Како Градскиот базен во Делчево бил незаконски приватизиран преку извршна постапка?!

Државниот завод за ревизија констатираше дека државни спортски објекти се даваат под закуп на долг период за мали закупнини, дека закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и дека се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки. Притоа, ревизорите ја издвојуваат и спорната приватизација на Градскиот базен во Делчево. Имено, во ревизорскиот извештај стои дека за овој базен е спроведена постапка за продажба по основа на извршување за наплата на побарување, што, според ревизорот, не е во согласност со Законот за извршување. Во таа насока, од ЈП за стопанисување со спортски објекти, кое порано го поседувало овој имот, велат дека Министерството за спорт е надлежно да преземе „соодветни законски и правни мерки, активности и дејства за заштита на државниот капитал“. Од Министерството, пак, најавуваат дека ќе ги покренат „сите законски постапки за да се испита овој случај“, додека од владата се категорични дека за незаконското продавање на базенот во Делчево ќе постапат органите во посебни постапки, бидејќи, според Законот за спорт, отуѓување на објекти за спорт е кривично дело. „Фокус“ обезбеди имотни листови, вештачење и друга документација, која открива како се одвивала цела постапка.

by vlatko 17:42
17:42

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во државна сопственост не располага со точни податоци за државните спортски објекти, што создава „ризик од незаконско постапување со државниот имот“. Патем, овие објекти се даваат под закуп на долг период од 20-30 години, договорените закупнини се мали, а закупецот може да ги дава објектите во подзакуп. И покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

Ова, меѓу другото, го констатираше Државниот завод за ревизија, кој неодамна објави извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за стопанисување со државни спортски објекти за 2023 година.

Во поткрепа на нивните наводи, ревизорите посочуваат и конкретни примери. Покрај останатото, тие откриваат еден сосема нов и досега непознат случај во пошироката јавност.

Станува збор за Градскиот базен во Делчево, кој, како што нотирале ревизорите, е незаконски приватизиран преку извршна постапка, односно за него е спроведена постапка за продажба по основ на извршување за наплата на побарувања, што, според ДЗР, е противзаконски.

„По основ на извршување за наплата на побарувања, спроведена е постапка за продажба на спортски објект-Градски базен во Делчево, што не е во согласност со член 218 од Закон за извршување, со кој е пропишано дека врз предмети и права на Р.С. Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи“, стои во извештајот.

Тргнувајќи од ваквата констатација на државниот ревизор, одлучивме да испитаме како течел овој процес и да побараме одговори од засегнатите страни и надлежните институции.

На почеток, се обративме до поранешниот сопственик на имотот – ЈП за стопанисување со државни спортски објекти, кое сè уште опстојува со неколку вработени и со активен статус во Централниот регистар, иако донесени се законски одредби кои предвидуваат згаснување на ова јавно претпријатие, а надлежноста за државните спортски објекти треба(ше) да ја преземат државата и општините, зависно од тоа дали објектите се од национално или од локално значење.

По нашите прашања поврзани со процесот на приватизација на Градскиот базен во Делчево, од таму ни доставија одредена документација со која, како што велат, располагаат во врска со овој случај.

Впрочем, од таму ни доставија имотни листови. Еден од нив датира од 2016 година, кога Градскиот базен во Делчево бил во сопственост на претпријатието, односно бил во државна или јавна сопственост.

Друг, пак, датира од 2024 година, кога, како што стои во документот, тој веќе има друг сопственик – приватната компанија „Брегал“, основана во 2005 година со седиште во Делчево, чија основна дејност е „трговија на големо со друга стока за домаќинствата“.

Според овие документи, се работи за недвижен имот лоциран на катастарска парцела 8773, кој порано го поседувало јавното претпријатие, а денес го поседува приватна компанија преку имотен лист 1539.

Каква е состојбата сега?

Според проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности, „Брегал“ моментално се јавува како сопственик на базенот со површина од 2.100 квадрати, преку имотниот лист 1593.

Но, во однос на другиот имот од истата КП 8773, од каде фактички се пристапува кон базенот и каде се лоцирани објекти што се користат во функција на базенот, таму сопственоста е претставена преку ИЛ 13370, кој и денес се води на име на државата.

Вреди да се напомене дека веднаш до КП 8773, каде што се наоѓа Градскиот базен, кој моментално е во сопственост на „Брегал“, се наоѓа КП 8772 со површина од 4.001 квадрати, каде што, исто така, функционира базен, но со многу помали димензии.

Според официјалните податоци, оваа КП 8772 е во сопственост на државата, меѓутоа на терен и во практика функционира како интегрален дел со големиот Градски базен.

