официјалните податоци, оваа КП 8772 е во сопственост на државата, меѓутоа на терен и во практика функционира како интегрален дел со големиот градски базен.

Ако преку извршната постапка го стекнал само со големиот базен, но не и малиот базен и околниот простор, се отвора прашањето по која основа го користи и овој имот?

ИЗВРШУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊЕ

Во секој случај, имотните листови покажуваат дека промената на сопственичкиот статус на базенот се случила пред октомври 2024 година, додека процената направена за вредноста на овој имот открива кога и како се одвивал овој процес.

Имено, „Фокус“ располага и со т.н. процена на недвижен имот за отворен базен за пливање (Делчево) – имотен лист 1593, изготвена од друштвото „Визија Т“ во текот на 2023 година.

Во самиот документ се наведува дека ова вештачење за имотот е направено на барање на извршителот Орце Гоцевски од Делчево, врз основа на барање за спроведување на извршување на доверителот Ване Тодосиев, засновано на извршна пресуда на Основниот суд Кочани од 2011 година против должникот ЈП за стопанисување со спортски објекти во сопственост на државата.

„Цел на процената е да се утврди објективна пазарна вредност на недвижниот имот опишан во предметот на процена, која ќе послужи за извршна постапка која се води пред извршител Орце Гоцевски за утврдување на почетна вредност за продажба на имотот “, стои во вештачењето.

Во него уште се наведува што е предмет на процената и се опишува урбанистичкиот и сопственичкиот статус на овој имот-базен за пливање  со површина од 2.100 квадрати со ИЛ 1593, при што јасно се потенцира дека земјиштето под објект и градежното земјиште каде што се наоѓа базенот со вкупна површина од 8.763 квадрати (7.476+1.287) се во сопственост на државата запишани во ИЛ 13370 и тие нема да бидат предмет на процена.

„Недвижниот имот-предмет на процена претставува отворен базен со површина од 2.100 квадрати, со димензии 25 на 50 метри. Базенот е изграден во 1985 година. Конструкцијата на објектот е армирано бетонска конструкција со армирано бетонска подна плоча и армирано бетонски ѕидови вкопани во терен…“, пишува во вештачењето.

Па така, вештакот, врз основа на методологија и соодветен трошковен метод, констатирал дека проценетата вредност на овој имот е 7.189.166 денари или 102.285 евра.

Откако направивме увид во вештачењето, се обративме до извршителот Гоцевски, кој, извршувајќи побарување на доверителот Тодосиев, прво донел заклучок за определување проценител, кој ќе врши процена на делчевскиот базен, потоа, врз основа на направената процена, донел заклучок за утврдување на вредност на недвижноста од 102 илјади евра, и, на крај, донел заклучок за усна продажба во неговата канцеларија во Делчево на 16.08.2023 година.

Како Градскиот базен во Делчево бил незаконски приватизиран преку извршна постапка?!

КОЈ ЈА ЦЕНИ ЗАКОНИТОСТА?

Арно ама, наддавање воопшто немало, бидејќи, од одговорите што ги добивме од Гоцевски, учествувал само еден понудувач – сегашниот сопственик на имотот „Брегал“.

Купувачот се стекна со сопственост на базенот на првата јавна продажба во постапка за извршување, по цена определена од овластен проценител.

Заклучокот за продажба е уредно објавен во дневниот весник „Нова Македонија“ и на веб-страницата на Комората на извршители, што е моја обврска, утврдена во член 179 став 2 од Законот за извршување.

На должникот му се доставени сите акти што произлегуваат од работата на извршителот, што е во согласност со член 40 став 1 точка 2 од ЗИ. На продажбата имаше пријавено еден заинтересиран понудувач – вели Гоцевски.

Покрај другото, го прашавме:

Дали по продажбата е обесштетен доверителот и што се случило со средствата обезбедени над висината на неговото побарување?

– Колку точно изнесувало побарувањето и зошто тоа се обесштетува токму преку продажбата на базенот во Делчево?

– Дали оваа постапка е извршена законски, ако се знае наодот на државните ревизори дека продажбата на базенот е спротивна на Законот за извршување?

Во однос на тоа, Гоцевски ни го достави следниов одговор:

„Немам увид во актите на Државниот завод за ревизија, за да дадам релевантен одговор на вашето прашање околу законитоста на постапката гледана од аспект на ДЗР. Патем, законитоста ја цени надлежен суд во пропишана постапка.

