Рецензија на Новинарски пленум: Ветувањата за нови вработувања го засенија бојкотот на средношколците

by Фокус

Рецензија: 27.04.2015
МТВ Дневник 2 во 19.30
Уредник и водител: Стојан Трпчевски

Форшпан:

-Автоматски пушки, снајпери, пиштоли, муниција. Ова е арсеналот што го нашла полицијата во домот на 55 годишен жител на Брест. МВР се уште трага по осомничениот што учествувал во нападот во Гошинце.
– Кога СДСМ не успеа да ја освои својата цел во неговиот бастион, тоа покажува дека стратегијата што ја води партијата не дава ефект. Аналитичари за неуспешниот референдум за ГТЦ.
-.20 000 работни места за една година. Од денеска стартува проектот кој треба да обезбеди егзистенција за вкупно 150 000 граѓани. Надлежните велат дека придовки ќе има и приватниот сектор.
-.Километарско торнадо носи се со себе во Тексас. Силен град крши ветробрански стакла на автомобили.. Метеоролозите предвидуваат дека невремето ќе има уште поголема сила.

Форшпанот го насочува вниманието на јавноста кон теми преку кои се добива впечаток дека власта прави успешни потези за напредок на земјата, како што е намалување на невработеноста, се грижи за безбедноста на граѓаните. Од друга страна се создава тензија и се испраќа порака(иако се повикува на аналитичари)до граѓаните дека стратегијата на СДСМ е погрешна, не дава ефект и затоа и референдумот е неуспешен.

Во форшпанот немаше место за ударните вести кои го одбележаа денот:
-Средношколците кои ги зацврстија шаторите по неуспешните преговори со министерот за образование Абдулаќим Адеми.
-Пораката на германската амбасадорка Кристине Алтхаузер која повика на оставки
-Најавата за првомајскиот протест на УПОЗ против новиот Закон за администрацијата
-Изјавата на Ахмети дека „не е став на државата туку на поединец, дека Гошинце е дело на Косовари“
-Земјотресот во Непал кој се уште е главна вест во сите светски медиуми

Вестите беа во траење од 33 минути. Впечатокот е дека во државата се случува економски бум, а Владата прави се економските инвестиции да влезат во земјата, па така и воодушевувањето на германските компании кои би се вратиле повторно да инвестираат во земјата, тука е и големиот проект на Владата за намалување на невработеноста, подобрување на бизнис климата( иако законски решенија се уште не поминале ниту во Влада ниту во Собрание), промоција на АРМ и слично. Во сите прилози неизоставно беа присутни речиси сите министри од Владата, а најголем процент(98 проценти, според слободна проценка) од нив и по форма и по суштина не ги задоволуваа правилата за балансирано известување. Тие изобилуваа со долги изјави од претставници на власта, во некои од нив имаше ставови од аналитичари блиски до власта, додека втората страна или ја немаше или беше застапена со кратка изјава од неколку секунди, со грижливо одбрано тонско парче по вкус на националниот сервис. На граѓаните им беше сервиран Дневник преку кој се добива впечаток дека Македонија е економски стабилна и безбедна земја, а опозицијата со прислушуваните разговори создава немир и погрешна клима која нема ефект и води кон дестабилизација на земјата.

Содржина:

Централниот Дневник на МТВ започна со прилогот за акцијата на МВР која пронашла оружје и униформа од УЧК во куќата на 55 годишен жител на Брест против кој ќе биде покрената пријава за нападот во полициската станица во Гошинце.

Новинар:Анита Димитриевска
„Пронајдено дел од оружјето украдено во Гошинце“
Освен изобилството од инсерти од пронајдено оружје од снимките од МВР, приоритет се даде на двете изјави на министерката на МВР Гордана Јанкуловска која демантира дека случајот бил фингиран, за што рече рече дека тврделе некои медиуми,со цел да се тргне вниманието од јавноста. Втората изјава даде јасна пораката насочена кон јавноста дека „Обидот да се внесе раздор и немир нема да успее, граѓаните се доволно мудри и знаат на што треба да веруваат, а на што не“. Немаше никаква изјава од семејството на осомничениот, ниту од жители на Брест или Гошинце.

