Решение за правосудниот испит на почетокот на идната недела – ќе се полага и на албански и на македонски?!

by jadranka 10:32
10:32

На почетокот од идната недела се очекува да се дојде до конкретен предлог како студентите и правниците Албанци ќе го полагаат правосудниот испит на албански јазик. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека в понеделник очекува средба во неговиот кабинет на која треба да „падне“ договор меѓу коалициските партнери за ова прашање, кое предизвика студентски протести, но и сериозни бранувања на политичката сцена.  Премиерот, како што самиот рече, се уште не го видел предлогот на групата уставни експерти.

„Да го видиме предлогот. Сè уште не сум го видел. Мислам дека следната недела, во понеделник, е договорена средба во мојот кабинет за презентирање на предлогот“, изјави кратко Мицкоски.

Висок извор од владејачката коалиција за „Фокус“ потврдува дека решението се бара во насока на компромис во кој ќе има полагање и на албански и на македонски јазик. Поточно, теоретскиот дел од испитот кандидатот да го полага на својот мајчин јазик, додека практичниот или таканеречените студии на случај пред комисија да се полага на македонски.  На тој начин, би можело да се задоволат барањата на кандидатите за полагање на овој испит, но и да се запазат уставните рамки кои предвидуваат дека во правосудствот, документите се водат на македонски. Истовремено, од извршната власт најавија дека предлог-решението ќе го достават и до Венецијанската комисија која треба да даде свое мислење.

Ова прашање во неколку наврати предизвика демонстрации на студентите Албанци во Македонија, кои не последниот протест во Скопје беа пооддржани од нивни колеги од Косово и Албанија. Паралелно, темата е повод и за жестока политичка пресметка на владејачката ВРЕДИ и опозициската ДУИ. Откако “интегративците“ јавно ги поддржаа протестите и ја обвинија власта дека го крши законот за јазици, ставајќи се, како што рекоа, во улога на слуги на ВМРО-ДПМНЕ и од ВРЕДИ не им останаа должни. Со серија прес конференции тие го вперија прстот во Мала Речица чии министри повеќе години го водеа ресорот Правда. „Серијалот на министри за правда од ДУИ не завршува со Блерим Беџети, Аднан Јашари и Валдет Џафери. Сега на ред е Билен Салији, уште еден кадар на ДУИ кој го имаше Министерството за правда во раце, но испитот по правосудство на албански јазик го остави таму каде што го затекна. Валдет Џафери не бил гостин во Министерството за правда. Бил министер, со мандат и можност да дејствува, но и за време на неговиот мандат правосудниот испит на албански јазик остана без решение“, потенцираа во последното партиско соопштение од ВРЕДИ.

Оттаму најавуваат и дека прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик ќе биде решено на системски начин, а во иднина и сите професионални испити ќе можат да се полагаат на албански јазик . „Правосудниот испит на албански јазик е само почеток. Наша цел е сите професионални испити да можат да се полагаат и на албански јазик. Албанците повеќе не сакаат врева, туку конкретни решенија“, порачаа од ВРЕДИ.

З.Ф.

 

Слични вести