Должникот е презадолжен и неговата сметка е блокирана со години, па преку извршување врз неговата сметка од 2014 година, од кога тече ова извршување, нема ниту еден прилив. Поради тоа, извршувањето е насочено кон наведената недвижност, која е во негова сопственост.

Од наплатената цена е намирено побарувањето на доверителот по чие барање се спроведе извршувањето, како и на други доверители што пристапија кон ова извршување согласно член 169 став 1 од Законот за извршување. Оваа информација ја поседува должникот и е содржана во заклучокот за намирување.

Надлежен да ја цени законитоста на постапката на извршување е судот. Должникот го искористи своето право утврдено во член 86 од Законот за извршување. Ангажираше адвокат кој во негово име поднесе приговор против актите на извршителот, кој му е одбиен.

Подоцна поднесе и предлог за враќање во поранешна состојба, кој исто така му е одбиен. Одбиена е и неговата жалба против решенијата на првостепениот суд. Тоа значи дека судот не утврдил постоење на неправилности ниту незаконитости сторени од извршителот во оваа постапка на извршување…“.

Спортски објекти во Прилеп, Битола, Тетово се под лупа на МВР и ЈО, за базенот во Делчево се чека да стигне ревизорскиот извештај!

НАМИРЕНИ ДОВЕРИТЕЛИ

Инаку, податоци за идентитетот на доверителите што се обесштетени се дел од јавни исправи и официјални документи.

Она што е интересно, во имотните листови од 2022 година, кои се составен дел од процената на „Визија Т“, освен споменатиот Тодосиев од Кочани, запишано е право на реален товар на уште еден доверител – Тина Пеповска од Скопје, врз основа на налог за извршување од извршителот Гордан Станковиќ од 2018 година, заснован на пресуда од Основен суд Скопје 1 од 2006 година.

Покрај тоа, „Фокус“ го обезбеди и заклучокот за намирување, каде стои дека од продажбата на базенот биле обезбедени над 7 милиони евра или 123 илјади евра, или исто колку што изнесуваше проценката на имотот.

Според овој документ, со овие пари биле обесштетени тројца доверители, при што најголем доверител бил Тодосиев по чие барање се спроведување извршувањето.

Тој бил целосно обесштетен со 4.459.257 денари или 72,5 илјади евра, со тоа што главниот долг изнесувал 1.745.107 денари, исто колку и каматата, додека остатокот се друг тип трошоци.

Понатаму, целосно обесштетена била и Пеповска, чие побарување изнесувало 784.028 денари или 12,7 илјади евра.

Но, заклучокот открива дека од продажбата на овој имот намирен бил и трет доверител, кој не се сретнува во имотните листови.

Тоа е лицето Орце Тодоровски, кој, за разлика од Тодосиев и Пеповска, не бил целосно, туку делумно намирен.

Врз основа на налог за извршување од Зоран Петрески од 2014 година, заснован на пресуда на Основниот суд Скопје 2 од 2013 година, тој делумно се намирува со износ од 849.231 денари или 13,8 илјади евра.

Независно што не се спорни побарувањата на доверителите, кои веројатно се поранешни вработени во претпријатието, во случајов се поставува прашањето колку ваквиот селективен начин на обесштетување на еден или неколку доверители преку, според ревизорите, незаконска продажба на државен имот, претставува и изигрување на другите доверители, кои многу години чекаат и сè уште не можат да ги наплатат своите побарувања кон јавното претпријатие поради недостиг од средства?

Колку за информација, ова јавно претпријатие е со блокирана сметка од 2004 година, како последица на бројни правосилни пресуди донесени од надлежните судови.

„ЈП повеќе од 20 години работи со блокирана трансакциска сметка бидејќи постојат постапки пред надлежни судски спорови каде ЈП се јавува како должник, а поради лошата финансиска состојба не е во можност истите да ги подмири.

Согласно податоците доставени на ревизијата по основа на судски пресуди, заклучно со 26.10.2023 година, ЈП има долг во износ од 351.486.000 денари или 5.715.219 евра (главен долг и камати)“, стои во извештајот на ДЗР.

АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ

Одговарајќи на прашањето дали се презеле или се преземаат мерки за поништување на купопродажната зделка за базенот во Делчево, која, според ревизорите, е незаконска, од ЈП за спортски објекти велат:

„Ви укажуваме дека Министерството за спорт е надлежно за дејноста спорт во Р.С. Македонија, па според тоа истото е надлежно да преземе соодветни законски и правни мерки, активности и дејства за заштита на државниот капитал“.

Со оглед дека од таму упатуваат кон новоформираното Министерство за спорт, кое е правен наследник на некогашната Агенција за спорт, се обративме и до Министерството, од каде што во однос на оваа тема ни одговорија:

„Базенот во Делчево е класифициран како објект од локален интерес во надлежност на Општина Делчево, а како сопственик е наведено ЈПСОС… Базенот е одземен од ЈПСОС во извршна постапка со правосилна судска одлука по основ на долг. По усвојување на ревизорскиот извештај, Министерството за спорт, доколку биде задолжено, ќе ги покрене сите законски постапки за да се испита овој случај“.

Во тој контекст, од таму нагласуваат дека конечниот ревизорски извештај за ЈПСОС бил доставен од ДЗР до владата како материјал за информирање, а по однос на извештајот, Министерството побарало автентично толкување на некои одредби од Законот за спорт, со цел да се разрешат одредени дилеми.

По добивање на автентично толкување од Законодавно-правната комисија на Собранието, ќе се пристапи кон примена на законите. Министерството за спорт ќе постапи по наводите од ревизорскиот извештај по неговото усвојување од владата, посочија од МС.

Цели 6 месеци по овој одговор, повторно се обративме до Министерството, на чија адреса упативме низа прашања поврзани со ревизорскиот извештај, вклучително и со претходната најава дека побарале автентично толкување за дел од Законот за спорт. Сепак, овојпат не добивме одговори поради што се обидовме да ги добиеме од други адреси.

Една од нив беше Собранието, од каде што ни изјавија дека им било доставено барање за автентично толкување на одредби од Законот за спорт, кое било проследено на разгледување до Законодавно-правната комисија.

„По разгледување на поднесената иницијатива, Законодавно-правната комисија констатира дека подносителот не спаѓа во кругот на овластени субјекти утврдени во член 185 од Деловникот, односно нема право да бара автентично толкување закон“, велат од Собранието.

АКЦИСКИ ПЛАН И ПОПИС

Од владата, пак, нè известија дека извештајот на ДЗР за ЈП за стопанисување со спортски објекти е разгледан и, како што истакнуваат, донесен е заклучок со кој се задолжува Министерството за спорт да подготви Акциски план по однос на препораките во ревизорскиот извештај.

„Во тек е подготовка на Акциски план, со предвидени активности за разрешување на сите споменати и нотирани наоди од страна на ДЗР. Но, проблемите што се таложеле со децении не можат да се разрешат за неколку месеци. Иако Акциски план сѐ уште се финализира, веќе се постапува по одредени наоди од ревизорскиот извештај“, велат од таму.

Од Илинденска додаваат дека од страна на Министерството за внатрешни работи се водат постапки за расчистување одредени ситуации со спортски објекти, додека, на предлог на владата, Собранието донело закон со цел да се исплатат неплатените придонеси на вработените.

Исто така, од страна на Министерството за спорт, покрај формираната работна група за изработка на Акцискиот план, се работи и на изработка на попис на објектите за спорт во државата“, велат од владата.

Исто така, објаснуваат дека најавената меѓуресорска комисија, која треба да му помогне на МС да ги решава проблемите со државните спортски објекти, сè уште не е формирана, туку, како што најавуваат, таа ќе се формира по усвојување на Акцискиот план, бидејќи е дел од активностите предвидени во драфт-верзијата на планот.

Во однос на прашањето поврзано со наводите на ДЗР дека продажбата на градскиот базен во Делчево е незаконска, од владата се категорични:

Што се однесува на незаконското продавање на поранешниот градски базен во Делчево, органите ќе си постапат соодветно во посебни постапки. Согласно Законот за спорт, отуѓување објекти за спорт е кривично дело“.

Додека државното правобранителство, многу години водеше правна битка да го заштити државниот интерес во случајот со закуп на „Олимписки базен“, од таму велат дека не го застапуваат ЈП за спортски објекти во врска со базенот во Делчево, бидејќи, како што објаснуваат, согласно Законот за организација и работа на органите на државна управа и Законот за јавните претпријатија, јавните претпријатија се застапуваат самостојно.

По објавувањето на ревизорскиот извештај кон средината на 2025 година, беше објавена информација дека во врска со него е оформен предмет во рамки на Јавното обвинителство.

Затоа, прашавме во која фаза е оваа постапка, како и дали во нејзини рамки се испитува и приватизацијата на поранешниот Градски базен во Делчево. До затворањето на овој број на весникот, не добивме одговор.

ОГРОМЕН И ВРЕДЕН ИМОТ

Покрај другото, треба да се напомене дека ревизорите му укажаа на Министерството за спорт од „потребата за утврдување на сите објекти што биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени меѓу ЈП и трети лица со цел преземање мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот“.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, деновиве во телевизиски настап се осврна и на ревизорскиот извештај, во смисла на спортските објекти во државна сопственост.

Имотот е огромен… Нашата интерна комисија утврди за каков имот се работи и да го ставиме во еден лист хартија, кој е вреден за државата и за спортот. Во тек е и формирање комисија, која ќе се состои од членови од повеќе институции, Владата, МВР, ДЗР кои треба да ни дадат совет, затоа што ние како Министерство немаме толкав капацитет сами да го изнесеме овој товар.

Направивме една група, која ќе ни помогне како да ги решаваме проблемите на кои ќе наидуваме. Дел најдовме за кои спортски комплекси се работи, ќе ви дадам неколку примери. Има сали на користење за кирија од 30 илјади денари, а салата вреди 2 милиони денари.

Има Спортски комплекс во Прилеп, кој е даден на користење на одредена компанија, која фудбалското игралиште го има претворено во садница. Човекот го изорал фудбалското игралиште и си го претворил во лична своина. Дури и да имате концесија, вие немате право да уништувате државен имот, кривично дело е пренамена на намената на она што го земате – рече Ристовски.

Во оваа и во други пригоди, тој говореше дека издвојуваат 12 милиони евра за субвенции во спортот, како и дека сега се гради спортска инфраструктура, за што годинава биле издвоени 5 милиони евра. Според него, тоа е предуслов за развој на спортот и за постигнување резултати.

Почнавме 3 сали, почнавме сала во Воена академија, завршен е и јавен повик за сала во Аеродром и во Крушево. Базените што ги завршивме, ги оставивме со неплатени долгови. Базенот во Карпош е 90 проценти исплатен, во Гостивар и во Битола базените наскоро ќе ги пуштиме во употреба, во Штип, Кисела Вода и Карпош се предадени.

Сите овие базени се 90 проценти исплатени и почнуваме 3 нови спортски сали, реконструкција по 8 години на спортската сала кај УКИМ, која не е под наши ингеренции и немаше сопственик, никој не знаеше чија е, претходната влада не ја чепнала

Oдлучив дека таа мора да се стави во функција на студентите. Ректорката не веруваше дека ќе се заврши работата, бидејќи работите се многу заплеткани и многумина неуспешно се обиделе. Но, таа заборави дека ние, спортистите сме малку потврдоглави – рече Ристовски.

Речиси никој нема резерви дека треба да се инвестира во нова спортска инфраструктура, но додека се градат нови сали, базени и сл., Ристовски и неговото Министерство треба да се обидат да ги заштитат постоечките спортски објекти.

Во следниов период треба да видиме дали министерот за спорт, кој своевремено беше нарекуван „министер за одбрана“ поради успешното бранење на голот на македонската ракометна репрезентација, ќе успее да ги одбрани државните спортски објекти од пропаѓање, но и од незаконска узурпација!

 

Недостапни за коментар
„БРЕГАЛ“ НЕ ОДГОВОРИ НА НАШИТЕ ПРАШАЊА!

 

За потребите на оваа сторија, се обративме и до компанијата „Брегал“, која го купила Градскиот базен во Делчево во рамки на извршна постапка.

 

Притоа, прашавме како станале сопственици на имотот, дали врз основа на сопственоста имаат право да го приватизираат државното земјиште и дали имаат покренато таква постапка, како го коментираат наодот на државните ревизори дека продажбата на базенот е незаконска итн.

 

Иако прашањата ги упативме пред 5 месеци, сè уште не добивме никакви одговори.

Слични вести