Понатаму, „Фокус“ располага и со т.н. процена на недвижен имот за отворен базен за пливање (Делчево), изготвена од друштвото „Визија Т“ во текот на 2023 година.

Во самиот документ се наведува дека ова вештачење за имотот е направено на барање на извршителот Орце Гоцевски од Делчево, врз основа на барање за спроведување на извршување на доверителот Ване Тодосиев, засновано на извршна пресуда на Основниот суд Кочани од 2011 година против должникот ЈП за стопанисување со спортски објекти во сопственост на државата.

„Цел на процената е да се утврди објективна пазарна вредност на недвижниот имот опишан во предметот на процена, која ќе послужи за извршна постапка која се води пред извршител Орце Гоцевски за утврдување на почетна вредност за продажба на имотот“, стои во вештачењето.

Дополнително, во него се опишува урбанистичкиот и сопственичкиот статус на овој имот-базен за пливање со површина од 2.100 квадрати со ИЛ 1593, при што јасно се потенцира дека земјиштето под објект и градежното земјиште каде што се наоѓа базенот со вкупна површина од 8.763 квадрати се во сопственост на државата запишани во ИЛ 13370 и тие нема да бидат предмет на процена.

Па така, вештакот констатирал дека проценетата вредност на опфатениот имот е 7.189.166 денари или 102.285 евра.

Откако направивме увид во вештачењето, се обративме до извршителот Гоцевски, кој донел заклучок за утврдување на вредност на недвижноста од 102 илјади евра и заклучок за усна продажба во неговата канцеларија во Делчево на 16.08.2023 година.

Арно ама, наддавање воопшто немало, бидејќи, од одговорите што ги добивме од Гоцевски, учествувал само еден понудувач – сегашниот сопственик на имотот „Брегал“.

Купувачот се стекна со сопственост на базенот на првата јавна продажба во постапка за извршување, по цена определена од овластен проценител.

Заклучокот за продажба е уредно објавен во дневниот весник „Нова Македонија“ и на веб-страницата на Комората на извршители, што е моја обврска, утврдена во член 179 став 2 од Законот за извршување.

На должникот му се доставени сите акти што произлегуваат од работата на извршителот, што е во согласност со член 40 став 1 точка 2 од ЗИ. На продажбата имаше пријавено еден заинтересиран понудувач – вели Гоцевски.

Во однос на прашањата дали по продажбата е обесштетен доверителот и што се случило со средствата обезбедени над висината на неговото побарување, колку точно изнесувало побарувањето и зошто тоа се обесштетува токму преку продажбата на базенот во Делчево, дали оваа постапка е извршена законски, ако се знае наодот на државните ревизори дека продажбата на базенот е спротивна на Законот за извршување, Гоцевски ни го достави следниов одговор:

„Немам увид во актите на Државниот завод за ревизија, за да дадам релевантен одговор на вашето прашање околу законитоста на постапката гледана од аспект на ДЗР. Патем, законитоста ја цени надлежен суд во пропишана постапка.

Должникот е презадолжен и неговата сметка е блокирана со години, па преку извршување врз неговата сметка од 2014 година, од кога тече ова извршување, нема ниту еден прилив. Поради тоа, извршувањето е насочено кон наведената недвижност, која е во негова сопственост.

Од наплатената цена е намирено побарувањето на доверителот по чие барање се спроведе извршувањето, како и на други доверители што пристапија кон ова извршување согласно член 169 став 1 од Законот за извршување. Оваа информација ја поседува должникот и е содржана во заклучокот за намирување.

Надлежен да ја цени законитоста на постапката на извршување е судот. Должникот го искористи своето право утврдено во член 86 од Законот за извршување. Ангажираше адвокат кој во негово име поднесе приговор против актите на извршителот, кој му е одбиен.

Подоцна поднесе и предлог за враќање во поранешна состојба, кој исто така му е одбиен. Одбиена е и неговата жалба против решенијата на првостепениот суд. Тоа значи дека судот не утврдил постоење на неправилности ниту незаконитости сторени од извршителот во оваа постапка на извршување…“.

Инаку, податоци за идентитетот на доверителите што се обесштетени се дел од јавни исправи и официјални документи.

Она што е интересно, во имотните листови од 2022 година, кои се составен дел од процената на „Визија Т“, освен споменатиот Тодосиев од Кочани, запишано е право на реален товар на уште еден доверител – Тина Пеповска од Скопје, врз основа на налог за извршување од извршителот Гордан Станковиќ од 2018 година, заснован на пресуда од Основен суд Скопје 1 од 2006 година.