Меѓуфоршпан:
-Четири од пет компании повторно би инвестирале во Македонија. Истражување на германската Стопанска комора.(Повторно популистичка најава која треба да се вреже во меморијата дека странските компании сакаат да инвестираат во Македонија).
Веднаш потоа следуваат серија прилози кои ги промовираат проектите на Владата.
„Стартува проектот за намалување на невработеноста“
Новинар:Сунчица Николовска

Министерот за труд и социјала на снимка од линк во вестите во 17 часот зборува за масовни вработувања на дури 20 000 луѓе од различни категории: Млади луѓе до 35 години, невработени од 35-50, возрасни до 58 години, како и ранливи категории, инвалиди, луѓе со пречки во развојот. На приватните компании кои ќе се понудат да ги вработат Владата им нуди пакети од социјални придобивки и ослободување од персонален данок за лицата до 35 години, за повозрасните во траење од 3 до 5 години, за тие над 58 години до пензионирање. Не видовме подлабока анализа од каде Владата ќе најде финансиски средства за овие пакети. Немаше експерти кои ќе објаснат дали овие работни места ќе бидат економски издржани или се уште еден товар на буџетот на државата. „
„Новите мерки ќе му помогнат на бизнисот“
Новинар:Дијана Ценевска

Поентата на прилогот е дека одложеното плаќање на камата за придонесите на фирмите кои не си ги подмириле овие обврски ќе ја помогне бизнис климата. Извршниот директор на Сојуз на Стопански комори Митко Алаксов ја подржа оваа мерка, а веднаш по него портпаролот на Владата Александар Ѓорѓев изјави дека ова законско решение треба да се најде на владина седница за десеттина дена, а на крајот на мај и во собраниска процедура. Се промовира мерка која се уште не е изгласана и донесена.
„Германски фирми повторно би инвестирале кај нас“
Новинар:Мартин Пушевски

Наместо да започне со изјавата на германската амбасадорка Кристине Алтхаузер која порача дека оставките на власта се неизбежни, со забелешките од повеќето учесници е кои упатуваат сериозна критика до Владата дека една од најважните задачи е да се грижи за политичката и социјалната стабилност, што е поврзано со моменталната ситуација, дека Германците се пожалиле на јавните набавки, даночната политика и администрацијата, во преден план се ставени податоци кои говорат во суперлатив за земјат. Тоа е дека истражувањето на македонско-германското стопанско здружение покажало дека 80 проценти од германските компании кои оперираат во земјава повторно би ја одбрале Македонија(4 од 5 компании), една третина би инвестирале годинава, а 27 проценти ќе ангажираат нови работници. Се прави забуна и замајување на гледачите кои како конзументи ги примаат информациите што им се сервираат.
„Македонија дел од брзиот транспортен коридор“(Повторно за позитивните сигнали кои ги праќа Владата)
Новинар:Сузана Фиданска

Македонија ќе инвестира 750 милиони евра за модернизација на коридорите за побрз транспорт на стоки за што преговара со Ексим банката да се инвестира во брзата железница. И во овој прилог се појави уште еден претставник на Владата. Вицепремиерот Владимир Пешевски го промовираше проектот, потенцирајќи дека Македонија е потенцијален логистички центар заради својата стратешка и географска позиција. Недостасува издржана анализа, прилогот е промоција на проект со кој се оправдуваат повторните задолжувања на Владата.
„Неуспехот за ГТЦ- Неуспех за опзицијата“
Новинар: Миле Ристевски

Актуелните случувања околу референдумот најдоа свое место на средина од вестите, во 15-та минута, но овој прилог траеше 2.56 минути. Се поентираше со тоа дека прислушуваните разговори не ги даваат очекуваните резултати кај политички неопределените граѓани, кои ја пратиле најсилната порака и не излегле на гласање. Иако се тежнее кон политиката на владеачката партија, сепак овој прилог изобилува со изјави и ставови од повеќе страни.
Место за став му беше отстапено на аналитичарот Владимир Божиновски,кој ја критикуваше опозицијата, потоа градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски со кратка изјава од 5-6 секунди, а најмногу простор му беше отстапен на Илија Димовски кој упати театрална пораката до граѓаните. Со една реченица беше пренесен и ставот на СДСМ, а и ФБ статуси и колумни на жестоки критичари на власта, кои како што беше речено, овој пат настапиле со критика кон опозицијата.

Се констатира дека на референдумот гласале ист број на гласачи како на претходните избори, а прислушуваните разговори немале ефект кај неопределените. Владеачката партија стоела надвор од референдумот, ниту давала сугестија на своите гласачи.
„ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан“
Новинар: Катерина Топалова
Се работи информација од дебата организирана од Корнад Аденауер, каде учествуваат професори и дипломати кои дискутираат за ЕУ интеграциите.
Новинарката пренесува дека речиси сите учесници се согласиле дека недостасува политичка култура во земјата, дека патот до ЕУ не е лесен, може да биде трнлив и исцрпувачки.

Останатите медиуми кои се трудат да известуваат балансирано, информацијата ја започнаа обратно, со изјавата на германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаузер која порачува дека мора да има оставки и почеток на транспарентна и независна истрага за да почне да се решава политичката криза во Македонија.
„Селективен курс за избор на професионални војници“
Новинар: Милчо Велевски

Следуваше прилог за издржливоста, вежбите и селекцијата која се врши на терен за избор на 125 професионални војници. Се потенцира подготвеноста на АРМ, дури и министерот за одбрана Зоран Јолевски пред камерата на МТВ направи подвиг и се спушти на јаже од 30 метри височина.
Дури по оваа тема во Дневникот 2 на МТВ, во 22 –та минута место им беше отстапено на средношколците и нивниот бојкот пред МОН каде што логоруваат во шатори.
„Барањата на средношколците ќе бидат разгледани“
Новинар: Адријана Атанасовска

Во краткиот прилог министерот Адеми повторно ги повика средношколците да се вратат во училишните клупи бидејќи реформите не се на нивна штета,а Пешевски порача дека секоја флексибилност е заради нивна безбедност. Средношколците најавија дека остануваат во шаторите пред МОН, се додека не се исполнат нивните барања.
Следува изјава на Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски кој ни порача дека нема скратување на работното време на кафулињата, тие ќе работат како и досега, а на него не му било јасно како дошло до така погрешна информација во јавноста.

Вестите од свет беа застапени со три информации:

-Состојбата со земјотресот во Непал, Примирјето во Украина, Торнадо во Тексас и анализа на Мирјана Василева за изборите во Британија на 7-ми мај со наслов : „Лабуристите и конзервативците во тесна трка“. Прилогот беше коректно направен.
Во вестите од културата имаше два прилога за две премиери:
Премиера на документарен филм„Сведоци-Австралија за децата бегалци на која присуствуваше и министерката за култура Елизабета Камчевска Милевска(прилог на Александра Перевска)
Премиера на „Спанаќ со пржени компири“(информација на Дијана Ивановска)
Што немаше во вестите на МТВ, а граѓаните требаше да го видат:
-Најавата за првомајскиот протест на УПОЗ против новиот Закон за администрацијата
-Изјавата на Ахмети кој тврди дека „не е став на државата туку на поединец, дека Гошинце е дело на Косовари“
-Од вестите за култура изостана информацијата за Меѓународниот фестивал на монодрама во Битола.
-Помошта која светот ја нуди за настраданите во Непал(во вестите во 17 часот Црвениот крст бара помош од граѓаните на РМ, по што веста беше тргната)
-Реизборот на долгогодишниот претседател на Казахстан Нурсултан Назарбаев со 97,7 проценти од гласовите.

Резиме:

Иако. денот не изобилуваше со многу настани, граѓаните во Дневник 2 на МТВ немаа можност да ги видат и слушнат најважните информации кои го одбележаа денот или пак тие беа пренесени на начин кој не соодвествуваше со стварноста, се поентираше со незначајни работи, а главната вест не беше ставена во преден план. Таков беше случајот со изјавата на германската амабасадорка, која беше пренесена најдолу во веста, без да се придаде значење на кажаното. Информацијата за бојкотот на средношколците беше најдолу во вестите, а на публиката и беше скратена можноста да слушнат и дека борбата за ГТЦ продолжува, како што најавија од Граѓанската иницијатива. Граѓаните не ја добија вистинската слика за случувањата во понеделник 27 април, а јавниот сервис не ја заврши својата обврска, да известува балансирано и непристрасно, со информации кои ќе тераат на размислување за случувањата за вистинската состојба во државата. На конзументот кој е свесен за тоа, ваквата понуда од информации му е дегутантна и тешко е да ја слуша и прима како реална.

Новинарски пленум
Рецензент: Менче Точи

Поврзани новости