Максим Димитриевски: Решението за правосудниот испит мора да биде во рамките на Уставот и законите

Премиерот Христијан Мицкоски за почетокот на идната недела најави решение за проблемот со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Прашање по кое коалициските партнери во власта ВРЕДИ и ЗНАМ имаат дијаметрално спротивни гледишта. Фокус“ направи интервју со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во кое беше прашан и на оваа тема. Тој не смета дека неговата партија е заобиколена во решавањето на „горливото“ прашање за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, по средбата (пред десетина дена) на коалициските партнери ВРЕДИ кај премиерот Христијан Мицкоски за прашање што е во ресор на министер од неговата партија. Еве дел од тоа интервју, објавено во бројот 1599 на 28.05.2026 година

by jadranka 10:44
10:44

Разговараше: Зоран ФИДАНОСКИ

 

ФОКУС: Слика од една средба деновиве во Владата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и челниците на ВРЕДИ, Изет Меџити и Билал Касами, го наметнува прашањето – дали ЗНАМ се заобиколува во владината коалиција. Ве прашувам ова, затоа што темата за која се зборувало на таа средба – полагањето на правосудниот испит е од ресор во надлежност на министер од вашата партија?

ДИМИТРИЕВСКИ: ЗНАМ не гледа на функционирањето на владата низ призма на партиски надмудрувања, туку низ призма на институционална одговорност, отчетност и коалициска координација. Во една владина коалиција, нормално е да има средби меѓу различни политички субјекти околу отворени прашања, особено кога станува збор за чувствителни теми како правосудниот испит и правниот систем.

За нас е најважно што Министерството за правда, предводено од министерот Филков, има јасен и принципиелен став дека сите решенија мора да бидат во рамки на Уставот и законите. Тој став беше јавно соопштен дека правосудниот испит е стручен испит поврзан со функционирањето на правосудниот систем и дека не смее да стане предмет на дневнополитички притисоци. Истовремено, премиерот Христијан Мицкоски јавно кажа дека евентуално решение треба да се бара системски, преку закон и во согласност со Уставот и согласно мислењето на Венецијанската комисија, а не преку импровизации или политички декларации. ЗНАМ не се чувствува заобиколена, ниту, пак, има причина за такви интерпретации. Нашите позиции во владата се јасни, коалициската комуникација е редовна и секој ресор си ја носи одговорноста согласно законските надлежности. За нас е суштински важно институциите да функционираат професионално, а не политички.

Владеењето на правото, почитувањето на Уставот и стабилноста на институциите се над секој дневнополитички интерес. Наместо да создаваме перцепција за тензии, потребно е сите партнери во владата да работат на решенија што ќе бидат политички одржливи, правно издржани и во интерес на државата и граѓаните.

ФОКУС: Најдовте „чаре“ во владината коалиција за правосудниот испит – ЗНАМ и ВРЕДИ имаат дијаметрално различни позиции, а во претходниот период евидентно беше дека премиерот зазема помек пристап за ова прашање од Вас. Како ќе го полагаат Албанците правници, правосудниот испит? 

ДИМИТРИЕВСКИ: Во владата не станува збор за ‘чаре’ или политички компромис на штета на правниот поредок, туку за изнаоѓање уставно и законско издржано решение. ЗНАМ од самиот почеток има јасен принципиелен став дека правосудниот испит мора да остане во рамки на законските процедури и стандардите што важат за сите граѓани подеднакво.

Ние не го делиме прашањето по етничка основа, не постојат ‘македонски’ или ‘албански’ правници, туку граѓани и правници што треба да ги исполнат условите пропишани со закон. Секој што ги исполнува законските критериуми и поседува соодветно правно образование, има право да полага правосуден испит, согласно Уставот и законите на државата.

Министерот за правда, во повеќе наврати потенцираше дека Министерството нема да поддржи решенија што би биле спротивни на правниот систем или би создале преседани надвор од законската рамка. Од друга страна, премиерот Мицкоски кажа дека владата ќе бара системско решение преку институциите и во согласност со Венецијанската комисија, а не преку политички импровизации.

Владеењето на правото мора да биде над политичките или етничките калкулации.

ФОКУС: Дали отсуството на министерот Игор Филков од решавање на прашањето значи дека премиерот веќе го „прецртал“ од министерската позиција во Правда? 

ДИМИТРИЕВСКИ: Апсолутно не. Таквите интерпретации се шпекулативни и не соодветствуваат со реалната состојба во Владата. Министерот за правда, Игор Филков е во постојана комуникација и координација со владата околу сите прашања што се во надлежност на Министерството за правда.

Токму ставовите што ги изнесе тој во изминатиот период покажуваат дека ЗНАМ има јасна и принципиелна позиција. Тоа што за одредени прашања се водат пошироки политички и коалициски консултации не значи ничие маргинализирање или ‘прецртување’. Во сериозна влада, особено кога станува збор за чувствителни правни и политички теми, нормално е премиерот да има координативна улога и да разговара со сите партнери во коалицијата. Но, институционалната надлежност и одговорност на Министерството за правда остануваат неспорни.

ЗНАМ целосно стои зад министерот Филков и неговиот професионален и непристрасен пристап.

Слични вести