Покрај тоа, „Фокус“ го обезбеди и заклучокот за намирување, каде стои дека од продажбата на базенот биле обезбедени 123 илјади евра, или исто колку што изнесуваше проценката на имотот.

Според овој документ, со овие пари биле обесштетени тројца доверители, при што најголем доверител бил Тодосиев по чие барање се спроведување извршувањето.

Тој бил целосно обесштетен со 4.459.257 денари или 72,5 илјади евра, со тоа што главниот долг изнесувал 1.745.107 денари, исто колку и каматата, додека остатокот се друг тип трошоци.

Потоа, целосно обесштетена била и Пеповска, чие побарување изнесувало 784.028 денари или 12,7 илјади евра.

Но, заклучокот открива дека од продажбата на овој имот намирен бил и трет доверител, кој не се сретнува во имотните листови.

Тоа е лицето Орце Тодоровски, кој, за разлика од Тодосиев и Пеповска, не бил целосно, туку делумно намирен.

Врз основа на налог за извршување од Зоран Петрески од 2014 година, заснован на пресуда на Основниот суд Скопје 2 од 2013 година, тој делумно се намирува со износ од 849.231 денари или 13,8 илјади евра.

Колку за информација, ЈП за државни спортски објекти е со блокирана сметка од 2004 година, како последица на бројни правосилни пресуди донесени од надлежните судови.

„ЈП повеќе од 20 години работи со блокирана трансакциска сметка бидејќи постојат постапки пред надлежни судски спорови каде ЈП се јавува како должник, а поради лошата финансиска состојба не е во можност истите да ги подмири.

Согласно податоците доставени на ревизијата по основа на судски пресуди, заклучно со 26.10.2023 година, ЈП има долг во износ од 351.486.000 денари или 5.715.219 евра (главен долг и камати)“, стои во извештајот на ДЗР.

Одговарајќи на прашањето дали се презеле или се преземаат мерки за поништување на купопродажната зделка за базенот во Делчево, која, според ревизорите, е незаконска, од ЈП за спортски објекти велат:

„Ви укажуваме дека Министерството за спорт е надлежно за дејноста спорт во Р.С. Македонија, па според тоа истото е надлежно да преземе соодветни законски и правни мерки, активности и дејства за заштита на државниот капитал“.

Со оглед дека од таму упатуваат кон новоформираното Министерство за спорт, кое е правен наследник на некогашната Агенција за спорт, се обративме и до Министерството на чело со министерот Борко Ристовски, од каде што во однос на оваа тема ни одговорија:

„Базенот во Делчево е класифициран како објект од локален интерес во надлежност на Општина Делчево, а како сопственик е наведено ЈПСОС… Базенот е одземен од ЈПСОС во извршна постапка со правосилна судска одлука по основ на долг.

По усвојување на ревизорскиот извештај, Министерството за спорт, доколку биде задолжено, ќе ги покрене сите законски постапки за да се испита овој случај“.

Од Владата, пак, околу прашањето поврзано со наводите на ДЗР за продажбата на Градскиот базен во Делчево, се категорични дека тоа е незаконски.

„Што се однесува на незаконското продавање на поранешниот Градски базен во Делчево, органите ќе си постапат соодветно во посебни постапки. Согласно Законот за спорт, отуѓување објекти за спорт е кривично дело“, велат од Илинденска.

Додека Државното правобранителство многу години водеше правна битка да го заштити државниот интерес во случајот со закуп на „Олимписки базен“, од таму велат дека не го застапуваат ЈП за спортски објекти во врска со базенот во Делчево, бидејќи, како што објаснуваат, согласно Законот за организација и работа на органите на државна управа и Законот за јавните претпријатија, јавните претпријатија се застапуваат самостојно.

По објавувањето на ревизорскиот извештај кон средината на 2025 година, беше објавена информација дека во врска со него е оформен предмет во рамки на Јавното обвинителство.

Затоа, прашавме во која фаза е оваа постапка, како и дали во нејзини рамки се испитува и приватизацијата на поранешниот Градски базен во Делчево?

„Ревизорскиот извештај е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое постапува и презема дејствија за испитување на наводите. Доколку притоа бидат утврдени елементи на кривично дело во надлежност на друго обвинителство, тој дел од постапката ќе биде отстапен на надлежност“, ни одговорија од ЈО.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека повеќе спортски објекти се предмет на постапување, но меѓу нив се уште не е Градскиот базен во Делчево, од причина што, како што објаснуваат, до ОВР Делчево до овој момент не е доставен ревизорскиот извештај.

За потребите на оваа сторија објавена во неделникот „Фокус“, се обративме и до компанијата „Брегал“, но не добивме одговори.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести